Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Самоилова 15:1-23

2 Самоилова 15:1-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Потоа Авесалом си набави коли и коњи и педесет брзоодци. Авесалом стануваше изутрина рано, се запираше крај патот покрај портите и, кога некој имаше поплака и одеше кај царот на суд, тој го повикуваше и го прашуваше: „Од кој град си?“ И кога оној одговараше: „Од тоа и тоа Изра­елово племе е твојот слуга“, тогаш Авесалом му велеше: „Ете, твоето дело е добро и праведно, но кај царот нема кој да те ислуша.“ И Авесалом уште велеше: „О, да беа ме поставиле мене за судија во оваа земја! Кај мене би доаѓал секој, кој има спор и поплака, и јас би судел по правда.“ И кога некој ќе се доближеше да му се поклони, тој ја протегаше раката и го прегрнуваше и го бакнуваше. Така постапуваше Авесалом со секој Израелец, кој доаѓаше кај царот да се суди, и навлегуваше Авесалом во срцата на Израелците. Откако изминаа четириесет години од царувањето на Давид, Авесалом му рече на царот: „Да одам и да го исполнам мојот завет што Му го бев дал на Господ во Хеврон. Зашто јас, твојот слуга, кога живеев во Гесур, во Арам, ветив: ако Господ ме врати во Ерусалим дека ќе Му принесам жртва на Господ.“ А царот му рече: „Оди со мир.“ И тој стана и отиде во Хеврон. А Авесалом испрати тајни гласници меѓу сите израелски племиња, веле­јќи: „Кога ќе чуете звук од труба, веле­те: ‚Авесалом стана цар во Хеврон.‘“ Од Ерусалим отидоа со Авесалом двесте души што ги беше поканил, и тие отидоа простодушно, без да знаат, каква е работата. Авесалом испрати да го повикаат гилонецот Ахитофел, Давидов советник, од неговиот град Гилон, додека тој принесуваше жртви. И започна голем заговор и народот се собираше и се умножуваше околу Авесалом. И дојде разузнавач при Давид и рече: „Срцето на Израелците се сврте кон Авесалом.“ Тогаш им рече Давид на сите свои слуги што беа при него во Ерусалим: „Станувајте да бегаме, зашто за нас не­ма спас од Авесалом; брзајте да излезе­ме да не нѐ затече и нѐ фати да не ни навлече зло и да го разори градот со сечилото на мечот.“ Царските слуги му рекоа на царот: „За сѐ што ќе заповеда нашиот господар, царот, ние сме твои слуги.“ Па излезе царот и по него сиот дом негов пешки. Царот остави десет свои наложници да ја чуваат куќата. И излезе царот и сиот народ пешки, и застанаа кај последната куќа. И сите слуги негови врвеа од двете страни негови, и сите Кере­тијци, сите Пелетијци и сите Гетчани – до шестотини души што беа дошле заедно со него од Гет, одеа пред царот. И царот му рече на Гетчанецот Итај: „Зошто си тргнал и ти со нас? Врати се и остани со оној цар, бидејќи ти си туѓинец и си избегал од својата земја. Ти си дошол вчера, а денес ќе те терам да одиш со нас ли? Јас одам, каде што можам; врати се и врати ги со себе и браќата свои; Господ нека ти подари милост и правда!“ А Итај му одговори на царот и рече: „Жими Господ, и жими мојот господар, царот; каде и да биде мојот господар, царот, жив или мртов, таму ќе биде и твојот слуга.“ Тогаш Давид му рече на Итај: „Дојди, пак, и оди со мене.“ И тргна Гетчанецот Итај и сите луѓе негови и сите деца што беа со него. И целата земја плачеше на висок глас. И сиот народ минуваше, и царот го мина потокот Кедрон; и тргна сиот народ и царот по патот кон пустината.

2 Самоилова 15:1-23 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Потоа Авесалом си набави кола и коњи, и педесет луѓе кои трчат пред него. Авесалом стануваше рано изутрина, и застануваше покрај патот што водеше до градската врата; и секој што имаше некаква парница та одеше кај царот на суд, Авесалом го повикуваше кај себе и го прашуваше: „Од кој град си?“ А кога тој би одговорил: „Твојот слуга е од тоа и тоа Израелево племе,’ тогаш Авесалом ќе му речеше: „Гледаш, твојата работа е добра и праведна, ама нема да најдеш никого, кој би те послушал кај царот.“ Авесалом ќе продолжеше: „Ах, кога би ме поставиле мене за судија во земјата! Секој што би имал некаква парница или судење би доаѓал кај мене, и јас би му дал правда!“ А кога некој ќе му се доближеше, за да му се поклони, тој би ја испружил раката, ќе го привлечеше кон себе и ќе го пољубеше. Така правеше Авесалом со сите Израелци кои доаѓаа на суд кај царот. Со тоа Авесалом ги придобиваше срцата на Израелците за себе. Кога поминаа четири години, Авесалом му рече на царот: „Дозволи ми да отидам во Хеврон и да го извршам заветот со кој му се заветував на Господа. Зашто кога бев во Гесур во Арам, твојот слуга се заветува вака: ‘Ако Господ навистина ме доведе назад во Ерусалим, тогаш јас ќе Му служам на Господа.’“ А царот му одговори: „Оди во мир!“ И тој тргна на пат и отиде во Хеврон. Авесалом испрати тајни гласници по сите Израелеви племиња и им порача: „Кога ќе го чуете звукот на рогот, тогаш речете: ‘Авесалом стана цар во Хеврон.’“ А со Авесалома отидоа двеста луѓе од Ерусалим; тоа беа познаници, кои тргнаа простодушно, не знаејќи ништо. Авесалом испрати и по Гилонецот Ахитофел, Давидовиот советник, од неговиот град Гилон, да присуствува на принесувањето на жртвите. Заверата беше силна, а Авесаломовите приврзеници растеа сѐ повеќе. Тогаш стигна гласник кај Давида и му соопшти: „Срцето на Израел му се приклони на Авесалома.“ Тогаш Давид им рече на сите свои слуги кои што беа со него во Ерусалим: „Станете! Да бегаме! Инаку нема да му избегаме на Авесалома. Поитајте бргу, за да не биде тој побрз и да нѐ стигне, да не обори зло врз нас, и да не го погуби градот со острилото на мечот!“ А царевите дворјанци му одговорија на царот: „Што и да одлучи нашиот господар цар, еве ги твоите слуги!“ И царот излезе пеш со сиот свој двор; сепак царот остави десет наложнички, за да го чуваат домот. И царот замина пеш со сиот народ и застана кај последната куќа. Сите негови дворјанци стоеја покрај него. Тогаш сите Херетејци, сите Фелетејци, Итај и сите Гетејци, кои беа дошле со него од Гат, шест стотини луѓе, поминаа пред царот. Царот го праша Гетеецот Итај: „Зошто и ти идеш со нас? Врати се и остани кај царот! Ти си странец, протеран од својата земја. Вчера дојде, а денес да те водам да скиташ со нас, кога јас одам кај што ќе посакам. Врати се и одведи ги своите браќа назад со себе, а доброта и верност со тебе!“ Но Итај му одговори на царот вака: „Живиот ми Господ, и така да биде жив мојот господар цар: каде што ќе биде мојот господар царот, било за смрт или за живот, таму ќе биде и твојот слуга!“ Тогаш Давид му рече на Итаја: „Ајде, помини!“ И Итај од Гат помина со сите свои луѓе и со сите малечки кои беа со него. А целата земја плачеше на глас. Царот го помина потокот Кедрон, и сиот народ поминуваше пред него кон пустината.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност