Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 10:1-33

Дела 10:1-33 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Во Кесарија имаше еден човек, по име Корнилиј, стотник од таканаречената Италска чета. Тој беше благочестив и богобојазлив човек, заедно со целиот негов дом; изобилно му даваше милостина на народот и секогаш Му се молеше на Бога. Еднаш околу деветтиот час од де­нот, тој виде најаве ангел Божји, како доаѓа кај него и му вели: „Корнилиј!“ А тој го впери погледот во него и си­от уплашен рече: „Што е Господи?“ Тој му рече: „Бог си спомна за молитвите твои и милостините твои. И сега, прати луѓе во Јопија и по­викај го Симон, кого го викаат Петар. Тој престојува таму како гостин кај некој си кожар Симон, чија куќа се на­оѓа покрај морето.“ Кога си отиде ангелот што му зборуваше, Корнилиј повика двајца од своите слуги и еден благочестив војник, кои постојано се наоѓаа кај него; па, откако им кажа сѐ, ги прати во Јопија. Утредента, додека тие патуваа и на­ближуваа до градот, Петар околу шес­тиот час се качи на рамниот пок­рив од куќата да се помоли. И бидејќи беше огладнел, сакаше нешто да јаде; а додека му приготвуваа, тој падна во занес, и го виде небото отворено и некаков сад како слегува кон него, сличен на не­кое големо платниште, врзано за че­ти­рите краишта, и се спушташе на земјата. Во него имаше секакви четиринож­ни животни, ѕверови, влекачи земни и птици небески. И дојде глас кон него: „Петре, ста­ни, заколи и јади!“ А Петар рече: „Никако, Господи, зашто никогаш не сум јадел погано или нечисто.“ И повторно дојде глас кон него: „Она што Бог го очистил, ти не го сме­тај за нечисто!“ Тоа се повтори трипати, а садот пак се крена кон небото. И додека Петар беше во недоумица што значи тоа видение што го виде, ете ги луѓето, испратени од Корнилиј, кои откако се распрашаа и го најдоа домот на Симон, застанаа пред портата. Тогаш повикаа и прашаа: „Овде ли гостува Симон, наречен Петар?“ И додека Петар размислуваше за видението, Духот му рече: „Ете, те ба­раат тројца луѓе. Туку стани, слези и оди со нив, не размислувајќи ништо; зашто Јас ги пратив!“ Штом слезе кај луѓето, испратени од Корнилиј кај него, Петар рече: „Јас сум тој, кого го барате. Зошто сте дош­ле?“ А тие му одговорија: „Стотникот Корнилиј, човек праведен и богобојаз­лив, познат по своите добрини меѓу си­от јудејски народ, прими заповед од свет ангел да те повика во својот дом и да ги послуша твоите зборови.“ Тогаш Петар ги повика внатре и ги нагости. А утрината стана и отиде со нив; со него заминаа и некои браќа од Јопија. Следниот ден тие пристигнаа во Кесарија. А Корнилиј ги чекаше, по­ви­кувајќи ги своите роднини и блиски пријатели. Додека Петар влегуваше, Корнилиј му дотрча во пресрет, падна пред нозете негови и му се поклони. А Петар го подигна и му рече: „Стани, и јас сум само човек.“ И така разговарајќи со него, влезе внатре, каде што најде мнозина соб­рани. И им рече: „Вие знаете дека на чо­век Јудеец му е забрането да се дружи или да оди кај човек од друг род. Но ме­не Бог ми покажа ниеден човек да не го нарекувам поган или нечист. Затоа, кога бев поканет, дојдов без двоумење. Сега ве прашувам, зошто ме повикавте?“ И Корнилиј одговори: „Пред че­ти­ри дена, сѐ до овој час постев, а во де­веттиот час се молев во својот дом. Одеднаш, пред мене застана човек во светла облека, и ми рече: ‚Корнилиј, твојата мо­литва е услишена, и за твоите милостини Бог Си спомна. Затоа прати некого во Јопија и по­викај го Симон, наречен Петар; тој сега престојува на гости кај Симон Ко­жа­рот, покрај морето.‘ Затоа јас веднаш пратив луѓе по те­бе, и ти добро направи што дојде. Сега, пак, ние сите стоиме пред Бога за да слушнеме сѐ што ти е од Бога за­по­ве­дано.“

Дела 10:1-33 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Во градот Цезареја имаше еден римски офицер по име Корнелиј. Тој беше командир на Италијанскиот полк. Беше побожен човек и имаше страхопочит спрема Бог, заедно со сите што живееја во неговиот дом. Делеше многу милостина и постојано Му се молеше на Бог. Еден ден, околу три часот попладне имаше видение: еден Божји ангел дојде кај него и му рече: „Корнелиј!“ Ѕурејќи исплашено во него, Корнелиј одговори: „Молам, господине?“ Ангелот му рече: „Бог ги слушна твоите молитви, а и милостината што ја даваш, не остана незабележана. Испрати сега неколку луѓе во Јопа да го доведат човекот по име Симон, кого уште го викаат и Петар! Тој престојува кај кожарот Симон, чија куќа е крај морето.“ Кажувајќи му го ова, ангелот си замина. Корнелиј викна двајца слуги и еден од своите потчинети војници, кој исто така беше побожен човек. Им објасни што се случи и ги испрати во Јопа. Утредента, околу пладне, додека гласниците на Корнелиј патуваа и се приближуваа накај градот, Петар се качи на рамниот покрив за да се моли. Кога огладне, посака нешто да јаде. Додека му го подготвуваа јадењето, тој падна во занес и виде како се отвора небото, и како кон земјата се спушта нешто како големо, ленено платно, врзано на четирите ќошиња, а во него имаше секаков вид четириножни животни, влечуги и птици. Тогаш слушна глас: „Петре! Стани, коли и јади!“ „Никако Господе! Јас никогаш досега не сум јадел нешто што е забрането да се јаде според еврејските закони!“ - одговори Петар. Гласот уште еднаш му се јави: „Немој да го сметаш за нечисто она што Бог го исчистил!“ Ова се повтори трипати, а потоа платното беше кренато на небото. Петар беше збунет и се прашуваше што може да значи ова видение. Тогаш ги виде луѓето испратени од Корнелиј, кои, прашувајќи, дојдоа до куќата на Симон и стоеја пред портата, прашувајќи дали тука престојува Симон, наречен Петар. Додека Петар уште размислуваше за видението што го имаше, Светиот Дух му рече: „Те бараат тројца мажи. Стани и појди со нив, без да се двоумиш, зашто Јас ги испратив.“ Петар слезе кај луѓето и им рече: „Јас сум човекот што го барате. За што сте дојдени?“ Тие му одговорија: „Не испрати офицерот Корнелиј. Тој е праведен човек и има страхопочит спрема Бог. За него сите Евреи имаат добро мислење. Тој доби наредба од светиот ангел да те повика во својот дом и да слушне од тебе што имаш да му кажеш.“ Потоа Петар ги покани да влезат и ги прими како гости. Утредента, замина со нив, во придружба на неколку христијани од Јопа. Следниот ден стигнаа во Цезареја. Таму го чекаше Корнелиј, кој ги беше викнал своите роднини и блиски пријатели. Кога Петар влегуваше, Корнелиј клекна пред него, искажувајќи му така длабока почит. Петар го крена и му рече: „Стани! И јас сум само човек, како што си и ти.“ Корнелиј стана, а Петар почна да му зборува. Кога влегоа внатре, Петар виде голем број собрани луѓе. Тогаш Петар им рече: „Вие знаете дека е спротивно на еврејските закони да се дружам со неевреи и да доаѓам кај нив. Но Бог ми покажа дека никого не треба да го сметам за гнасен и нечист. Затоа, без да се противам, се одѕвав на вашата покана. А сега да ве прашам: Зошто ме повикавте?“ Корнелиј му одговори: „Пред четири дена, во три часот попладне, се молев во својата куќа, кога одненадеж пред мене застана еден човек во блескава облека, и ми рече: ,Корнелиј, Бог ги услиши твоите молитви и си спомна за твојата дарежливост спрема сиромашните. Испрати гласници во Јопа да го повикаат човекот што го викаат Петар, кој престојува во куќата на кожарот Симон, близу до морскиот брег!‘ Затоа веднаш испратив по тебе и ти добро направи што дојде. Еве не сега сите собрани овде пред Бог, за да слушнеме што се ти е доверено од Господ.“

Дела 10:1-33 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Во Ќесарија беше некој човек, по име Корнелиј, стотник во таканаречениот Италиски полк; беше побожен и богобојазлив со сиот свој дом; кој му даваше многу милостини на народот и Му се молеше на Бога постојано. Околу деветтиот час на денот, виде јасно во видение Божји ангел, како доаѓа при него и му рече: „Корнелиј!“ А тој погледна во него и исплашен рече: „Што е, Господи?“ Му рече: „Твоите молитви и твоите милостини се воздигнаа до Бога и Тој си спомнува за нив. И сега, испрати луѓе во Јопија и повикај некој Симон, кој се вика Петар. Тој му е гостин на некој Симон, кожар, чија куќа е покрај морето; тој ќе ти каже што треба да направиш.“ И кога си отиде ангелот, кој му зборуваше, повика двајца свои слуги и еден побожен војник, од оние, кои беа постојано покрај него, и им кажа сѐ и ги испрати во Јопија. А утреден, додека тие патуваа и наближуваа до градот, Петар излезе околу шестиот час, се качи на покривот на куќата, да се помоли. Огладне и посака да јаде; и додека му приготвуваа јадење, тој имаше видение: и виде отворено небо и некаков сад како големо платно да слегува и се спушта со своите четири краишта на земјата. Во него беа сите четвороножни животни, и земни лазачи, и небесни птици. И еден глас му рече: „Стани, Петре, заколи и јади!“ А Петар рече: „Никако, Господи, зашто уште никогаш не сум јал нешто погано и нечисто!“ И гласот повторно му се јави: „Она што Бог го очистил, ти не наречувај го погано!“ И тоа се случи трипати, и садот веднаш беше земен на небо. И додека Петар беше во недоумение во себе, што би можело да значи видението, што го виде; ете, луѓето испратени од Корнелиј, откако се распрашаа за Симоновата куќа, застанаа пред вратата, и прашаа: „Дали е тука на гости Симон, наречен Петар?“ И додека Петар уште размислуваше за видението, Духот му рече: „Еве, те бараат тројца мажи; туку стани, слези и оди со нив не размислувајќи, зашто Јас ги пратив!“ Тогаш Петар слезе при луѓето, испратени од Корнелиј при него и рече: „Еве, јас сум оној, кого го барате. Зошто дојдовте?“ А тие рекоа: „Стотникот Корнелиј - маж праведен и богобојазлив, посведочен од целиот јудејски народ, прими заповед од свет ангел да те повика во својот дом и да чуе зборови од тебе.“ Тогаш ги повика внатре и ги нагости. А утреден стана и отиде со нив, и некои браќа од Јопија отидоа со него. На другиот ден влегоа во Ќесарија, а Корнелиј ги чекаше, откако ги повика своите роднини и блиските пријатели. А кога Петар влегуваше, Корнелиј му излезе во пресрет, падна пред неговите нозе и се поклони. А Петар го подигна, велејќи: „Стани! И јас сум само човек!“ И разговарајќи со него, влезе и најде мнозина собрани. И им рече: „Вие знаете дека на Јудеец не му прилега да се дружи со човек од друг род и да доаѓа при него. Но, мене Бог ми покажа никого да не наречувам поган или нечист. Затоа дојдов без приговор, кога ме повикавте. Затоа прашувам - по која причина ме повикавте?“ И Корнелиј рече: „Пред четири дена, во овој час, во деветтиот час, се молев во својот дом; и ете, пред мене застана човек во светла облека и рече: ‘Корнелиј, послушана е твојата молитва и Бог си спомна за твоите милостини. И така, испрати некого во Јопија и повикај го Симона, кој се вика Петар! Тој е гостин во куќата на Симона, кожарот, покрај морето; кога тој ќе дојде ќе ти зборува.’ И веднаш пратив при тебе, и ти направи добро што дојде. Сега тука, сите сме пред Бога, за да чуеме сѐ што Господ ти заповедал.“