Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Царевите 5:1-14

2 Царевите 5:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Нааман, војсководецот на арамејскиот цар, беше голем човек пред господарот свој и почитуван, зашто преку него Господ им беше дал победа над Арамејците; и тој човек кој беше одличен војник, беше лепрозен. Еднаш Арамејците излегоа во чети и запленија од израелската земја едно мало девојче, и тоа ѝ служеше на Наа­мановата жена. Таа ѝ рече на господарката своја: „О, да отидеше мојот господар кај пророкот, кој е во Самарија, тој ќе ја симнеше од него лепрата.“ Тогаш Нааман отиде и му го кажа тоа на господарот свој, велејќи: „Така и така вели девојчето што е од израелската земја.“ И арамејскиот цар му рече на Нааман: „Стани, оди, јас пак, ќе ис­пратам писмо до израелскиот цар.“ Тој отиде, земајќи со себе десет кикари сребро, шест илјади шекели злато и десет промени облека; и му го однесе на израелскиот цар писмото, во кое се велеше: „Заедно со ова писмо, ете, го испраќам кај тебе Нааман, мојот слуга, да ја симнеш од него лепрата негова.“ Израелскиот цар, откако го прочита писмото, ја раскина облеката своја и рече: „Зар сум јас Бог да умртвувам и да оживувам, та испраќа кај мене да ја симнам од овој човек лепрата негова? Ете, знаете сега и гледајте дека тој бара повод за непријателство против мене.“ Кога Божјиот човек Елисеј слушна дека израелскиот цар ја раскинал облеката своја, испрати да му речат на царот: „Зошто ја раскина облеката сво­ја? Нека дојде кај мене и нека познае дека има пророк во Израел.“ И дојде Нааман со коњите свои и со колите свои и застана пред влезот на Елисеевиот дом. Тогаш Елисеј го испрати кај него слугата свој да му каже: „Оди, искапи се седумпати во Јордан, и телото твое ќе се обнови, и ќе бидеш чист.“ Се разгневи Нааман и си тргна, велејќи: „Ете, јас мислев дека тој ќе излезе, ќе застане и ќе го повика името на Господ, својот Бог, ќе ја стави раката своја на местото и ќе ја симне лепрата; зарем дамаските реки Авана и Парпар не се подобри од сите израел­ски води? Не можев ли да се искапам во нив и да се исчистам?“ Па се сврте и си отиде налутен. Му се доближија слугите негови и му рекоа, велејќи: „Татко, да ти кажеше пророкот да направиш нешто потешко, немаше ли да го направиш. А камо ли сега, кога ти рече само: искапи се, и ќе бидеш чист!“ Тој отиде и се потопи во Јордан седумпати, според зборовите на Божји­от човек, и телото му се обнови како тело на мало дете и се исчисти.

2 Царевите 5:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Нееман, војсководачот на арамејскиот цар, беше угледен човек, и почитуван пред својот господар, зашто Господ преку него им даде победа на Арамејците. Ама тој вешт воин беше лепрозен. Еднаш Арамејците отидоа во грабеж и на израелското подрачје пленија млада девојка, која што потоа ѝ служеше на Неемановата жена. Таа ѝ рече на својата господарка: „Ах, кога мојот господар само би му се обратил на пророкот што е во Самарија! Тој навистина би го ослободил од лепрата!“ Нееман отиде и го извести својот господар: „Така и така рече девојката, која дојде од Израелевата Земја.“ Арамејскиот цар одговори: „Оди таму! Јас ќе му испратам писмо на израелскиот цар.“ Нееман отиде; зеде десет таланти сребро, шест илјади златни сикли и десет свечени облеки. И му го предаде на израелскиот цар писмото што кажуваше: „Со писмото што ти пристига, еве, ти го праќам и својот слуга Нееман, за да го излечиш од лепрата.“ Кога израелскиот цар го прочита писмото, ги раскина облеките врз себе и рече: „Зар сум јас Бог за да можам да умртвувам и да оживувам, та овој го праќа кај мене за да го излечам од неговата лепра? Гледајте само како бара причина за да ме нападне!“ А кога Елисеј научи дека израелскиот цар ја раскинал облеката врз себе, му порача на царот: „Зошто ги раскина своите облеки? Оној само нека дојде кај мене и нека се увери дека има пророк во Израел.“ И така Нееман стигна со своите коњи и со колите, и застана пред вратата на Елисеевата куќа. А Елисеј му порача на дојденикот: „Оди и искапи се седумпати во Јордан, и телото ќе ти биде пак чисто.“ Нееман се налути и тргна, велејќи: „Ете, јас мислев ќе излезе пред мене, ќе го повика Господа, својот Бог, ќе ја стави раката на болното место и ќе ми ја однесе лепрата. Не се ли реките во Дамаск, Авана и Фарфар, подобри од сите израелски води? Не можам ли да се искапам во нив за да станам чист?“ Се сврте и си отиде лут оттаму. Ама неговите слуги му пристапија и му рекоа: „Татко мој, да ти одредеше пророкот и потешко зар не би направил? А камоли кога ти рече: ‘Искапи се, и ќе бидеш чист.’“ И така слезе, се изми седумпати во Јордан, според зборот на Божјиот човек; и телото му стана пак како кај мало дете - се очисти!

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност