Езекија испрати гласници по целата земја израелска и Јудеја, а напиша и писма до Ефрем и племињата на Манасија, да дојдат во домот Господов во Ерусалим, за да прослават Пасха на Господ, Бог Израелов. А царот и началниците и целото собрание во Ерусалим решија да прослават Пасха на вториот месец, бидејќи не можеа да ја прослават кога ѝ беше времето, зашто уште немаше доволен број осветени свештеници, па и народот не се беше собрал во Ерусалим. Тоа му се допадна на царот и на целото собрание. И решија да разгласат по цел Израел, од Вирсавија до Дан, да отидат во Ерусалим да Му направат Пасха на Господ, Бог Израелов, зашто одамна не ја беа правеле, како што е наредено. И тргнаа гласници со писма од царот и од началниците негови по целата земја израелска и Јудеја, и по заповед на царот велеа: „Деца израелски! Обратете се кон Господ, Бог Авраамов, Исаков и Израелов, и Тој ќе се сврти кон оние, што се унесреќени меѓу вас од раката на асирските цареви. И не бидете како предците ваши и браќата ваши, кои постапуваа беззаконо пред Господ, Бог на вашите предци, и Тој ги предаде за истребување, како што гледате. Сега не бидете тврдоглави како вашите предци, покорете Му се на Господ и доаѓајте во светилиштето Негово, кое Тој го освети засекогаш; служете Му на Господ, нашиот Бог, и Тој ќе го отстрани од вас пламенот на Својот гнев. Кога ќе се обратите кон Господ, браќата ваши и децата ваши ќе најдат милост кај оние, што ги заробиле, и ќе се вратат во оваа земја; зашто Господ, Бог наш, е благ и милосрден и нема да го сврти лицето од вас, ако се обратите кон Него.“ Гласниците одеа од град во град по земјата Ефремова и Манасиева, сѐ до Завулоновата, но им се смееја и се подбиваа со нив. Само некои од коленото Асирово, Манасиево и Завулоново се понизија и дојдоа во Ерусалим. А над Јудеја беше раката Божја, та им даде еднодушност, за да ја исполнат заповедта на царот и началниците, според словото Господово.