2 Царевите 9:1-37
2 Царевите 9:1-37 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Пророкот Елисеј повика еден од пророчките синови и му рече: „Препашај си ја половината, земи го в рака овој сад со масло, па оди во Рамот Галаадски. Кога ќе дојдеш таму, најди го таму Јуј, синот на Јосафат, син Нимшиев, пристапи и кажи му да излезе меѓу своите браќа и воведи го во внатрешната соба; тогаш земи го садот со масло, излиј го врз главата негова и кажи: вака вели Господ: ‚Те помазувам за цар над Израел.‘ Потоа отвори ја вратата, па бегај и не чекај.“ Момчето, слуга на пророкот, отиде во Рамот Галаадски. И кога пристигна, ете, заповедниците на војските испоседнале, а тој рече: „Имам нешто да ти кажам, заповеднику.“ Јуј праша: „Кому од нас?“ Тој одговори: „Тебе, заповеднику.“ Јуј стана и влезе в куќи. И момчето го изли маслото врз главата негова и му рече: „Вака вели Господ, Бог Израелов: ‚Те помазувам за цар над народот Господов, над Израел,‘ и ти ќе го истребиш домот на Ахав, твојот господар за да се одмаздам за крвта на Моите слуги – пророците, и за крвта на сите слуги Господови, паднати од раката на Језавела; и ќе изгине целиот дом на Ахав, и ќе погубам во домот на Ахав сѐ што е машко, и оние што се во ропство, и оние што се на слобода во Израел, и ќе постапам кон домот на Ахав како што постапив со домот на Јеровоам, синот на Нават, и со домот на Баша, синот на Ахија. А Језавела кучиња ќе ја изедат на јизреелското поле, и никој нема да ја погребе.“ Па ја отвори вратата и избега. И отиде Јуј кај слугите на господарот свој, и тие му рекоа: „Со мир ли? Зошто дојде тој безумник кај тебе?“ И им кажа: „Вие го знаете тој човек и што зборуваше.“ И рекоа: „Не е вистина, кажи ни.“ А тој рече: „Тоа и тоа ми кажа, велејќи: вака вели Господ: ‚Те помазувам за цар над Израел.‘“ Тогаш тие побрзаа и секој си ја зеде својата наметка, и му послаа пред него по скалите, затрубија со труба и рекоа: „Јуј стана цар.“ И стана Јуј, синот на Нимшиевиот син Јосафат, против Јорам, а Јорам се наоѓаше со сите Израелци во Рамот Галаадски на стража против арамејскиот цар Азаил. Во тоа време царот Јорам се беше вратил да се лекува во Јизреел од раните што му ги нанесоа Арамејците, кога војуваше против царот Азаил. И Јуј им рече: „Ако сте согласни со мене, никој нека не излегува од градот за да оди да извести во Јизреел.“ Јуј се качи на својата кола и тргна за Јизреел, каде што лежеше Јорам, и каде што беше дошол јудејскиот цар Охозија за да го посети Јорам. На кулата во Јизреел стоеше стражар, и го здогледа Јехуевото мноштво, кога доаѓаше, и рече: „Многу луѓе гледам.“ И Јорам му рече: „Земи коњаник, испрати им го во пресрет и нека праша: ‚Со мир ли доаѓате?‘“ И излезе коњаникот на коњ за да ги пресретне и рече: „Вака вели царот: – со мир ли доаѓате?“ И одговори Јуј: „Што ти е тебе – дали со мир доаѓам? Тргнувај по мене.“ И стражарот јави и рече: „Стигна до нив, но не се враќа.“ Испратија друг коњаник; тој отиде кај нив и рече: „Вака вели царот: – со мир ли доаѓаш?“ И рече Јуј: „Што ти е тебе – со мир ли доаѓам? Тргнувај по мене.“ Стражарот пак јави и рече: „Стигна до нив, но не се враќа. А возењето, се чини, како да е на Нимшиевиот син Јуј, зашто тој вози така лудо.“ Јорам рече: „Впрегнувај.“ И ја впрегнаа колата негова. Излегоа израелскиот цар Јорам и јудејскиот цар Охозија, секој на својата кола. Излегоа да го пресретнат Јуј, и се сретнаа со него во нивата на јизреелецот Навутеј. Кога Јорам го виде Јуј, рече: „Со мир ли, Јуј?“ Тој одговори: „Каков мир при блудството на мајка ти Језавела и при многуте нејзини магии?“ Тогаш Јорам се сврте и избега, велејќи му на Охозија: „Предавство, Охозија!“ А Јуј го оптегна со раката лакот и го удри Јорам меѓу плешките негови, и стрелата го прободе срцето негово, и тој падна во колата своја. Тогаш Јуј му рече на својот заповедник Бидкар: „Земи, та фрли го во нивата на јизреелецот Навутеј, зашто сети се кога ние со тебе одевме двајцата зад татко му Ахав, и како Господ изрече врз него вакво пророштво: ‚Навистина Јас ја видов вчера крвта на Навутеј и крвта на синовите негови, велеше Господ, и ќе ти се одмаздам во таа нива.‘ И така, земи, та фрли го во нивата, според словото Господово.“ Јудејскиот цар Охозија, кога го виде тоа, избега по патот кон куќата што беше во градината. И се спушти по него Јуј и рече: „Удрете го и него во колата.“ Тоа стана на ритчето Гур, близу до Јивлеам. И тој избега во Мегидо, и таму умре. Слугите негови го пренесоа во Ерусалим и го погребаа во гробницата негова, кај неговите предци, во Давидовиот град. Беше единаесеттата година од владеењето на Јорам, синот на Ахав, кога во Јудеја стана цар Охозија. Јуј пристигна во Јизреел. А Језавела, откако слушна за тоа, стави црвило на лицето свое, ја накити главата своја и гледаше низ прозорецот. Штом Јуј влезе во портите, таа праша: „Дали носиш мир за Замвриј, убиецу на својот господар?“ Тој ги крена очите кон прозорецот и праша: „Кој е со мене, кој?“ И го свртеа погледот кон него двајца-тројца дворски слуги. Тогаш тој им рече: „Фрлете ја!“ Тие ја фрлија, и крвта ѝ се разлеа по ѕидот и по коњите, и ја изгазија. И кога дојде Јуј, јадеше, пиеше и рече: „Најдете ја онаа проклетница и погребете ја, бидејќи е царска ќерка.“ Отидоа да ја погребат, но од неа не најдоа ништо, туку само черепот, нозете и шаките од рацете. Се вратија и му соопштија, а тој рече: „Такво беше словото на Господ што го изрече Тој преку слугата Свој Илија од Тишбе, велејќи: ‚Трупот на Језавела ќе го изедат кучиња на Јизреелското поле. Језавелиниот труп ќе биде на Јизреелското поле како ѓубре на нива, та никој не ќе може да каже: „ова е Језавела.“‘“
2 Царевите 9:1-37 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Пророкот Елисеј повика еден од пророчките синови и му рече: „Препаши се, земи го со себе овој сад со масло па оди во Галадски Рамот. Кога ќе стигнеш онаму, побарај го Јуј, синот Јосафатов, синот Нимсиев. Кога ќе го најдеш изведи го од сред неговите другари и воведи го во крајната соба. И земи го садот со масло, излеј му го врз главата и речи: „Господ вели вака: ‘Те помазав за израелски цар.’ Потоа отвори ја вратата и бегај, не се двоуми.“ Тогаш младиот пророк отиде во Галадски Рамот. Кога стигна, заповедниците на војската токму седеа собрани. Тој рече: „Имам да ти кажам слово, заповеднику!“ Јуј праша: „Кому од нас?“ Тој одговори: „Тебе, заповеднику!“ Тогаш Јуј стана и влезе во куќата. Младиот човек му излеа масло на главата и му рече: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Те помазав за цар над Господовиот народ, над Израел. Ти ќе го погубиш домот на Ахава, твојот господар, а Јас ќе ја одмаздам крвта на своите слуги пророците, и крвта на сите Господови слуги врз Језавела и врз сиот Ахавов дом. Ќе му ги откорнам на Ахава сѐ што мокри покрај ѕид, робовите и слободниците во Израел. Ќе направам со Ахавовиот дом како со домот на Јеровоам, синот Наватов, и како со домот на Васа, синот Ахиин. Језавела ќе ја изедат кучињата во Езраелското Поле, и никој не ќе ја закопа.’“ - Потоа ја отвори вратата и избега. Јуј излезе кај придворниците на својот господар. Тие го прашаа: „Дали е сѐ во мир? Зошто дојде тој безумник кај тебе?“ Тој им одговори: „Го знаете човекот и неговата беседа.“ Тие рекоа: „Не знаеме! Кажи ни!“ Тој им рече: „Ми зборуваше така и така и ми рече: ‘Господ вели вака: „Те помазав за цар над Израел!“‘“ Тие веднаш ги зедоа своите наметки и ги послаа пред него на лествиците, затрубија во роговите и извикаа: „Јуј е цар!“ Така Јуј, синот Јосафатов, синот Нимсиев, подготви завера против Јорам, тогаш Јорам го бранеше Галадски Рамот со сите Израелци против Азаил, арамејскиот цар. Ама царот Јорам се врати во Израел за да ги лечи раните што му ги зададоа Арамејците во бојот против Азаил, арамејскиот цар. И Јуј рече: „Ако ви е по волјата, нека никој не избега од градот за да однесе вест во Езраел.“ Тогаш Јуј се качи во кола и отиде кон Езраел, зашто Јорам боледуваше таму, и Охозиј, јудејскиот цар, дојде да го посети. Стражарот што стоеше на стражарницата во Езраел, гледајќи дека доаѓа Јујовата чета, јави: „Гледам некаква чета.“ Јорам нареди: „Земи коњаник и испрати го пред нив да праша: „Дали е сѐ со мир.“ Коњаникот отиде пред него и рече: „Царот вели вака: ‘Дали е сѐ со мир?’“ - Јуј одговори: „Што ти е грижа дали е со мир! Ајде по мене.“ Стражарот соопшти: „Гласникот стигна до нив, но не се враќа.“ Царот испрати друг коњаник. Тој дојде кај нив и праша: „Царот вели вака: ‘Дали е сѐ со мир?’“ Јуј му одговори: „Што ти е грижа дали е со мир! Ајде по мене.“ Стражарот јави пак: „Дојде до нив, ама не се враќа. А возењето е како возењето на Јуј, синот Нимсиев: вози како безумник!“ Јорам рече „Спрегнувај!“ И спрегнаа во неговата кола. Јорам, царот на Израел, и јудејскиот цар Охозиј излегоа, секој во својата кола во пресрет на Јуј. Го сретнаа во полето на Езраелецот Навутеј. Кога Јорам го здогледа Јуја, го праша: „Дали е сѐ во мир, Јуј?“ Овој одговори: „Каков мир додека траат блудствата на твојата мајка Језавела и нејзините бројни вражања!“ Јорам сврти и почна да бега велејќи му на Охозиј: „Предавство, Охозиј!“ Јуј го грабна лакот, го застрела Јорама меѓу плеќите; стрелата му помина низ срцето, та тој падна од колата. Јуј му рече на својот дворјанец Вадекар: „Дигни го и фрли го во нивата на Езраелецот Навутеј. Спомни си: кога јас и ти јававме по неговиот татко Ахав, како Господ изрече против него: ’Се колнам: како што сношти ја видов крвта на Навутеј и крвта на неговите синови - слово е Господово - така ќе ти вратам исто на ова поле’ - Господово слово е. И така, крени го, и фрли го во тоа поле, според Господовото слово.“ Кога јудејскиот цар Охозиј го виде тоа, избега кон Вет Хаган (Градинска Куќа), но Јуј го гонеше и нареди: „Погубете го и него во колата!“ Го ранија во колата на брдото Гур, што се наоѓа кај Ивлеам. Но избега во Медигон, и таму умре. Неговите слуги го пренесоа со колата во Ерусалим и го погребаа во гробницата покрај неговите татковци, во Давидовиот Град. Во единаесеттата година на царувањето на Јорам, синот Ахавов, Охозиј стана цар над Јудеја. А Јуј беше влегол во Езраел. Кога Језавела го чу тоа, ги намачка очите, ја украси главата и погледна од прозорецот. И кога Јуј влегуваше низ вратата, таа рече: „Како е, Зимриј, убиецу на својот господар?“ Јуј го сврти лицето кон прозорецот и рече: „Кој е со мене, кој?“ И два-три дворјанци погледнаа кон него. Тој рече: „Фрлете ја долу.“ И тие ја фрлија. Нејзината крв ги испрска ѕидовите и коњите, кои што ја изгазија. Тој влезе, јадеше и пиеше, а потоа нареди: „Погледајте ја онаа проклетница и погребете ја, зашто беше царска ќерка.“ И отидоа да ја погребат, но не најдоа ништо од неа освен черепот, нозете и рацете. Се вратија и му јавија, а Јуј рече: „Тоа е словото што Господ го објави преку Својот слуга Тесвиецот Илија: ‘Во Езраелското Поле кучињата ќе го изедат Језавелиното тело. Језавелиниот труп ќе биде како гној во полето, за да не може да се рече: „Ова е Језавела.“‘“