2 Тимотеј 2:7-19
2 Тимотеј 2:7-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Размисли за ова и Господ ќе ти помогне овие нешта целосно да ги разбереш! Постојано имај Го на ум Исус Христос! Тој му беше потомок на Давид и воскресна од мртвите. Тоа е Радосната вест што јас ја проповедам. Поради тоа што ја проповедам Радосната вест сега сум в затвор, како да сум злосторник. Но Божјата порака не е окована! Готов сум се да издржам, ако со тоа придонесам оние што Бог ги одбрал да добијат спасение и вечна слава, бидејќи Му припаѓаат на Исус Христос. Вистина е дека: „Ако сме умреле со Христос, со Него и ќе живееме. Ако издржиме, со Него ќе владееме. Ако се откажеме од Него и Тој ќе се откаже од нас. Ако не Му бидеме верни, Тој сепак ќе остане верен, зашто Христос не може да се порекне Самиот Себе.“ Потсетувај ги луѓето на овие работи. Сериозно предупредувај ги во Божјото име да не се фаќаат за збор и од тоа да прават расправии. Од такви расправии ништо добро не може да произлезе. Тие можат само да ги уништат оние што ги слушаат. Труди се да се докажеш пред Бог, како работник кој нема од што да се срами, зашто правилно ја проповеда вистината. Одбегнувај безбожни и бесмислени расправи. Тие само ги оддалечуваат луѓето од Бог. Таквите учења се како рак-рана што се шири по телото. Именеј и Филет ти се пример за тоа. Скршнаа од вистината. Тврдат дека мртвите веќе воскреснале. Тоа ја поткопа верата кај некои луѓе. Без оглед на тоа, темелот што Бог го има поставено е цврст. Врз него стои напишано: „Господ знае кои луѓе се Негови. Секој што се повикува на Господовото име треба да се откаже од секаков грев.“
2 Тимотеј 2:7-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Размисли што ти зборувам и Господ ќе ти даде да разбереш сѐ! Спомнувај си Го Господ Исус Христос од Давидовото семе, Кој воскресна од мртвите, според моето Евангелие, поради кое страдам дури до окови, како злосторник. Но словото Божјо не може да се стави во окови. Затоа сѐ трпам заради избраните, за да добијат и тие спасение во Христос Исус со вечна слава. Верни се зборовите: Ако со Него сме умреле, со Него и ќе живееме. Ако истраеме, со Него и ќе царуваме. А ако се одречеме од Него, и Тој ќе се одрече од нас. Ако не сме верни, Тој останува верен, бидејќи Сам Себе не може да се одрече. Ова напомнувај го заколнувајќи се пред Господ за да не се препираат, зашто препирките ништо не помагаат, а само им штетат на оние што слушаат. Погрижи се пред Бога да се докажеш како работник кој нема од што да се срами кога верно го проповеда словото на вистината. А од непристојни и празни зборови бегај, зашто тие ги водат луѓето уште повеќе кон безбожност. И словото нивно ќе се пренесува како жива рана. Такви се Именеј и Филит, кои застранија од вистината, говорејќи дека воскресението веќе се збиднало, и со тоа им попречуваат во верата на некои. Но Божјата цврста основа стои непоколебливо, имајќи го овој печат: „Ги познава Господ оние кои се Негови“ и „Да отстапи од неправда секој што го изговара името Господово!“
2 Тимотеј 2:7-19 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Разбери што зборувам, Господ ќе ти даде да разбереш сѐ. Помни Го Исуса Христа, Кој воскресна од мртвите, Кој е од Давидовото потомство, според моето Евангелие, за кое страдам сѐ до окови, како некаков злосторник. Но Божјото слово не е оковано. Заради тоа издржувам сѐ заради избраните, та и тие да добијат спасение со вечна слава во Христа Исуса. Веродостојно е словото: „Ако умревме со Него, со Него и ќе живееме; Ако трпиме, со Него и ќе царуваме; ако се одречеме од Него, и Тој ќе се одрече од нас; ако сме неверни, Тој останува верен! Зашто Сам Себе не може да се одрече.“ Ова напомнувај го, заколнувај ги пред Бога, да не се препираат околу зборови, тоа е неполезно, туку е за пропаст на слушателите. Труди се грижливо, за да се покажеш себеси достоен пред Бога како работник, кој не треба да се срамува, кој правилно го проповеда словото на вистината! А отстранувај се од непристојни и празни зборови, зашто таквите сѐ повеќе ќе напредуваат во безбожност, а нивното слово ќе разјадува како рак; од кои се Именеј и Филет, кои се оддалечија од вистината, тврдејќи дека воскресението веќе станало и со тоа ја рушат верата на некои. Сепак цврсто стои Божјата основа, која го има овој печат: „Господ познава кои се Негови“ и „Да отстапи од неправдата секој, кој Го именува Господовото име!“