2 Летописи 7:11-22
2 Летописи 7:11-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И го заврши Соломон домот Господов и домот царски, заврши успешно сѐ што беше наумил во срцето свое да го изврши во Господовиот дом и во својот дом. И Господ му се јави на Соломон ноќе и му кажа: „Ја чув твојата молитва и Си го одбрав тоа место за дом на жртвопринесувања. Ако го заклучам небото и да нема дожд, ако им заповедам на скакулците да ја испасат земјата, или да испратам помор врз Мојот народ, и Мојот народ, кој се именува со Моето име, се понизи, почне да се моли, да го бара лицето Мое и се одврати од своите лоши патишта, Јас ќе чујам од небото и ќе му ги простам гревовите негови и ќе ја излекувам земјата негова. И сега очите Мои ќе бидат отворени и ушите Мои внимателни кон молитвата во ова место. И сега Јас го избрав и го осветив овој дом, та името Мое да биде таму засекогаш; и очите Мои, и срцето Мое ќе бидат таму во сите дни. И, ако одиш пред лицето Мое, како што одеше татко ти Давид, и ако вршиш сѐ, што сум ти заповедал, и ако ги пазиш повелбите Мои и законите Мои, Јас ќе го зацврстам престолот на царството твое, како што му бев ветил на татко ти Давид, велејќи: ‚нема да снема маж, што ќе владее над Израел.‘ Но, ако отстапите и ако ги напуштите наредбите Мои и заповедите Мои, што сум ви ги дал, и тргнете да служите на други богови и да им се поклонувате, Јас ќе го истребам Израел од лицето на Мојата земја, што сум му ја дал, и овој храм, што сум го осветил на Мое име, ќе го отфрлам од лицето Свое и ќе го направам за приказ и за потсмев кај сите народи. А за овој храм, толку славен, секој, што ќе мине покрај него, ќе се вџаши и ќе рече: ‚Зошто ли постапил Господ така со оваа земја и со овој храм?‘ И ќе речат: ‚Затоа, што тие Го оставија Господ, Бог на нивните предци, Кој ги изведе од египетската земја, и се приврзаа за други богови, и, се поклонуваа и им служеа, – затоа Тој им го испрати сево ова зло.‘“
2 Летописи 7:11-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Така Соломон ги доврши Господовиот Дом и царскиот дворец и направи сѐ што имаше наумено во своето срце да го изврши во Господовиот Дом и во својот дворец. Потоа Господ му се јави на Соломона ноќе и му рече: „Ја послушав твојата молитва и го избрав тоа место за да Ми биде Дом на жртвата. Ако го затворам небото за да нема дожд, или ако им заповедам на скакулците за да ја испасат земјата, или ако пуштам помор меѓу Мојот народ, и ако се смири Мојот народ, кој се наречува со Моето Име, и ако се помоли, и го побара Моето лице и ако се откаже од лошите патишта, Јас ќе го послушам тогаш од небото и ќе му го простам гревот и ќе му ја излечам земјата. Моите очи ќе бидат отворени и Моите уши ќе бидат внимателни на молитвата од ова место. И така, сега го избрав и го осветив овој Дом, за да биде тука Моето Име засекогаш, и тука ќе бидат во сите дни Моите очи и Моето срце. А ти, ако одиш пред Мене како што одеше татко ти Давид, правејќи сѐ што ти заповедав и пазејќи ги Моите одредби и закони, ќе го додржам твојот царски престол како што му ветив на твојот татко Давид, велејќи: ‘Не ќе ти потснема наследник, кој ќе владее во Израел.’“ “Ама ако Ме оставите и ако ги напуштите одредбите и заповедите кои ви ги дадов, та отидете и почнете да им служите на туѓи богови и да им се клањате, ќе ги истерам Израелците од Мојата земја што им ја дадов, и ќе го отфрлам од себе овој Дом, кој Му го посветив на Моето Име, и ќе направам од него приказна и срам меѓу сите народи. Секој што ќе помине покрај овој Дом, кој беше преславен, ќе се вчудоневиди од ужас и ќе праша: ‘Зошто Господ направи така со оваа земја и со овој Дом?’ И ќе му биде одговорено: ‘Го оставија Господа, Бога на своите татковци, Кој ги изведе од Египет и се свртија кон туѓите богови, и им се клањаа, и им служеа, и затоа Господ го пушти на нив сето ова зло.’“