Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Самоилова 12:1-12

2 Самоилова 12:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Господ го испрати Натан пророкот кај Давид, и тој отиде кај него и му рече: „Во еден град имаше двајца мажи – едниот богат, а другиот сиромав; богатиот имаше мошне многу ситен и крупен добиток, а сиромавиот немаше ништо, освен една овчичка што ја беше купил мала и ја отхрани, и таа беше пораснала кај него заедно со неговите деца; таа јадеше од неговиот леб, пиеше од неговата чаша, спиеше на неговите гради и му беше како ќерка; кај богатиот човек дојде еден странец; и нему не му беше по волја да земе од овците или од воловите свои за да зготви ручек на странецот, кој беше дошол кај него, туку ја зеде овчичката на сиромавиот и му ја приготви неа на човекот што беше дошол кај него.“ Давид многу се разгневи против тој човек и му рече на Натан: „Жими Господ! Смрт заслужува оној човек што го направил тоа; и за овчичката тој треба да плати четворно, зашто го направил тоа и затоа што немал милост.“ Тогаш Натан му кажа на Давид: „Ти си оној човек што го изврши тоа. Така говори Господ, Бог Израелов: ‚Јас те помазав за цар над Израел, те спасив од рацете Саулови, ти го дадов домот на твојот господар и жените на господарот твој во твоја прегратка, ти го дадов домот Израелов и Јудин и, ако ти е тоа малку, би ти придал уште повеќе; а ти зошто го презре зборот на Господ, извршувајќи зло пред очите Негови? Урија Хитиецот го нападна со меч, жената негова ја зеде за своја же­на, а него го уби со мечот на Амонците; затоа мечот нема никогаш да се оттргне од твојот дом засекогаш, бидејќи ти Ме презре и ја зеде жената на Хитиецот Урија за да биде твоја жена.‘ Така говори Господ: ‚Ете, јас ќе подигнам зло против твојот дом, ќе ги земам твоите жени пред очите твои и ќе ги дадам на ближниот твој, и тој ќе спие со твоите жени под ова сонце; ти го изврши тоа тајно, Јас, пак, ќе го извршам пред целиот Израел среде бел ден.‘“

2 Самоилова 12:1-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Господ го испрати пророкот Натан кај Давида. Тој влезе кај него и му рече: „Во некој град живееја два човека, едниот богат, а другиот беден. Богатиот имаше овци и говеда во изобилство. А бедниот немаше ништо друго освен една единствена овчичка, што ја беше купил. Ја хранеше, и таа растеше покрај него и со неговите деца; јадеше од неговиот залаг, пиеше од неговата чаша; му спиеше во неговото крило: му беше како ќерка. И дојде патник кај богатиот човек, а нему му беше жал да земе од своите овци или од говедата за да му зготви на гостинот, кој му беше дошол. Тој ја украде овчичката на сиромавиот и ја зготви за својот посетител.“ Тогаш Давид пламна со жесток гнев на тој човек и му рече на Натана: „Така ми живиот Господ, смрт заслужил човекот што направил така! Четворно да ја надомести овцата затоа што го направил тоа дело и зашто не знаел за милосрдие!“ Тогаш Натан му рече на Давида: „Ти си тој човек! Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Јас те помазав за цар над Израел, Јас те избавив од Сауловата рака. Ти ја предадов куќата на твојот господар, ги положив жените на твојот господар во твоето крило, ти ги дадов Израелевиот дом и Јудиниот дом, ќе ти додадев уште ова или она. Зошто го презре Господа и зошто го направи она што е зло во Неговите очи? Го уби со меч Хетеецот Уриј, а неговата жена ја зеде за своја жена. Да, него го уби со мечот на Амонците. Затоа веќе никогаш не ќе се сврти мечот од твојот дом, зашто Ме презре и зашто ја зеде жената на Хетеецот Уриј да ти биде жена.’ Господ зборува вака: ‘Еве Јас ќе подигнам зло против тебе од твојот дом. Ќе ги земам твоите жени од пред твоите очи и ќе му ги дадам на твојот ближен, кој ќе спие со твоите жени пред ова сонце. Навистина ти работеше тајно, но Јас ќе ја извршам оваа закана пред сиот Израел и пред сонцето!’“