2 Коринтјаните 10:1-6
2 Коринтјаните 10:1-6 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Сега јас, Павле, лично ве молам со кроткост и љубезност какви што би покажал Христос, да ме послушате, иако некои од вас зборувале дека сум бил строг, кога сум далеку од вас, а малодушен кога сум кај вас. Не би сакал да бидам принуден да покажам строгост спрема оние што тврдат дека нас не водат телесни мотиви. Ние сме од крв и месо, ама не војуваме со телесни, световни методи. Не сме вооружени со човечки оружја, туку со моќните Божји оружја. Со нив ги уриваме сатанските упоришта и ги соборуваме сите зли мудрувања и се друго што ги попречува луѓето да Го запознаат Бога. Ја поразуваме секоја бунтовна човечка мисла и ја учиме да Му биде послушна на Христос. Ние сме готови да ги казниме оние што не се послушни во се, но дури откако вие ќе покажете дека сте целосно послушни.
2 Коринтјаните 10:1-6 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Јас, Павле, лично ве молам со Христовата благост и кроткост, јас самиот, кој сум понизен, кога сум лично меѓу вас, а смел кога сум далеку од вас, ве молам, кога ќе бидам кај вас, да бидете такви што да нема потреба да бидам така смел, каков што мислам да бидам кон некои, кои за нас мислат дека живееме по телото. Зашто, иако во тело живееме, телесно не се бориме. Оружјето на нашето војување не е телесно, но со помошта Божја станува моќно за рушење тврдини; со него ние уништуваме мудрувања, и секоја горделивост, што се крева против познанието за Бога, и го заробуваме секој ум за да Му биде покорен на Христос; и спремни сме да казниме секаква непослушност, кога ќе се исполни вашата послушност.
2 Коринтјаните 10:1-6 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А јас самиот, Павле, ве молам заради Христовата кротост и благост; јас, кој сум смирен пред вас, кога сум меѓу вас, но сум смел кон вас, кога сум далеку од вас; ве молам кога ќе бидам при вас, да не треба да истапам со онаа смелост, со која мислам да истапам против некои, кои мислат дека ние одиме по телото. Зашто, иако живееме во телото, не војуваме со телото, зашто оружјето на нашето војување не е телесно, туку е силно во Бога за разурнување на тврдини, па ги рушиме мудрувањата; и секое превознесување што се крева против познавањето на Бога; и ја поробуваме секоја мисла за послушност на Христа; и готови сме да казниме секаква непослушност, кога ќе се исполни вашата послушност.