Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Петар 1:3-11

2 Петар 1:3-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Запознавајќи го Христос, Неговата божествена сила ни подарува се што ни е потребно за да живееме побожен живот. Тој не повика да ги примиме Неговата слава и добрина. Бог ни даде големи и скапоцени ветувања преку кои и вие можете да добиете божествена природа. Со неа ќе можете да им се противставите на вашите грешни страсти и да го избегнете погубното влијание на овој свет. Затоа со сите сили потрудете се да ја унапредите својата вера. Додајте и добрина, на добрината додајте и знаење, на знаењето додајте му самоконтрола, на самоконтролата додајте и трпеливост, на трпеливоста додајте и побожност, на побожноста додајте и љубов спрема сите христијани, а кон сето тоа додајте несебична љубов спрема секого. Ако ги имате ваквите доблести во изобилие, ќе покажете дека вашето познавање на нашиот Господ Исус Христос ве има направено корисни и плодоносни. Кој ги нема овие доблести, тој е слеп, или кратковид, и заборавил дека Бог го исчисти од неговите стари гревови. Затоа, драги пријатели христијани, потрудете се да покажете дека Бог навистина ве повикал и ве одбрал. Правејќи го ова, никогаш нема да се сопнете и да паднете. Тогаш Бог широко ќе ви ги отвори портите на небото за да влезете во вечното Царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.

2 Петар 1:3-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Бидејќи Неговата божествена сила ни подари сѐ што е потребно за животот и побожноста, а преку познанието на Оној Кој нѐ повика со Својата слава и совршенство, преку кои ни се дарувани многу го­леми и драгоцени ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа ако се оддалечите од гнилежот на овој свет; затоа, грижејќи се за ова сестрано, принесете кон верата своја добродетел, а кон добродетелта знаење, кон знаењето воздржување, кон воздржувањето трпение, кон трпението побожност, кон побожноста братољубивост, кон братољубивоста љубов. Зашто, ако овие доблести ги има во вас и се умножуваат, тие нема да ве ос­тават празни, ниту бесплодни во позна­нието на нашиот Господ Исус Христос. А кој ги нема овие доблести, тој е слеп, кусоглед и заборава дека се очис­тил од поранешните гревови. Браќа, затоа уште повеќе насто­ју­вај­те да го зајакнете вашиот позив и из­бор, зашто, ако го вршите тоа, никогаш нема да погрешите, бидејќи по таков начин ќе ви се овозможи слободен влез во вечното царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.

2 Петар 1:3-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Бидејќи Неговата божествена сила ни подари сѐ што ни е потребно за живот и побожност, преку познавањето на Оној, Кој нѐ повика преку Својата сопствена слава и добродетел, со што ни се подарени скапоцени и најголеми ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа, откако ѝ избегавте на расипаноста, која е во светот, преку сладострастието, кое владее во светот; заради тоа вложете ја сета ревност, и исполнете ја својата вера со добродетел, а добродетелта со знаење; а знаењето со воздржливост; а воздржливоста со трпение; а трпението со побожност; а побожноста со братољубие; а братољубието со љубов. Зашто, ако го имате сѐ тоа и тоа се умножува, не ве прави мрзливи и бесплодни во познавањето на нашиот Господ Исус Христос, но, кој го нема тоа, слеп е и кусоглед: зашто заборавил дека е очистен од своите стари гревови. Затоа, браќа, погрижете се уште повеќе да го зацврстите својот позив и избор. Имено, ако го правите тоа никогаш нема да се сопнете. Зашто така ќе ви се даде изобилно влегување во вечното Царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.