Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 ЦАРЕВИ 5:1-14

2 ЦАРЕВИ 5:1-14 MKB

Нееман, војсководачот на арамејскиот цар, беше угледен човек, и почитуван пред својот господар, зашто Господ преку него им даде победа на Арамејците. Ама тој вешт воин беше лепрозен. Еднаш Арамејците отидоа во грабеж и на израелското подрачје пленија млада девојка, која што потоа ѝ служеше на Неемановата жена. Таа ѝ рече на својата господарка: „Ах, кога мојот господар само би му се обратил на пророкот што е во Самарија! Тој навистина би го ослободил од лепрата!“ Нееман отиде и го извести својот господар: „Така и така рече девојката, која дојде од Израелевата Земја.“ Арамејскиот цар одговори: „Оди таму! Јас ќе му испратам писмо на израелскиот цар.“ Нееман отиде; зеде десет таланти сребро, шест илјади златни сикли и десет свечени облеки. И му го предаде на израелскиот цар писмото што кажуваше: „Со писмото што ти пристига, еве, ти го праќам и својот слуга Нееман, за да го излечиш од лепрата.“ Кога израелскиот цар го прочита писмото, ги раскина облеките врз себе и рече: „Зар сум јас Бог за да можам да умртвувам и да оживувам, та овој го праќа кај мене за да го излечам од неговата лепра? Гледајте само како бара причина за да ме нападне!“ А кога Елисеј научи дека израелскиот цар ја раскинал облеката врз себе, му порача на царот: „Зошто ги раскина своите облеки? Оној само нека дојде кај мене и нека се увери дека има пророк во Израел.“ И така Нееман стигна со своите коњи и со колите, и застана пред вратата на Елисеевата куќа. А Елисеј му порача на дојденикот: „Оди и искапи се седумпати во Јордан, и телото ќе ти биде пак чисто.“ Нееман се налути и тргна, велејќи: „Ете, јас мислев ќе излезе пред мене, ќе го повика Господа, својот Бог, ќе ја стави раката на болното место и ќе ми ја однесе лепрата. Не се ли реките во Дамаск, Авана и Фарфар, подобри од сите израелски води? Не можам ли да се искапам во нив за да станам чист?“ Се сврте и си отиде лут оттаму. Ама неговите слуги му пристапија и му рекоа: „Татко мој, да ти одредеше пророкот и потешко зар не би направил? А камоли кога ти рече: ‘Искапи се, и ќе бидеш чист.’“ И така слезе, се изми седумпати во Јордан, според зборот на Божјиот човек; и телото му стана пак како кај мало дете - се очисти!

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност