Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Коринтјаните 2:5-17

2 Коринтјаните 2:5-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Не претерувам ако речам дека човекот што ја направи целава оваа невола повеќе ве нажали сите вас, отколку мене. Но повеќето од вас се усогласивте по ова прашање и казната што му ја изрековте е доволна. Сега треба да му простите и да го утешите, за да не биде толку повреден што нема да биде во состојба духовно да се врати и да закрепне. Затоа, ве молам, покажете му на тој човек дека се уште го сакате! Ви го пишувам ова бидејќи сакам да ве проверам и да видам дали сте подготвени да се придржувате до сите мои упатства. А на тој на кого вие ќе му простите, му простувам и јас. А тоа што јас веќе сум простил, ако воопшто сум имал нешто за простување, тоа е за ваша полза пред Христос. Ако не постапуваме така, Сатаната ќе не надмудри, а знаеме какви се неговите намери! Кога пристигнав во Троада за да ја проповедам Радосната вест за Христос, видов како Господ пред мене отвора ново поле за работа. Но немав душевен мир, бидејќи мојот драг пријател Тит не се беше вратил откај вас. Затоа, се збогував со луѓето во Троада и заминав за Македонија, за таму да се сретнам со Тит. Но, благодарни сме Му на Бог, Кој, на чело со Христос, секогаш не води во победа. Преку нас Тој насекаде ја шири вистината за Христос, како што се шири миризливоста од пријатен мирис. За Бог ние сме како пријатен мирис што го приближува Христос кон сите: и кон оние што Го прифаќаат и се спасуваат, и кон оние што Го одбиваат и пропаѓаат. За жал, на оние што Го одбиваат Христос, овој мирис ќе им биде смртна пресуда. На оние, пак, што Го прифаќаат Христос, ние сме им како најпријатен мирис што им носи вечен живот. Кој е способен да извршува ваква служба? Ние не сме трговци - а такви ги има многу - што се обидуваат да заработат пари од проповедање на Божјото Слово! Ние проповедаме за Христос искрено, како што Бог сака. Нас Бог не испрати и Тој не надгледува.

2 Коринтјаните 2:5-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Ако ли, пак, некој ме ожалости, не ме ожалостил само мене, туку, да не претерам, донекаде и сите вас. За таков доволна е казната што ја претрпел од мнозинството; така што за вас е подобро да го по­милувате и да го утешите, за да не про­падне од преголема жалост; затоа ве молам кон него да покажете љубов. Затоа и ви напишав, да ве испитам и да дознаам дали сте во сѐ послушни. А кому вие ќе му простите нешто, нему ќе му простам и јас; ако сум простил некому нешто, сум му простил по­ради вас во името на Исус Христос, за да не нѐ прелаже сатаната, зашто неговите намисли добро ни се познати. Кога дојдов во Троада да го про­по­ведам Евангелието Христово, иако вра­тата ми беше отворена во Господ, духот мој немаше спокој, бидејќи таму не го најдов мојот брат Тит; и за­тоа, откако се простив со нив, заминав за Македонија. Но да Му благодариме на Бога, Кој секогаш ни дава победа во Исус Хрис­тос, и на секое место преку нас го проја­вува мирисот на спознанието на Самиот Него. Зашто ние сме Му на Бога благопријатен мирис Христов и меѓу оние кои се спасуваат и меѓу оние кои про­па­ѓаат; на едните сме смртоносен мирис за смрт, а на другите животворен мирис за живот. И за ова кој е способен? Зашто ние не сме како мнозина што тргуваат со Божјото име, туку го про­поведаме искрено, како од Бога, пред Бога, во Христос.

2 Коринтјаните 2:5-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Ако некој ме ожалостил, не ме ожалостил мене, - туку - во извесна смисла, да не претерувам, сите вас. На таквиот му е доста казната од мнозинството, така што вие треба побргу да му простите и да го утешите, за да не падне преголема жалост на него. Затоа ве молам да покажете љубов кон него. Бидејќи, затоа и ви напишав, за да ве испитам дали сте послушни во сѐ. А кому ќе му простите нешто вие, нему му проштавам и јас. Зашто, ако сум и простил нешто јас, доколку сум простил, сум простил заради вас во лицето на Христа; за да не земе сатаната предимство над нас; зашто не ни се непознати неговите намери. Кога дојдов во Троада да го проповедам Христовото Евангелие, и кога ми се отвори вратата во Господа, немав мир во својот дух, зашто не го најдов својот брат Тит, и затоа откако се простив од нив, отидов во Македонија. Но, да Му благодариме на Бога, Кој секогаш нѐ води во Неговата победа во Христа, и на секое место, преку нас, го шири мирисот на Своето познавање; зашто, ние сме пред Бога Христов пријатен мирис меѓу оние, кои се спасуваат, и меѓу оние, кои загинуваат; на едните смртен мирис за смрт, а на другите животен мирис за живот. И кој е способен за сѐ ова? Зашто, ние не го изопачуваме Божјото слово, како што мнозина го прават тоа, туку зборуваме искрено, како од Бога пред Бога во Христа.