Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Коринтјаните 11:23-30

2 Коринтјаните 11:23-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Му служеле на Христос! Глупаво е што самиот за себе вака зборувам, но јас многу повеќе Му служам на Христос, многу повеќе работам, поради што многу почесто ме затвораат, ме тепаат и ми се закануваат со смрт! Петпати сум камшикуван од Евреите, по триесет и девет удари со камшик! Трипати сум тепан со стапови, еднаш сум каменуван, трипати сум преживеал бродоломи, цел ден и цела ноќ сум поминал во вода, на отворено море. Често патував, и бев изложен на опасности од надојдени реки и од разбојници. Изложен сум на опасности и од моите сонародници, Евреите, и од паганите. Изложен сум на опасности и во град и во дивина, и на море. Изложен сум на опасности од лажни пријатели. Работам, се мачам, минувам бессони ноќи, гладен, жеден, постам, ѕемнам без доволно облека. И покрај се што ме притиска, јас секојдневно се грижам за сите цркви. Се случило ли некој да го фати слабост, а јас да не сочувствувам со него? Се случило ли некој да застрани, а јас да не согорувам? Ако веќе морам да се фалам, ќе се фалам со она што ја покажува мојата немоќ.

2 Коринтјаните 11:23-30 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Служители Христови ли се? Во без­умство зборувам, јас сум уште повеќе: во напори – изобилно, во затвори – изобилно, во камшикување – прекумерно, во смртна опасност – често. Од Јудејците примив петпати по че­тириесет без еден удар; трипати сум тепан со стапови, ед­наш каменуван, трипати претрпев бро­до­лом, и ноќ и ден поминав во длабоко море; многупати сум патувал, сум бил во опасност од реки, во опасност од разбојници, во опасност од сонародници, во опасност од незнабошци, во опасност по градови, во опасност по пустини, во опасност по море, во опасност меѓу лажни браќа; во труд и мака, во често неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и голотија. А покрај сѐ друго, тука се уште и секојдневните напади против мене, како и грижата за сите цркви. Кој изнемоштува, без да изнемош­там и јас? Кој се соблазнува, без да се распалам и јас? Ако треба да се фалам, со слабоста своја ќе се пофалам.

2 Коринтјаните 11:23-30 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Христови служители ли се? Зборувам во безумство. Јас сум уште повеќе. Повеќе се трудев, повеќепати бев во темници, бев биен премногу; многупати во смртни опасности. Од Јудејците примив петпати по четириесет удари без еден. Трипати бев бичуван, еднаш каменуван, трипати доживеав бродолом; ноќ и ден поминав на длабоко море. Често патував: бев во опасности од реки, во опасности од разбојници, во опасности од сонародници, во опасности од народи; во опасности во град, во опасности во пустина, во опасности по море, во опасност меѓу лажни браќа, во труд и тешкотија, многупати во неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и во голота; посебно, преку сѐ тоа што секојдневно напаѓа на мене - грижата за сите цркви. Кој е слаб, а и јас да не сум слаб? Кој се соблазнува, а јас да не согорувам? Ако треба да се фалам, ќе се фалам со своите слабости.