2 Тимотеј 2:14-26
2 Тимотеј 2:14-26 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Потсетувај ги луѓето на овие работи. Сериозно предупредувај ги во Божјото име да не се фаќаат за збор и од тоа да прават расправии. Од такви расправии ништо добро не може да произлезе. Тие можат само да ги уништат оние што ги слушаат. Труди се да се докажеш пред Бог, како работник кој нема од што да се срами, зашто правилно ја проповеда вистината. Одбегнувај безбожни и бесмислени расправи. Тие само ги оддалечуваат луѓето од Бог. Таквите учења се како рак-рана што се шири по телото. Именеј и Филет ти се пример за тоа. Скршнаа од вистината. Тврдат дека мртвите веќе воскреснале. Тоа ја поткопа верата кај некои луѓе. Без оглед на тоа, темелот што Бог го има поставено е цврст. Врз него стои напишано: „Господ знае кои луѓе се Негови. Секој што се повикува на Господовото име треба да се откаже од секаков грев.“ Во богатите куќи нема само садови од злато и сребро, туку има и дрвени и глинени садови. Некои се за свечена, а некои за секојдневна употреба. Така е и со луѓето. Ако човек се исчисти, Бог ќе го издвои за посебни задачи и ќе може да го употреби за секаква добра работа. Бегај од искушенија својствени за млади луѓе! Стреми се кон праведност, вера, љубов и мир, заедно со оние што со чисто срце Го повикуваат Господ. Не учествувај во глупави и бесмислени расправии. Тие само доведуваат до кавги. Човек што Му служи на Бог не треба да се кара, туку да биде љубезен спрема сите, да ги поучува, да биде трпелив, кротко да ги поучува оние што и се противставуваат на вистината. Можеби Бог ќе им помогне да се покаат и да ја сфатат вистината. Тогаш ќе си дојдат на себеси и ќе се извлечат од стапицата во која ги има фатено Ѓаволот и ги има натерано да ги извршуваат неговите наредби.
2 Тимотеј 2:14-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Ова напомнувај го заколнувајќи се пред Господ за да не се препираат, зашто препирките ништо не помагаат, а само им штетат на оние што слушаат. Погрижи се пред Бога да се докажеш како работник кој нема од што да се срами кога верно го проповеда словото на вистината. А од непристојни и празни зборови бегај, зашто тие ги водат луѓето уште повеќе кон безбожност. И словото нивно ќе се пренесува како жива рана. Такви се Именеј и Филит, кои застранија од вистината, говорејќи дека воскресението веќе се збиднало, и со тоа им попречуваат во верата на некои. Но Божјата цврста основа стои непоколебливо, имајќи го овој печат: „Ги познава Господ оние кои се Негови“ и „Да отстапи од неправда секој што го изговара името Господово!“ Во голем дом има не само златни и сребрени садови, туку и дрвени и глинени; и едните се за почесна употреба, а другите за нечесна. И така, ако некој се очисти од тоа, тој ќе биде сад за почест, осветен, приспособен за употреба на господарот и приготвен за секое добро дело. Одбегнувај ги, исто така, и младешките копнежи, и стреми се кон праведноста, верата, љубовта, мирот со оние што Го повикуваат Господ од чисто срце! Глупави и празни расправии избегнувај, знај дека тие породуваат кавги! А слугата Господов не треба да влегува во расправии; туку да биде кроток кон сите, способен да поучува и да поднесува зло, со кротост да ги превоспитува противниците за да би можел Бог да им даде покајание, за да ја познаат вистината, и да се ослободат од мрежата на ѓаволот кој ги уловил живи за да ја исполнуваат неговата волја.
2 Тимотеј 2:14-26 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Ова напомнувај го, заколнувај ги пред Бога, да не се препираат околу зборови, тоа е неполезно, туку е за пропаст на слушателите. Труди се грижливо, за да се покажеш себеси достоен пред Бога како работник, кој не треба да се срамува, кој правилно го проповеда словото на вистината! А отстранувај се од непристојни и празни зборови, зашто таквите сѐ повеќе ќе напредуваат во безбожност, а нивното слово ќе разјадува како рак; од кои се Именеј и Филет, кои се оддалечија од вистината, тврдејќи дека воскресението веќе станало и со тоа ја рушат верата на некои. Сепак цврсто стои Божјата основа, која го има овој печат: „Господ познава кои се Негови“ и „Да отстапи од неправдата секој, кој Го именува Господовото име!“ А во голем дом има не само златни и сребрени садови туку и дрвени и земјани. Едните се за благородна, а другите за неблагородна употреба. И така, ако некој се очисти од овие, ќе биде сад за чесна употреба, осветен, полезен на домаќинот и приготвен за секое добро дело. Бегај од младински желби! Стреми се кон правда, вера, љубов и мир со оние кои Го повикуваат Господа од чисто срце. А отфрли ги безумните и неразумните распрашувања, знаејќи дека раѓаат борби! А Господовиот слуга не смее да се расправа, туку треба да биде кроток кон сите, способен да поучува и да трпи; да ги воспитува со кротост оние кои се противат, та не би ли им дал Бог покајание, за полно познавање на вистината, за да се отрезнат од мрежата на ѓаволот, кој ги заробил за да ја исполнуваат неговата волја.