Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 12:1-25

Дела 12:1-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Во тоа време, царот Ирод Агрипа им зададе многу маки на неколку припадници на црквата. Со меч го погуби апостол Јаков, братот на Јован. Кога виде дека со тоа им угодува на еврејските челници, го уапси и Петар, и тоа за време на празникот Бесквасници. Го фати Петра, го затвори и нареди четири групи од по четири војници да го чуваат, а по Пасхата да го изведе на јавно судење пред народот. Додека Петар беше в затвор, целата црква сесрдно Му се молеше на Бог за него. Ноќта, пред Ирод да го изведе на суд, Петар спиеше меѓу двајца војници, врзан со два син?ира, а пред вратата на затворот стоеше стража. Одеднаш, ангел Господов му пријде и светлина болсна во ќелијата. Го потчукна по рамото и го разбуди, велејќи му: „Станувај брзо!“ Тогаш син?ирите паднаа од неговите раце, а ангелот му рече: „Препаши се и обуј си ги сандалите!“ Петар го послуша. Потоа му рече: „Префрли си ја наметката и оди по мене!“ Така Петар излезе од затворот, следејќи го ангелот, и не беше свесен дека тоа што се случува е на јаве, туку мислеше дека сонува. Ја поминаа првата стража, ја поминаа и втората стража, дојдоа пред железната градска порта и таа сама им се отвори, па излегоа и тргнаа по една улица. Тогаш ангелот исчезна. А кога Петар дојде на себеси, рече: „Сега се уверив дека Господ навистина испрати Свој ангел да ме избави од Ирод и од она што сакаа да ми го сторат Евреите!“ Потоа Петар се упати кон куќата на Марија, мајката на Јован, со прекар Марко. Таму имаше многу христијани собрани на молитва. Чукна на портата. Дојде слугинката по име Рода и кога му го позна гласот, од радост не му отвори, туку втрча во куќата и им кажа дека Петар стои пред портата. „Ти не си при себе!“ - и рекоа луѓето, но таа упорно тврдеше дека ја зборува вистината. „Тоа мора да е неговиот ангел!“ - велеа тие. Петар продолжуваше да чука и кога конечно му отворија и го видоа, се стаписаа! Им даде знак со раката да молчат и им раскажа како Господ го изведе од затворот, па додаде: „Јавете му за ова на Јаков и на другите браќа - христијани.“ Потоа Петар си замина и отиде на друго место. Кога се раздени, настана паника меѓу војниците. Не знаеја што се случило со Петар! Ирод испрати потера, но не го најде. Ги испрашуваше и стражарите, но безуспешно, па нареди да ги погубат. Потоа Ирод ја напушти Јудеја и привремено се пресели во Цезареја. Ирод беше во многу лоши односи со граѓаните на Тир и Сидон. Тие се здружија, испратија кај него делегација. Го поткупија Бласт, кој му беше собар, и побараа да склучат мир, бидејќи нивната земја добиваше храна од земјата на царот Ирод. На договорениот ден, Ирод се облече во царска облека, седна на престолот, и му одржа говор на насобраниот народ. Народот одушевено викаше: „Ова е глас на бог, а не на човек!“ Во истиот миг ангел Господов го удри со болест, зашто не Му оддаде слава на Бог. Во неговото тело се развија црви од што тој набргу умре. А Божјата порака се пошироко се проповедаше и бројот на христијаните растеше. Откако ја завршија мисијата во Ерусалим, Барнаба и Савле се вратија во Антиохија. Со себе го зедоа Јована, со прекар Марко.

Дела 12:1-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Во тоа време цар Ирод стави рака на некои од Црквата, и почна да ги измачува. Со меч го уби Јакова, братот Јо­ва­нов. А кога виде дека тоа им се допаѓа на Јудејците, го фати и Петар. Тоа беше за време на Бесквасници. Него, кога го фати, го фрли в затвор предавајќи го на четири групи по че­ти­ри војници да го пазат. Неговата намера беше веднаш по Пасхата да го изведе пред народот. И така, додека Петар го пазеа во затворот, Црквата непрестано Му се молеше на Бога за него. Ноќта, спроти денот кога Ирод сакаше да го изведе, Петар спиеше меѓу двајца војници, окован во два пара ланци, а стражарите пред портата го чуваа затворот. И, ете, ангел Господов застана, и светлина блесна во затворот. Ангелот го потчукна Петар по ребрата и го разбуди, па му рече: „Стани брзо!“ И оковите му паднаа од рацете негови. Тогаш ангелот му рече: „Препашај се и обуј си ги чевлите!“ Така и на­пра­ви. И пак му рече: „Облечи ги алиш­та­та свои и оди по мене!“ И излезе и тргна по него, а не зна­еше дека тоа, што го направи ангелот, е вистина, туку си мислеше дека гледа привид. Откако ја изминаа првата и втората стража, дојдоа до железната порта, што водеше кон градот, а таа им се отвори сама. Тие излегоа и преминаа преку ед­на улица, и во тој час ангелот го снема. Тогаш Петар, откако дојде на себе, си рече: „Сега знам дека навистина Гос­под го пратил Својот ангел да ме избави од рацете Иродови и од сѐ, што оче­ку­ваше јудејскиот народ.“ Сфаќајќи го тоа, тој дојде до куќата на Марија, мајката на Јован, наречен Марко, каде што беа собрани многумина на молитва. А кога Петар затропа на портата, слугинката по име Рода пријде да наслушне. И, штом го позна гласот на Петар, таа од радост не ја отвори портата, туку се втрча и јави дека Петар стои пред портата. А тие ѝ рекоа: „Луда ли си ти?“ Но таа потврдуваше дека тоа е така. А тие велеа: „Тоа е сигурно неговиот ангел.“ Петар, пак, постојано чукаше. А кога му отворија, го видоа и се зачудија многу. Тој им мавна со раката да молчат, а потоа им раскажа како Господ го извел од затворот, и рече: „Соопштете му за ова на Јаков и на браќата!“ Потоа из­ле­зе и отиде на друго место. Утредента меѓу војниците настана голема вознемиреност поради тоа што се случило со Петар. А Ирод, кој испрати потера по него, но не успеа да го пронајде, откако ги ис­пита стражарите, заповеда да ги погубат. Потоа тој слезе од Јудеја во Кеса­рија, и таму се задржа. Ирод беше гневен на Тирците и Си­донците. Но тие, бидејќи нивните земји добиваа храна од неговото царство, се договорија и дојдоа кај него еднодушни, и откако го придобија на своја страна Власта, царевиот собар, побараа мир. Во договорениот ден Ирод, облечен во царска облека, седна на престолот и одржа говор пред народот. А народот воскликнуваше: „Ова е глас Божји, а не човечки.“ Но ненадејно во истиот миг ангел Господов, силно го удри, зашто не Му воздаде слава на Бога. И, изеден од цр­ви, тој умре. А словото Божјо сѐ повеќе растеше и се распространуваше. Варнава и Савле, откако го исполнија задолжението, од Ерусалим се вра­тија во Антиохија, од каде што го зедоа со себе и Јован, наречен Марко.

Дела 12:1-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Во тоа време царот Ирод се зафати да измачува некои, кои ѝ припаѓаа на црквата. И го погуби со меч Јовановиот брат Јаков. И кога виде дека тоа им се допадна на Јудејците, го фати и Петра, а беа денови на бесквасните лебови. Го фати и го фрли во темница, предавајќи им го на четири стражи - од по четири војника - да го чуваат, со намера да го изведе пред народот по Пасхата. И така, Петра го чуваа во темницата, а црквата постојано Му се молеше на Бога за него. И кога Ирод сакаше да го изведе, во истата ноќ Петар спиеше меѓу двајца војници, окован во двојни вериги, а стражарите пред вратата ја чуваа темницата. И ете, Господов ангел застана и светлина блесна во собата. Тој го чукна Петра по ребрата, го разбуди и му рече: „Стани бргу!“ И веригите му паднаа од рацете. Тогаш ангелот му рече: „Опаши се и обуј ги своите сандали!“ Петар направи така. И му рече уште: „Наметни ја својата облека и дојди по мене!“ И излезе и тргна по него и не знаеше, дека тоа што ангелот го направи е вистинско, но мислеше дека гледа привид. Така ги изминаа првата и втората стража и дојдоа до железната врата, која води во градот; таа им се отвори сама. И излегоа и преминаа една улица, а ангелот веднаш отстапи од него. И кога Петар дојде на себеси, рече: „Сега навистина знам дека Господ го пратил Својот ангел, и ме избави од Иродовата рака и од сѐ што очекуваше јудејскиот народ.“ Согледувајќи го тоа, дојде до куќата на Марија, мајката на Јована, наречен Марко - каде беа собрани мнозина да се молат. И кога чукна на дворната врата, дојде слугинката, по име Рода, да наслушне. И кога го препозна Петровиот глас, од радост не ја отвори вратата, туку втрча и јави дека Петар стои пред вратата. А тие ѝ рекоа: „Ти си луда!“ Но таа и натаму тврдеше дека е вистина. Тие рекоа: „Тоа е неговиот ангел.“ А Петар продолжуваше да чука. И кога ја отворија вратата, го видоа и се восхитија. Тој им мавна со раката да молчат и им раскажа како Господ го изведе од темница и рече: „Јавете им за ова на Јакова и на браќата!“ Потоа излезе и отиде на друго место. А кога се раздени, настана не мал смут меѓу војниците: што бидна со Петра? И кога го побара, и не го најде, Ирод ги сослуша стражарите и заповеда да ги погубат, и слезе од Јудеја во Ќесарија и таму престојуваше. И беше гневен на Тирците и Сидонците, но тие дојдоа еднодушно при него, и откако го придобија царевиот собар Власта, замолија за мир, зашто нивната земја внесуваше храна од царската земја. Во определениот ден Ирод, облечен во царска облека, седна на престолот пред народот и одржа говор пред нив. А народот извика: „Глас Божји, а не човечки!“ Тогаш веднаш, Господов ангел го удри, зашто не му воздаде слава на Бога, и беше изеден од црви и издивна. А Божјото слово растеше и се умножуваше. А Варнава и Савле, откако ја исполнија службата, се вратија од Ерусалим, земајќи го со себе Јована, наречен Марко.