Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Самоилова 6:12-23

2 Самоилова 6:12-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Му јавија на цар Давид и му рекоа: „Господ го благослови домот на Аведар и сѐ што е во него, поради Божјиот ковчег“; Давид отиде и свечено го пренесе Божјиот ковчег од куќата на Аведар во Давидовиот град. И штотуку оние што го носеа ков­чегот Господов, изминаа шест чекори, тој принесе жртва едно јунче и еден овен. Давид играше со сета сила пред Господ, а беше облечен со ленен ефод. Така Давид и целиот Израелов дом го носеа ковчегот Господов со извици и звуци од труба. Кога ковчегот Господов влегуваше во Давидовиот град, Михала, Сауловата ќерка, гледаше од прозо­рецот нејзин и, откако го виде царот Давид како скока и игра пред Господ, го презре во срцето свое. Го донесоа ковчегот Господов и го поставија на местото негово среде скинијата, која Давид ја беше направил за него: и Давид принесе сепаленици пред Господ и жртви за помирување. Кога Давид заврши со принесувањето сепаленици и жртви за помирување, тој го благослови народот во името на Господ Саваот; и му раздаде на сиот народ, на целото множество Израелци, и на мажи и на жени, на секого по еден леб, по парче печено месо и по еден колач од суво грозје. Потоа сиот народ се разотиде, секој во куќата своја. Кога се врати Давид за да го благослови домот свој, Михала, Сауло­вата ќерка, излезе и му рече: „Колку се прослави денес царот Израелов, разголувајќи се пред очите на слугинките од слугите свои, како што се разголува прост човек.“ А Давид ѝ одговори на Михала: „Пред Господ, Кој ме одбра мене наместо твојот татко и целиот негов дом, поставувајќи ме за водач на народот Господов – Израел; пред Господ ќе свирам и ќе играм; и уште повеќе ќе се понизам, и уште помал ќе станам во своите очи, и при сето тоа, пред слугинките, за кои говориш, јас ќе бидам славен.“ А Михала, Сауловата ќерка, остана без рожба до денот на својата смрт.

2 Самоилова 6:12-23 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кога му соопштија на царот дека Господ го благослови Овид-Едомовото семејство и сиот негов имот заради Божјиот Ковчег, Давид отиде и го пренесе Божјиот Ковчег од Овид-Едомовата куќа горе во Давидовиот Град со голема веселба. Туку што носачите на Божјиот Ковчег пречекорија шест чекори, Давид жртвува вол и згоен овен. Давид играше со сета сила пред Господа, а беше наметнат само со ленен наплеќник. Така Давид и сиот Израелев дом го носеа горе Господовиот Ковчег, воскликнувајќи со трубни звуци. А кога Господовиот Ковчег влегуваше во Давидовиот Град, Сауловата ќерка Михала, гледаше низ прозорецот и го виде царот Давид како скока и игра пред Господа, и таа го презре во своето срце. Тогаш го внесоа Господовиот Ковчег и го поставија сред шаторот што му го беше оптегнал Давид. Тогаш Давид принесе пред Господа паленици и помирителни жртви. Откако ги принесе палениците и помирителните приноси, Давид го благослови народот со името на Господа на Силите. Потоа им подели меѓу сиот народ, меѓу сето Израелево мноштво, на мажите и на жените, секому по еден леб, по едно парче месо и колач од суво грозје. Потоа сиот народ се разотиде, секој во својата куќа. Кога Давид се врати дома за да го благослови своето семејство, Сауловата ќерка Михала му излезе во пресрет на Давида и му рече: „Колку чесно се однесуваше денес Израелевиот цар кога се откри пред очите на слугинките на своите слуги како што се открива суетен човек!“ Но Давид ѝ одговори на Михала: „Јас играм пред Господа! Така ми живиот Господ, Кој ме избра место твојот татко и место сиот негов дом, за да ме постави за водач на Израел, на Господовиот народ: ќе играм пред Господа! И уште повеќе ќе се понижам. Ќе бидам незначителен во своите очи, ама пред слугинките за кои што зборуваш, пред нив ќе бидам во чест.“ А Михала, Сауловата ќерка, немаше пород до денот на својата смрт.