Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Царевите 1:3-10

2 Царевите 1:3-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш ангел Господов му кажа на Илија тишбеецот: „Стани, пресретни ги пратениците на самарјанскиот цар и кажи им: ‚Зарем во Израел нема Бог, та сте тргнале да го прашате Веелзевул, екронското божество?‘ Затоа вака вели Господ: ‚Од постелата на која си легнал, нема да станеш, туку ќе умреш.‘“ И отиде Илија. Се вратија гласниците кај Охозија. И тој ги праша: „Зошто се вративте?“ Тие му одговорија: „Не пресретна еден човек и ни рече: ‚Одете, вратете се кај царот, кој ве испратил, и кажете му: вака вели Господ: зар во Израел нема Бог, та испраќаш да го прашаш Веел­зевул, екронското бо­жество? Затоа од постелата на која си легнал, нема да станеш, туку ќе умреш.‘“ Тој ги праша: „Каков беше на изглед оној човек што ве пресретна и ви ги кажа тие зборови?“ Тие му одговорија: „Тој човек цели­от беше со влакна и беше опашан преку половината со кожен појас.“ Тој рече: „Тоа е Илија тишбеецот.“ Тогаш испрати царот кај него педе­сетник со неговите педесетмина војници. И тој се искачи кај него, кога Илија седеше на врвот од гората, и му рече: „Човеку Божји, царот нареди да сле­зеш.“ Одговори Илија и му рече на педе­сетникот: „Ако сум јас човек Божји, нека падне оган од небото и нека те изгори тебе и твоите педесетмина војници.“ И падна оган од небото и го изгори него и неговите педесетмина.

2 Царевите 1:3-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Но Господовиот ангел му рече на Тесвиецот Илија: „Стани! Оди во пресрет на пратениците на самарискиот цар и речи им: ‘Зар нема Бог во Израел те одите да се советувате со Вал-Зевул, акаронскиот бог?’ И затоа Господ вели вака: ‘Нема да слезеш од постелата во која си легнал, бездруго ќе умреш.’“ И Илија си отиде. Пратениците се вратија кај Охозиј, а тој им рече: „Што е тоа што веќе се вративте?“ Тие му одговорија: „Нѐ сретна некој човек и ни рече: ‘Одете, вратете се пред царот, кој ве испратил, и речете му: „Господ вели вака: ‘Зар нема Бог во Израел та си испратил по совет кај Вал-Зевул, акаронскиот бог? Затоа нема да слезеш од постелата во која си легнал, туку ќе умреш.’“‘“ Тој ги праша: „Каков беше на изглед тој човек кој ве сретна и кој ви ги рече тие зборови?“ А тие му одговорија: „Тоа беше човек во кожув и со кожен појас околу половината.“ Тој рече: „Тоа е Илија Тесвиецот!“ Тогаш му го испрати педесетникот, со неговите педесетмина, и тој отиде кај него и, откако го најде каде седи на врвот на брегот, му рече: „Божји човече! Царот нареди: ‘Слези!’“ Илија одговори и му рече на педесетникот: „Ако сум Божји човек, оган нека слезе од небото и нека те проголта, тебе и твоите педесетмина!“ И оган се спушти од небото и ги проголта, него и неговите педесетмина.