Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Коринтјаните 1:3-11

2 Коринтјаните 1:3-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Благословен нека е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Отецот на милосрдноста и Бог на секоја утеха. Тој нѐ утешува при секоја наша не­волја, та и ние да можеме да ги уте­ши­ме сите оние кои се во неволја со онаа утеха со која Бог нѐ утешува нас са­ми­те! Зашто, како што изобилуваат Хрис­товите страдања во нас, така изобилува и утехата наша преку Христос. Ако сме во неволја, – тоа е за ваша утеха и спасение; ако сме утешени, тоа е за ваша утеха и спасение. Тие станува­ат делотворни само кога ги претрпувате истите страдања што ги трпиме и ние; а и надежта наша за вас е цврста, знаејќи дека како што учествувавте во нашите страдања, така ќе бидете учес­ници и во утехата. Браќа, не сакаме да ја затаиме не­волјата што нѐ снајде во Азија; дека бевме оптоварени прекумерно, дури преку нашите сили, ние не се надевавме ни живи да останеме. Туку сами во себе ја примивме смртната пресуда за да не се надеваме во се­бе, туку на Бога, Кој ги воскреснува мртвите. Тој нѐ избави од таква страшна смрт, а и уште нѐ избавува. Во Него се надеваме дека и уште ќе нѐ избавува; па со помошта и на вашата молитва за нас многу луѓе да Му благодарат на Бога за даровите што ни се дадени по­ради вас.

2 Коринтјаните 1:3-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Благословен нека е Бог, Кој е и Татко на нашиот Господ Исус Христос, Татко на милосрдието и Бог од Кој ни доаѓа секоја утеха! Во секоја наша невола не утешува, за да можеме и ние да ги утешуваме другите што се во некаква невола, со истата утеха со која Бог нас не утешува. Колку повеќе страдаме за Христос, толку повеќе Бог ќе не опсипе со утеха преку Христос. Кога ние страдаме, тоа е за ваше добро и за ваше спасение, зашто кога Бог ќе не утеши нас, тоа и за вас ќе претставува охрабрување и така ќе бидете поподготвени трпеливо да поминете низ истите страдања низ кои ние сега минуваме. Имаме цврста верба во вас, иако знаеме дека сега минувате низ страдања низ кои и ние сме минувале, но ќе бидете утешени на истиот начин на кој и ние бевме утешени. Сметам, драги пријатели христијани, дека треба да знаете за страдањата низ кои ние поминавме во покраината Азија. Тие беа толку тешки и неподносливи, што загубивме секаква надеж дека ќе останеме живи. Помисливме дека ќе умреме и престанавме да се потпираме на сопствените сили. Му се препуштивме на Бог, Кој и мртви може да воскресне. Тој не избави од сигурна смрт и пак ќе не избавува. На Него се надеваме и знаеме дека ќе продолжи да не избавува. Вие ни помагате со тоа што се молите за нас. Кога тие многубројни молитви ќе бидат одговорени и Бог ќе ни ја покаже својата дарежлива благонаклоност, многу луѓе ќе Му бидат благодарни.

2 Коринтјаните 1:3-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Благословен Бог и Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Татко на милосрдноста и Бог на секоја утеха, Кој нѐ утешува во секоја наша неволја, за да можеме и ние да ги утешуваме оние, кои се наоѓаат во каква и да е неволја, со утехата со која Бог нѐ утешува нас самите. Зашто, како што Христовите страдања изобилуваат во нас, така преизобилува и нашата утеха преку Христа. Ако сме измачувани, тоа е за ваша утеха и спасение. Ако се утешуваме, тоа е за ваша утеха, која дејствува во трпението на оние исти страдања, што ги трпиме и ние. Нашата надеж за вас е цврста, знаејќи дека вие учествувате како во страдањата така и во утехата. Браќа, не сакаме да останете во незнаење во однос на неволјата што ни се случи во Азија, додека бевме оптоварени преку секоја мерка и над нашите сили, така што не се надевавме ни да го запазиме својот живот. Па и сами во себеси дојдовме до заклучок, дека ќе ѝ бидеме предадени на смртта, за да не се надеваме сами на себеси, туку на Бога, Кој ги воскреснува мртвите. Тој нѐ избави и уште нѐ избавува од таква смрт; Тој, во Кого се надеваме, дека пак ќе нѐ избави, со помош на вашата молитва за нас, за да му заблагодарат на Бога многу луѓе за нас, за благодатниот дар што го добивме.