Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Летописи 30:1-12

2 Летописи 30:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Езекија испрати гласници по целата земја израелска и Јудеја, а напиша и писма до Ефрем и племињата на Манасија, да дојдат во домот Господов во Ерусалим, за да прослават Пасха на Господ, Бог Израелов. А царот и началниците и целото собрание во Ерусалим решија да про­слават Пасха на вториот месец, бидејќи не можеа да ја прослават кога ѝ беше времето, зашто уште нема­ше доволен број осветени свеш­теници, па и народот не се беше собрал во Ерусалим. Тоа му се допадна на царот и на целото собрание. И решија да разгласат по цел Израел, од Вирсавија до Дан, да отидат во Ерусалим да Му направат Пасха на Господ, Бог Израелов, зашто одамна не ја беа правеле, како што е наредено. И тргнаа гласници со писма од царот и од началниците негови по целата земја израелска и Јудеја, и по заповед на царот велеа: „Деца израелски! Обратете се кон Господ, Бог Авраамов, Исаков и Израелов, и Тој ќе се сврти кон оние, што се уне­среќени меѓу вас од раката на асирските цареви. И не бидете како предците ваши и браќата ваши, кои постапуваа беззаконо пред Господ, Бог на вашите предци, и Тој ги предаде за истребување, како што гледате. Сега не бидете тврдоглави како вашите предци, покорете Му се на Гос­под и доаѓајте во светилиштето Негово, кое Тој го освети засекогаш; служете Му на Господ, нашиот Бог, и Тој ќе го отстрани од вас пламенот на Својот гнев. Кога ќе се обратите кон Господ, бра­ќата ваши и децата ваши ќе најдат ми­лост кај оние, што ги заробиле, и ќе се вратат во оваа земја; зашто Господ, Бог наш, е благ и милосрден и нема да го сврти лицето од вас, ако се обратите кон Него.“ Гласниците одеа од град во град по земјата Ефремова и Манасиева, сѐ до Завулоновата, но им се смееја и се подбиваа со нив. Само некои од коленото Асирово, Манасиево и Завулоново се понизија и дојдоа во Ерусалим. А над Јудеја беше раката Божја, та им даде еднодушност, за да ја исполнат заповедта на царот и началниците, според словото Госпо­дово.

2 Летописи 30:1-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Потоа Езекија им порача на сите Израелци и Јудејци, па им напиша и писма на Ефремовото и Манасиевото племе, да дојдат во Господовиот Дом во Ерусалим за да направат Пасха на Господа, Израелевиот Бог. Царот, советувајќи се со кнезовите и со сиот собор во Ерусалим, одлучи да ја слават Пасхата во вториот месец. Тоа не можеа да го направат во право време зашто немаше доста посветени свештеници, и народот не се имаше собрано во Ерусалим. И тоа беше право во царевите очи и во очите на сиот собор, па одредија да биде разгласен по сиот Израел од Вир-Савеа па до Дан за да дојдат и да направат Пасха на Господа, Израелевиот Бог, во Ерусалим, зашто премногу не ја празнуваа како што е пропишано. Така отидоа гласниците со писмата од царот и од неговите кнезови, по сиот Израел и Јуда, та зборуваа според царевата заповед: „Израелеви синови, обратете му се на Господа, на Аврамовиот, Исаковиот и Израелевиот Бог, па и Тој ќе се обрати кон Остатокот, кој ви остана од рацете на асирските цареви. И немојте да бидете како вашите татковци и вашите браќа, кои Му згрешија на Господа, Бога на своите татковци, та ги предаде на пропаст, како гледате и самите. И така, не бидете тврдоврати како вашите татковци: протегнете ја раката кон Господа и дојдете во Неговото Светилиште, што го посвети засекогаш, и служете Му на Господа, својот Бог, па ќе го одврати од вас Својот жесток гнев. Ако Му се обратите на Господа, вашите браќа и вашите синови ќе најдат мислост во оние кои ги заробија, па ќе се вратат во оваа земја; зашто Господ, вашиот Бог, е милостив и милосрден, и нема да го одврати Своето лице од вас, ако вие Му се обратите Нему.“ И така гласниците тргнаа од град до град по Ефремовата и Манасиевата Земја па до Завулон, а луѓето им се потсмеваа и се подигруваа со нив. Сепак некои од Асировото, од Манасиевото и од Завулоновото племе се смирија и дојдоа во Ерусалим. На Јудејците пак слезе Божјата рака и ги проникна со еднодушност за да прават што беа заповедале царот и кнезовите по Господовото слово.