2 Самоилова 9:1-13
2 Самоилова 9:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И рече Давид: „Ако останал уште некој од Сауловиот дом, јас би му направил милост заради Јонатан.“ Во Сауловиот дом имаше еден слуга, по име Сива; го повикаа кај Давид, и царот го праша: „Ти ли си Сива?“ Тој одговори: „Јас сум твојот слуга.“ И царот продолжи и рече: „Нема ли уште некој од Сауловиот дом? Би му направил милост Божја?“ А Сива му одговори на царот: „Има еден Јонатанов син, кој е куц.“ Царот го праша: „Каде е тој?“ Сива му одговори на царот: „Ете, тој е во куќата на Махир, Амиеловиот син, во Ло-Девар.“ Тогаш цар Давид испрати луѓе, та го зедоа од куќата на Махир, Амиеловиот син, од Ло-Девар. И Мемфивостеј, синот на Јонатан, кој беше пак Саулов син, дојде кај Давид, падна ничкум и му се поклони на царот. И рече Давид: „Мемфивостеј!“ Тој одговори: „Еве, твој слуга сум јас.“ И Давид му рече: „Не плаши се; јас ќе ти направам милост заради татко ти Јонатан и ќе ти ги вратам сите ниви на дедо ти Саул, и ти секогаш ќе јадеш леб на мојата трпеза.“ Се поклони Мемфивостеј и рече: „Кој сум јас, твојот слуга, та погледна милостиво на мене мртов пес?“ А царот го повика Сива, Сауловиот слуга, па му рече: „Сѐ што му припаѓаше на Саул и на целиот негов дом, му го давам на синот на твојот господар; обработувај ја, впрочем, за него земјата, ти, со твоите синови и твоите слуги и донесувај ги плодовите нејзини за да има синот на господарот твој леб за исхрана; а Мемфивостеј, синот на господарот твој, секогаш ќе јаде на мојата трпеза.“ Сива имаше петнаесет синови и дваесет слуги. Тогаш му рече Сива на царот: „Сѐ што му заповеда мојот господар на својот слуга, тој ќе го изврши.“ Мемфивостеј јадеше на трпезата Давидова како еден од царските синови. Мемфивостеј имаше малолетен син по има Миха. Сите што живееја во куќата на Сива, беа слуги на Мемфивостеј. А Мемфивостеј живееше во Ерусалим, бидејќи секогаш јадеше на царската трпеза. Тој беше сакат во обете нозе свои.
2 Самоилова 9:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Еден ден Давид праша: „Има ли уште некој преживеан од Сауловата куќа, за да му направам милост заради Јонатана?“ А во Сауловата куќа беше слуга по име Сива: него го повикаа пред Давида, и царот го праша: „Ти ли си Сива?“ А тој одговори: „Јас сум, твојот слуга!“ А царот продолжи: „Зар нема веќе никој од Сауловата куќа, за да му искажам Божја милост?“ А Сива му одговори на царот: „Има уште Јонатанов син, кој е хром на двете нозе.“ Царот го праша: „Каде е тој?“ А Сива му одговори на царот: „Ене го во куќата на Махир, синот Амилов, во Ло Девар.“ Тогаш царот Давид испрати по него во куќата на Махир, синот Амилов, од Ло Девар. Кога Мефивостеј, синот Јонатанов, синот Саулов, дојде кај Давида, падна ничкум и се поклони. А Давид рече: „Мефивостеју!“ Тој одговори: „Еве го твојот слуга!“ А Давид му рече: „Не бој се, зашто сакам да ти искажам милост заради твојот татко Јонатан. Ќе ти ги вратам сите ниви на твојот дедо Саул, а ти секогаш ќе јадеш леб на мојот стол.“ Мефивостеј се поклони и рече: „Што е твојот слуга та му искажуваш почит на пцовисан пес каков што сум јас?“ Потоа царот го повика Сива, Сауловиот слуга, и му рече: „Сѐ што им припаѓаше на Саула и на неговата куќа, сето тоа му го давам на синот на твојот господар. Ти, со своите синови и со своите слуги, ќе му ја обработуваш земјата, од неа ќе ја собираш жетвата за да има леб семејството на твојот господар; а Мефивостеј, синот на твојот господар, секогаш ќе јаде на мојот стол.“ А Сива имаше петнаесет синови и дваесет слуги. Сива му одговори на царот: „Твојот слуга ќе направи сѐ што мојот господар и цар му заповеда на својот слуга.“ И така, Мефивостеј јадеше покрај Давидовиот стол, како еден од царските синови. Мефивостеј имаше мал син по име Миха. А сите кои што живееја во Сивината куќа беа во служба на Мефивостеј. А Мефивостеј престојуваше во Ерусалим, зашто секогаш јадеше на царскиот стол. Беше хром на обете нозе.