Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Самоилова 7:8-16

2 Самоилова 7:8-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А сега, кажи му така на мојот слуга Давид: вака вели Господ Саваот: ‚Јас те зедов од овчото стадо за да бидеш водач на Мојот народ Израел; и секогаш бев со тебе, каде и да одеше, ги истребував пред твои очи сите твои непријатели, и ќе го возве­личам твоето име, како името на големите луѓе на земјата. Јас ќе одредам место за Мојот народ, за Израел, ќе го утврдам, и тој спокојно ќе живее на своето место и нема повеќе да се обеспокојува, и нечес­ните луѓе нема повеќе да го понижу­ваат, како порано, од денот кога Јас определив судии над Својот Израел; и Јас ќе те успокојам од сите твои непријатели. И Господ те известува дека Тој ќе ти подигне дом. А кога ќе завршат твоите дни, и ти ќе починеш кај татковците свои, Јас ќе го воздигнам по тебе твоето семе што ќе произлезе од твоите бедра, и ќе го зацврстам царството негово. Тој ќе изгради дом на името Мое, и Јас ќе го утврдам престолот на царството негово засекогаш. Јас ќе му бидам Татко, и тој ќе Ми биде син; и ако згреши, ќе го казнам со стап човечки и со удари на синови човечки; но милоста Своја нема да ја кренам од него, како што ја кренав од Саул, кога Јас го отфрлив пред лицето твое. И ќе биде непоколеблив твојот дом и твоето царство засекогаш пред лицето Мое, и престолот твој ќе остане засекогаш.‘“

2 Самоилова 7:8-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Затоа сега речи му го ова на Мојот слуга Давид: ‘Господ над Воинствата зборува вака: „Јас те доведов од стадото на овците, за да бидеш водач над Мојот израелски народ. Бев со тебе каде и да одеше, ги откорнав сите твои непријатели пред тебе. Јас ќе ти дадам големо име, како што е името на големците на земјата. Ќе му одредам место на Својот израелски народ, ќе го посадам, за да живее на свое место и да не скита веќе наоколу, ниту злосторниците да го мачат како порано, тогаш кога одредив судии над Својот израелски народ. Јас ќе му прибавам мир од сите негови непријатели. Господ ќе те направи голем, Господ ќе ти подигне дом. И кога ќе се исполнат твоите денови и кога ти ќе починеш при своите татковци, ќе издигнам твој потомок по тебе, кој ќе се роди од твоите бедра, и ќе го зацврстам неговото царство. Тој ќе му изгради дом на Моето име, а јас ќе го зацврстам неговиот престол засекогаш. Јас ќе му бидам татко, а тој ќе Ми биде син: ако направи беззаконие, ќе го казнам со човечка прачка и со ударци како што ги задаваат човечките синови. Но Својата наклоност нема да је одвратам од него, како што ја одвратив од Саула, кого го отстранив од пред тебе. Твојата куќа и твоето царство ќе траат довека пред Мене, твојот престол ќе стои цврсто засекогаш.“‘“