Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Тимотеј 1:1-9

2 Тимотеј 1:1-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Од Павле, апостол на Исус Христос, кој по Божја волја проповеда за животот што Бог го вети преку вера во Исус Христос. До Тимотеј, кој ми е како вистински син. Ти посакувам Бог, Кој е наш Татко, и Исус Христос, Кој е наш Господ, да ти бидат благонаклонети, да покажат милост спрема тебе и да ти дадат мир. Благодарен сум Му на Бог за тебе. Нему Му служам со чиста совест, онака како што Му служеле и моите предци. Постојано те спомнувам во моите молитви и деноноќно Му се молам на Бог за тебе. Се сеќавам како пророни солзи при нашата разделба и копнеам пак да те видам, за повторно да се исполнам со радост. Знам дека имаш искрена вера. Така поверува прво баба ти Лоида, потоа мајка ти Евника, а убеден сум дека и ти веруваш во Господ исто толку искрено. Затоа те потсетувам да го разгоруваш во себе Божјиот дар што го доби кога положив раце врз тебе. Божјиот Дух не создаде од нас плашливци. Напротив, ни даде сила, љубов и самодисциплина. Затоа, немој да се срамиш да им зборуваш на луѓето за нашиот Господ. Немој да се срамиш ни од мене, сега кога сум в затвор поради тоа што проповедам за Господ. Искористи ја силата што ти ја дава Бог и придружи ми се во ширењето на Радосната вест, дури и ако треба заради тоа да поминеш низ страдања. Бог не спаси и не одбра да живееме свет живот, не поради тоа што ние со нашите постапки тоа го заслужуваме, туку затоа што тоа беше Негов план уште пред почетокот на времето - да ни ја искаже Својата благонаклоност преку Исус Христос.

2 Тимотеј 1:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Павле, апостол на Исус Христос по волјата Божја, според ветувањето на животот, животот во Христос Исус, до Тимотеј, возљубеното чедо. Бла­годат, милост и мир од Бог Отецот и од Христос Исус, нашиот Господ! Му благодарам на Бога, Кому уште од прародителите Му служам со чиста совест, додека постојано те споменувам во молитвите свои дење и ноќе; сеќавајќи се за твоите солзи, копне­ам да те видам, за да се исполнам со ра­дост, спомнувајќи си за нелицемерната ве­ра кај тебе, која најпрвин се всели во твојата баба Лоида и во мајка ти Евни­ка, а убеден сум дека ја има и во тебе. Поради тоа ти напомнувам да ја распалуваш Божјата дарба, која ја имаш во себе преку полагањето на моите раце. Зашто Бог не ни даде дух на страв, туку дух на сила, љубов и разбраност. И така, не срамувај се од сведо­че­ње­то за нашиот Господ Исус Христос, ни­ту од мене, затвореникот за Него, туку стани соучесник во страдањата за Евангелието Христово по силата на Бо­га, Кој нѐ спаси и нѐ повика кон свето звање, не поради нашите дела, туку по Својата добра волја и благодатта, што ни е дадена во Христос Исус пред вечни времиња

2 Тимотеј 1:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Павле, апостол на Христа Исуса по Божја волја, според ветениот живот во Христа Исуса, до Тимотеј, возљубеното чедо: благодат, милост и мир од Бог Таткото и Христа Исуса, нашиот Господ. Му благодарам на Бога Кому Му служам уште од моите прародители со чиста совест, спомнувајќи те постојано - ноќе и дење - во своите молитви; а кога ќе си спомнам за твоите солзи, копнеам да те видам, да се исполнам со радост; кога си спомнувам за нелицемерната вера која е во тебе, која прво се наоѓаше во твојата баба Лоида и во мајка ти Евника, а уверен сум и во тебе. Затоа ти напомнувам да го разгориш Божјиот дар, кој е во тебе преку возлагањето на моите раце. Зашто Бог не ни даде дух на страшливост, туку дух на сила, љубов и себевладеење. И така, не се срамувај од сведоштвото за нашиот Господ и од мене, затвореникот за Него, туку страдај и ти со мене за Евангелието, според силата на Бога, Кој нѐ спаси и нѐ повика со свет повик, не според нашите дела туку по сопствена одлука и благодат, која ни е дадена во Христа Исуса пред вечните времиња