Во тоа време царот Ирод се зафати да измачува некои, кои ѝ припаѓаа на црквата. И го погуби со меч Јовановиот брат Јаков. И кога виде дека тоа им се допадна на Јудејците, го фати и Петра, а беа денови на бесквасните лебови. Го фати и го фрли во темница, предавајќи им го на четири стражи - од по четири војника - да го чуваат, со намера да го изведе пред народот по Пасхата. И така, Петра го чуваа во темницата, а црквата постојано Му се молеше на Бога за него. И кога Ирод сакаше да го изведе, во истата ноќ Петар спиеше меѓу двајца војници, окован во двојни вериги, а стражарите пред вратата ја чуваа темницата. И ете, Господов ангел застана и светлина блесна во собата. Тој го чукна Петра по ребрата, го разбуди и му рече: „Стани бргу!“ И веригите му паднаа од рацете. Тогаш ангелот му рече: „Опаши се и обуј ги своите сандали!“ Петар направи така. И му рече уште: „Наметни ја својата облека и дојди по мене!“ И излезе и тргна по него и не знаеше, дека тоа што ангелот го направи е вистинско, но мислеше дека гледа привид. Така ги изминаа првата и втората стража и дојдоа до железната врата, која води во градот; таа им се отвори сама. И излегоа и преминаа една улица, а ангелот веднаш отстапи од него.
И кога Петар дојде на себеси, рече: „Сега навистина знам дека Господ го пратил Својот ангел, и ме избави од Иродовата рака и од сѐ што очекуваше јудејскиот народ.“ Согледувајќи го тоа, дојде до куќата на Марија, мајката на Јована, наречен Марко - каде беа собрани мнозина да се молат. И кога чукна на дворната врата, дојде слугинката, по име Рода, да наслушне. И кога го препозна Петровиот глас, од радост не ја отвори вратата, туку втрча и јави дека Петар стои пред вратата. А тие ѝ рекоа: „Ти си луда!“ Но таа и натаму тврдеше дека е вистина. Тие рекоа: „Тоа е неговиот ангел.“ А Петар продолжуваше да чука. И кога ја отворија вратата, го видоа и се восхитија. Тој им мавна со раката да молчат и им раскажа како Господ го изведе од темница и рече: „Јавете им за ова на Јакова и на браќата!“ Потоа излезе и отиде на друго место.
А кога се раздени, настана не мал смут меѓу војниците: што бидна со Петра? И кога го побара, и не го најде, Ирод ги сослуша стражарите и заповеда да ги погубат, и слезе од Јудеја во Ќесарија и таму престојуваше.
И беше гневен на Тирците и Сидонците, но тие дојдоа еднодушно при него, и откако го придобија царевиот собар Власта, замолија за мир, зашто нивната земја внесуваше храна од царската земја. Во определениот ден Ирод, облечен во царска облека, седна на престолот пред народот и одржа говор пред нив. А народот извика: „Глас Божји, а не човечки!“ Тогаш веднаш, Господов ангел го удри, зашто не му воздаде слава на Бога, и беше изеден од црви и издивна.
А Божјото слово растеше и се умножуваше. А Варнава и Савле, откако ја исполнија службата, се вратија од Ерусалим, земајќи го со себе Јована, наречен Марко.