Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 ЦАРЕВИ 9

9
Д. Царување на Јуј (Израел)
1. Јуј помазан за цар
1Пророкот Елисеј повика еден од пророчките синови и му рече: „Препаши се, земи го со себе овој сад со масло па оди во Галадски Рамот. 2Кога ќе стигнеш онаму, побарај го Јуј, синот Јосафатов, синот Нимсиев. Кога ќе го најдеш изведи го од сред неговите другари и воведи го во крајната соба. 3И земи го садот со масло, излеј му го врз главата и речи: „Господ вели вака: ‘Те помазав за израелски цар.’ Потоа отвори ја вратата и бегај, не се двоуми.“
4Тогаш младиот пророк отиде во Галадски Рамот. 5Кога стигна, заповедниците на војската токму седеа собрани. Тој рече: „Имам да ти кажам слово, заповеднику!“ Јуј праша: „Кому од нас?“ Тој одговори: „Тебе, заповеднику!“ 6Тогаш Јуј стана и влезе во куќата. Младиот човек му излеа масло на главата и му рече: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Те помазав за цар над Господовиот народ, над Израел. 7Ти ќе го погубиш домот на Ахава, твојот господар, а Јас ќе ја одмаздам крвта на своите слуги пророците, и крвта на сите Господови слуги врз Језавела 8и врз сиот Ахавов дом. Ќе му ги откорнам на Ахава сѐ што мокри покрај ѕид, робовите и слободниците во Израел. 9Ќе направам со Ахавовиот дом како со домот на Јеровоам, синот Наватов, и како со домот на Васа, синот Ахиин. 10Језавела ќе ја изедат кучињата во Езраелското Поле, и никој не ќе ја закопа.’“ - Потоа ја отвори вратата и избега.
11Јуј излезе кај придворниците на својот господар. Тие го прашаа: „Дали е сѐ во мир? Зошто дојде тој безумник кај тебе?“ Тој им одговори: „Го знаете човекот и неговата беседа.“ 12Тие рекоа: „Не знаеме! Кажи ни!“ Тој им рече: „Ми зборуваше така и така и ми рече: ‘Господ вели вака: „Те помазав за цар над Израел!“‘“
13Тие веднаш ги зедоа своите наметки и ги послаа пред него на лествиците, затрубија во роговите и извикаа: „Јуј е цар!“
2. Пораз и убиство на израелев цар Јорам
14Така Јуј, синот Јосафатов, синот Нимсиев, подготви завера против Јорам, тогаш Јорам го бранеше Галадски Рамот со сите Израелци против Азаил, арамејскиот цар. 15Ама царот Јорам се врати во Израел за да ги лечи раните што му ги зададоа Арамејците во бојот против Азаил, арамејскиот цар. И Јуј рече: „Ако ви е по волјата, нека никој не избега од градот за да однесе вест во Езраел.“ 16Тогаш Јуј се качи во кола и отиде кон Езраел, зашто Јорам боледуваше таму, и Охозиј, јудејскиот цар, дојде да го посети.
17Стражарот што стоеше на стражарницата во Езраел, гледајќи дека доаѓа Јујовата чета, јави: „Гледам некаква чета.“ Јорам нареди: „Земи коњаник и испрати го пред нив да праша: „Дали е сѐ со мир.“ 18Коњаникот отиде пред него и рече: „Царот вели вака: ‘Дали е сѐ со мир?’“ - Јуј одговори: „Што ти е грижа дали е со мир! Ајде по мене.“ Стражарот соопшти: „Гласникот стигна до нив, но не се враќа.“ 19Царот испрати друг коњаник. Тој дојде кај нив и праша: „Царот вели вака: ‘Дали е сѐ со мир?’“ Јуј му одговори: „Што ти е грижа дали е со мир! Ајде по мене.“ 20Стражарот јави пак: „Дојде до нив, ама не се враќа. А возењето е како возењето на Јуј, синот Нимсиев: вози како безумник!“
21Јорам рече „Спрегнувај!“ И спрегнаа во неговата кола. Јорам, царот на Израел, и јудејскиот цар Охозиј излегоа, секој во својата кола во пресрет на Јуј. Го сретнаа во полето на Езраелецот Навутеј. 22Кога Јорам го здогледа Јуја, го праша: „Дали е сѐ во мир, Јуј?“ Овој одговори: „Каков мир додека траат блудствата на твојата мајка Језавела и нејзините бројни вражања!“ 23Јорам сврти и почна да бега велејќи му на Охозиј: „Предавство, Охозиј!“ 24Јуј го грабна лакот, го застрела Јорама меѓу плеќите; стрелата му помина низ срцето, та тој падна од колата. 25Јуј му рече на својот дворјанец Вадекар: „Дигни го и фрли го во нивата на Езраелецот Навутеј. Спомни си: кога јас и ти јававме по неговиот татко Ахав, како Господ изрече против него: 26’Се колнам: како што сношти ја видов крвта на Навутеј и крвта на неговите синови - слово е Господово - така ќе ти вратам исто на ова поле’ - Господово слово е. И така, крени го, и фрли го во тоа поле, според Господовото слово.“
3. Пораз и убиство на јудејскиот цар Охозиј
27Кога јудејскиот цар Охозиј го виде тоа, избега кон Вет Хаган (Градинска Куќа), но Јуј го гонеше и нареди: „Погубете го и него во колата!“ Го ранија во колата на брдото Гур, што се наоѓа кај Ивлеам.
Но избега во Медигон, и таму умре. 28Неговите слуги го пренесоа со колата во Ерусалим и го погребаа во гробницата покрај неговите татковци, во Давидовиот Град.
29Во единаесеттата година на царувањето на Јорам, синот Ахавов, Охозиј стана цар над Јудеја.
4. Гибелта на Ахавовиот дом
а. Убиство на Језавела
30А Јуј беше влегол во Езраел. Кога Језавела го чу тоа, ги намачка очите, ја украси главата и погледна од прозорецот. 31И кога Јуј влегуваше низ вратата, таа рече: „Како е, Зимриј, убиецу на својот господар?“ 32Јуј го сврти лицето кон прозорецот и рече: „Кој е со мене, кој?“ И два-три дворјанци погледнаа кон него. 33Тој рече: „Фрлете ја долу.“ И тие ја фрлија. Нејзината крв ги испрска ѕидовите и коњите, кои што ја изгазија. 34Тој влезе, јадеше и пиеше, а потоа нареди: „Погледајте ја онаа проклетница и погребете ја, зашто беше царска ќерка.“ 35И отидоа да ја погребат, но не најдоа ништо од неа освен черепот, нозете и рацете. 36Се вратија и му јавија, а Јуј рече: „Тоа е словото што Господ го објави преку Својот слуга Тесвиецот Илија: ‘Во Езраелското Поле кучињата ќе го изедат Језавелиното тело. 37Језавелиниот труп ќе биде како гној во полето, за да не може да се рече: „Ова е Језавела.“‘“

Селектирано:

2 ЦАРЕВИ 9: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се