Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Летописи 26:14-21

2 Летописи 26:14-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И подготви Озија за нив, за целата војска, штитови и копја, шлемови и оклопи, лакови и камења за праќки. Направи во Ерусалим вешто из­мислени машини, да стојат на кулите и аглите, за да се фрлаат со нив стрели и големи камења. И се прочу името негово далеку, зашто се беше зацврстил чудно и беше станал многу силен. Но кога стана силен, се возгордеа срцето негово за негово загинување, и тој стана престапник пред Господ, не­говиот Бог, зашто влезе во храмот Господов за да запали темјан на кадилниот жртвеник. По него отиде свештеникот Аза­рија и со него осумдесет Господови свештеници, одлични луѓе; тие му се противставија на царот Озија и му рекоа: „Не е твоја работа, Озија, да Му кадиш на Господ; тоа е работа на свештениците, синови Аро­нови, посветени за кадење; излези од светилиштето, зашто направи престап, и тоа нема да ти биде за чест пред Господ Бог!“ Се налути Озија, – а во раката не­гова имаше кадилница за кадење, и кога се налути на свештениците, се појави лепра на челото негово, пред лицето на свештениците во домот Господов, при кадилниот жртвеник. Го погледна првосвештеникот Азарија и сите свештеници; и ете, има­ше лепра на челото негово. Го при­нудија да излезе оттаму, па и самиот тој брзаше да се оддалечи, зашто го порази Господ. И остана лепрозен царот Озија до денот на смртта своја, и живееше во посебна куќа и беше отстранет од до­мот Господов. А Јотам, неговиот син, управуваше над царскиот дом и му судеше на народот во земјата.

2 Летописи 26:14-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Озиј ѝ направи на својата војска штитови, копја, кациги, оклопи, лакови и камења за праќките. Направи во Ерусалим вешто измислени бојни справи, пронајдок на градител, за да стојат на стражарниците и на аглите на тврдините, да фрлаат стрели и големи камења; името му се чу надалеку, зашто уживаше чудесна помош сѐ додека не се засили. Но кога се засили, срцето му се возгордеа многу што се расипа, та му изневери на Господа, својот Бог, зашто влезе во Господовиот Храм, и почна да принесува темјан на кадилниот жртвеник. Ама по него влезе свештеникот Азариј и со него осумдесет Господви свештеници, чесни луѓе. Тие му се спротивија на царот велејќи: „Не е твое Озиј, да му кадиш на Господа, туку тоа е должност на свештениците, на Ароновите синови, кои се посветени за да кадат. Излегувај од Светилиштето! Постапи незаконски и не ти служи на чест пред Господа Бога!“ Тогаш Озиј се расрди држејќи ја во раката кадилницата за да кади; кога се расрди на свештениците, му избувна лепра на челото пред свештениците во Господовиот Дом покрај кадилниот жртвеник. Кога свештеничкиот главатар Азариј и сите свештеници го погледнаа одблизу, а тоа ете, му излегла лепра на челото; бргу го избркаа оттаму, а и тој самиот посака да излезе, зашто Господ го удри. Царот Озиј остана лепрозен до смртта, и живееше во посебна куќа, зашто беше отстранет од Господовиот Дом; неговиот син Јотам беше управител на царскиот дворец и му судеше на народот на земјата.