Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Самоилова 12:1-6

2 Самоилова 12:1-6 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Господ го испрати Натан пророкот кај Давид, и тој отиде кај него и му рече: „Во еден град имаше двајца мажи – едниот богат, а другиот сиромав; богатиот имаше мошне многу ситен и крупен добиток, а сиромавиот немаше ништо, освен една овчичка што ја беше купил мала и ја отхрани, и таа беше пораснала кај него заедно со неговите деца; таа јадеше од неговиот леб, пиеше од неговата чаша, спиеше на неговите гради и му беше како ќерка; кај богатиот човек дојде еден странец; и нему не му беше по волја да земе од овците или од воловите свои за да зготви ручек на странецот, кој беше дошол кај него, туку ја зеде овчичката на сиромавиот и му ја приготви неа на човекот што беше дошол кај него.“ Давид многу се разгневи против тој човек и му рече на Натан: „Жими Господ! Смрт заслужува оној човек што го направил тоа; и за овчичката тој треба да плати четворно, зашто го направил тоа и затоа што немал милост.“

2 Самоилова 12:1-6 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Господ го испрати пророкот Натан кај Давида. Тој влезе кај него и му рече: „Во некој град живееја два човека, едниот богат, а другиот беден. Богатиот имаше овци и говеда во изобилство. А бедниот немаше ништо друго освен една единствена овчичка, што ја беше купил. Ја хранеше, и таа растеше покрај него и со неговите деца; јадеше од неговиот залаг, пиеше од неговата чаша; му спиеше во неговото крило: му беше како ќерка. И дојде патник кај богатиот човек, а нему му беше жал да земе од своите овци или од говедата за да му зготви на гостинот, кој му беше дошол. Тој ја украде овчичката на сиромавиот и ја зготви за својот посетител.“ Тогаш Давид пламна со жесток гнев на тој човек и му рече на Натана: „Така ми живиот Господ, смрт заслужил човекот што направил така! Четворно да ја надомести овцата затоа што го направил тоа дело и зашто не знаел за милосрдие!“