Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Тимотеј 2:1-14

2 Тимотеј 2:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Чедо мое, зајакнувај во благодатта што ти е дадена од Христос Исус, и сѐ што си чул од мене пред многу сведоци, предај го на верни луѓе кои се способни и други да научат. Па така, поднесувај ги страдањата како добар војник на Исус Христос. Зашто никој кој служи како војник не се вплетува во работите на секојднев­ниот живот, за да му угоди на својот војсководач. А, ако пак, некој се натпреварува, нема да добие венец доколку не се борел според правилата. Земјоделецот што се труди прв тре­ба да вкуси од плодот. Размисли што ти зборувам и Господ ќе ти даде да разбереш сѐ! Спомнувај си Го Господ Исус Хрис­тос од Давидовото семе, Кој воскресна од мртвите, според моето Евангелие, поради кое страдам дури до окови, како злосторник. Но словото Божјо не може да се стави во окови. Затоа сѐ трпам заради избраните, за да добијат и тие спасение во Христос Исус со вечна слава. Верни се зборовите: Ако со Него сме умреле, со Него и ќе живееме. Ако истраеме, со Него и ќе царува­ме. А ако се одречеме од Него, и Тој ќе се одрече од нас. Ако не сме верни, Тој останува ве­рен, бидејќи Сам Себе не може да се одрече. Ова напомнувај го заколнувајќи се пред Господ за да не се препираат, зашто препирките ништо не помагаат, а само им штетат на оние што слушаат.

2 Тимотеј 2:1-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Тимотеј, сине мој, Исус Христос ти е благонаклонет! Дозволи Му да те направи силен. Она што го слушаше од мене пред многубројни сведоци, пренеси им го на оние луѓе кои заслужуваат таква доверба, луѓе што се способни да поучуваат и други. Како добар војник на Исус Христос издржи го твојот дел од страдањата, како што и јас го издржувам мојот дел. Кога еден војник е на должност не треба да се плетка со цивилни работи. Само така ќе може да го исполни она што од него го бара неговиот претпоставен. Кога еден атлетичар се натпреварува, не може да победи, ако не се придржува до правилата. Земјоделецот што напорно работи треба прв да вкуси од плодовите на својот труд. Размисли за ова и Господ ќе ти помогне овие нешта целосно да ги разбереш! Постојано имај Го на ум Исус Христос! Тој му беше потомок на Давид и воскресна од мртвите. Тоа е Радосната вест што јас ја проповедам. Поради тоа што ја проповедам Радосната вест сега сум в затвор, како да сум злосторник. Но Божјата порака не е окована! Готов сум се да издржам, ако со тоа придонесам оние што Бог ги одбрал да добијат спасение и вечна слава, бидејќи Му припаѓаат на Исус Христос. Вистина е дека: „Ако сме умреле со Христос, со Него и ќе живееме. Ако издржиме, со Него ќе владееме. Ако се откажеме од Него и Тој ќе се откаже од нас. Ако не Му бидеме верни, Тој сепак ќе остане верен, зашто Христос не може да се порекне Самиот Себе.“ Потсетувај ги луѓето на овие работи. Сериозно предупредувај ги во Божјото име да не се фаќаат за збор и од тоа да прават расправии. Од такви расправии ништо добро не може да произлезе. Тие можат само да ги уништат оние што ги слушаат.

2 Тимотеј 2:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И така, ти чедо мое, зајакнувај во благодатта, која е во Христа Исуса! И што си чул од мене, пред многу сведоци, довери им го на поверливите луѓе, кои ќе бидат способни да ги поучуваат и другите! Поднесувај ги со мене страдањата, како добар војник на Христа Исуса! Никој, кој е во воена служба, не се заплетува во работите на овој живот, за да му угоди на оној кој го повикал во војската. Исто така, ако некој се натпреварува, не добива венец ако не се натпреварува прописно. Земјоделецот кој се труди треба прв да вкуси од плодовите. Разбери што зборувам, Господ ќе ти даде да разбереш сѐ. Помни Го Исуса Христа, Кој воскресна од мртвите, Кој е од Давидовото потомство, според моето Евангелие, за кое страдам сѐ до окови, како некаков злосторник. Но Божјото слово не е оковано. Заради тоа издржувам сѐ заради избраните, та и тие да добијат спасение со вечна слава во Христа Исуса. Веродостојно е словото: „Ако умревме со Него, со Него и ќе живееме; Ако трпиме, со Него и ќе царуваме; ако се одречеме од Него, и Тој ќе се одрече од нас; ако сме неверни, Тој останува верен! Зашто Сам Себе не може да се одрече.“ Ова напомнувај го, заколнувај ги пред Бога, да не се препираат околу зборови, тоа е неполезно, туку е за пропаст на слушателите.