Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Самоилова 11:14-27

2 Самоилова 11:14-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Изутрината Давид напиша писмо до Јоав и го испрати по Урија. Во писмото напиша вака: „Поста­вете го Урија таму, каде што ќе има најсилна војска, и отстапете од него, за да биде погоден.“ Затоа, кога Јоав го опседнуваше градот, го постави Урија на такво мес­то, за кое знаеше дека таму има храбри мажи. Излегоа од градот мажи, се суд­рија со Јоав, и неколкумина од народот, од Давидовите слуги, паднаа: убиен беше исто така и Хитиецот Урија. Тогаш Јоав испрати гласници да му кажат на Давид за целиот тек на борбата. Тој им заповеда на гласниците, велејќи: „Кога ќе му раскажете на царот за целиот тек на битката и ако видите дека царот се разгневува и ве прашува: ‚Зошто сте отиш­ле да се биете толку блиску до градот? Не знаете ли дека врз вас ќе фрлаат стрели од ѕидот? Кој го уби Авимелех, синот на Јерубешет? Нели фрли жена врз него од ѕидот парче од воденички камен, го погоди и тој умре во Тевец? А вие, зошто се приближивте до ѕидот?‘ – тогаш ти кажи: ‚И твојот слуга Хи­тиецот Урија исто така е погоден и умре.‘“ Отиде гласникот, му раскажа на Давид сѐ за што го беше испратил Јоав. Тогаш гласникот му рече на Давид: „Тие луѓе нѐ надвиваа и излегоа против нас во полето, и ние ги гоневме, до влезот на портите; во тоа време стрелците стрелаа од ѕидот врз слугите твои, и загинаа некои од царските слуги; умре и твојот слуга Хитиецот Урија.“ Тогаш Давид му рече на гласникот: „Кажи му на Јоав вака: ‚Да не те буни таа работа, зашто ножот истребува некогаш еден, некогаш друг; засили ја борбата против градот и сруши го‘. Така ќе го охрабриш!“ Уриевата жена чу дека нејзиниот маж умре, па плачеше по мажот свој. Кога измина времето за жалење, Давид испрати луѓе и ја зеде во домот свој, и таа му стана жена и му роди син. Но делото што го изврши Давид, беше зло пред очите на Господ.

2 Самоилова 11:14-27 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Наутро Давид му напиша писмо на Јоав и му го испрати по Уриј. А во тоа писмо пишуваше вака: „Поставете го Урија напред, каде што е бојот најжесток, па повлечете се зад него: нека биде погоден и нека загине!“ Затоа Јоав, опседнувајќи го градот, го постави Урија на местото каде што знаеше дека стојат најхрабрите борци. Тогаш кога граѓаните излегоа насила надвор и се судрија со Јоав, паднаа неколку од неговата војска, од Давидовите луѓе, а загина и Хетеецот Уриј. Потоа Јоав испрати човек и му соопшти сѐ што се случило во бојот. И му заповеда на гласникот вака: „Кога ќе му раскажуваш на царот сѐ што се случило во бојот, можеби царот ќе се налути и ќе ти рече: ‘Зошто сте се доближиле толку близу до градот за да нападнете? Зар не знаевте дека обично се фрлаат стрели од ѕидот? Кој го уби Авимелеха, синот Ерувесетов? Не фрли ли врз него една жена мелнички камен, одозгора од ѕидот, та загина во Тевес? Зошто се доближивте толку близу до ѕидот?’ Ако ти рече така, а ти речи му: ‘Загина и твојот слуга Хетеецот Уриј.’“ Гласникот тргна на пат, дојде кај Давида и му раскажа сѐ што му наложи Јоав. А Давид пламна со гнев на Јоава и му рече на гласникот: „Зошто сте се доближиле толку близу до ѕидот? Кој го уби Авимелеха, синот Ерувесетов? Не фрли ли врз него една жена мелнички камен, одозгора од ѕидот, та загина во Тевес? Зошто се доближивте толку близу до ѕидот?“ Гласникот му одговори на Давида: „Тие луѓе удрија силно врз нас и излегоа против нас на отворено поле. Ние ги потиснавме назад до градската врата, ама стрелците од ѕидот почнаа да фрлаат стрели врз твоите луѓе, та загинаа неколку од царските луѓе; така загина и твојот слуга Хетеецот Уриј.“ Тогаш Давид му рече на гласникот: „Речи му вака на Јоава: ‘Не земај го тоа толку на срце, зашто мечот го голта сега овој, сега оној. Удирај уште посилно на градот и разурни го!’ Така ќе му ја вратиш смелоста!“ Кога Уриевата жена чу дека загина нејзиниот маж Уриј, жалеше по својот маж. А кога помина времето на жалоста, Давид испрати по неа и ја зеде во својот дом, и таа му стана жена. И му роди син. Но делото што го направи Давид беше зло во очите на Господа.