Во Ќесарија беше некој човек, по име Корнелиј, стотник во таканаречениот Италиски полк; беше побожен и богобојазлив со сиот свој дом; кој му даваше многу милостини на народот и Му се молеше на Бога постојано. Околу деветтиот час на денот, виде јасно во видение Божји ангел, како доаѓа при него и му рече: „Корнелиј!“ А тој погледна во него и исплашен рече: „Што е, Господи?“ Му рече: „Твоите молитви и твоите милостини се воздигнаа до Бога и Тој си спомнува за нив. И сега, испрати луѓе во Јопија и повикај некој Симон, кој се вика Петар. Тој му е гостин на некој Симон, кожар, чија куќа е покрај морето; тој ќе ти каже што треба да направиш.“ И кога си отиде ангелот, кој му зборуваше, повика двајца свои слуги и еден побожен војник, од оние, кои беа постојано покрај него, и им кажа сѐ и ги испрати во Јопија.
А утреден, додека тие патуваа и наближуваа до градот, Петар излезе околу шестиот час, се качи на покривот на куќата, да се помоли. Огладне и посака да јаде; и додека му приготвуваа јадење, тој имаше видение: и виде отворено небо и некаков сад како големо платно да слегува и се спушта со своите четири краишта на земјата. Во него беа сите четвороножни животни, и земни лазачи, и небесни птици. И еден глас му рече: „Стани, Петре, заколи и јади!“ А Петар рече: „Никако, Господи, зашто уште никогаш не сум јал нешто погано и нечисто!“ И гласот повторно му се јави: „Она што Бог го очистил, ти не наречувај го погано!“ И тоа се случи трипати, и садот веднаш беше земен на небо.
И додека Петар беше во недоумение во себе, што би можело да значи видението, што го виде; ете, луѓето испратени од Корнелиј, откако се распрашаа за Симоновата куќа, застанаа пред вратата, и прашаа: „Дали е тука на гости Симон, наречен Петар?“ И додека Петар уште размислуваше за видението, Духот му рече: „Еве, те бараат тројца мажи; туку стани, слези и оди со нив не размислувајќи, зашто Јас ги пратив!“ Тогаш Петар слезе при луѓето, испратени од Корнелиј при него и рече: „Еве, јас сум оној, кого го барате. Зошто дојдовте?“ А тие рекоа: „Стотникот Корнелиј - маж праведен и богобојазлив, посведочен од целиот јудејски народ, прими заповед од свет ангел да те повика во својот дом и да чуе зборови од тебе.“ Тогаш ги повика внатре и ги нагости.
А утреден стана и отиде со нив, и некои браќа од Јопија отидоа со него. На другиот ден влегоа во Ќесарија, а Корнелиј ги чекаше, откако ги повика своите роднини и блиските пријатели. А кога Петар влегуваше, Корнелиј му излезе во пресрет, падна пред неговите нозе и се поклони. А Петар го подигна, велејќи: „Стани! И јас сум само човек!“ И разговарајќи со него, влезе и најде мнозина собрани. И им рече: „Вие знаете дека на Јудеец не му прилега да се дружи со човек од друг род и да доаѓа при него. Но, мене Бог ми покажа никого да не наречувам поган или нечист. Затоа дојдов без приговор, кога ме повикавте. Затоа прашувам - по која причина ме повикавте?“ И Корнелиј рече: „Пред четири дена, во овој час, во деветтиот час, се молев во својот дом; и ете, пред мене застана човек во светла облека и рече: ‘Корнелиј, послушана е твојата молитва и Бог си спомна за твоите милостини. И така, испрати некого во Јопија и повикај го Симона, кој се вика Петар! Тој е гостин во куќата на Симона, кожарот, покрај морето; кога тој ќе дојде ќе ти зборува.’ И веднаш пратив при тебе, и ти направи добро што дојде. Сега тука, сите сме пред Бога, за да чуеме сѐ што Господ ти заповедал.“