1 Солуњаните 5:1-11
1 Солуњаните 5:1-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Нема потреба да ви пишувам за времето и датумот кога ќе се случи ова. Вие сигурно и самите знаете дека доаѓањето на Господ ќе биде ненадејно, како кога крадец неочекувано упаѓа ноќе. Кога луѓето од овој свет ќе си мислат: „Сега сме мирни и безбедни“, тогаш неочекувано ќе им дојде уништувањето, како кога породилни болки и доаѓаат на жена што треба да роди. Тоа неминовно ќе им се случи. Но вие што сте христијани, не живеете во мрак, па во тој ден нема да бидете непријатно изненадени, како од крадец. Вие и припаѓате на светлината и на денот, а не на темнината и на ноќта. Затоа, да не бидеме заспани, како другите луѓе, туку да бидеме будни и трезвени. Ноќе луѓето спијат, ноќе се опиваат; но ние што му припаѓаме на денот треба да бидеме трезвени. Треба да се вооружиме со вера и љубов. Тие да ни бидат како штитник на градите. Треба да се вооружиме со увереност дека ќе бидеме спасени и тоа да ни биде како шлем на главата. Бог не не одбра за да не казни, туку за да бидеме спасени преку нашиот Господ Исус Христос, Кој умре за нас, за да Му се придружиме и вечно да живееме со Него, без оглед на тоа дали кога Тој ќе се врати ќе бидеме живи, или починати. Затоа, продолжете да се охрабрувате и да се изградувате еден со друг.
1 Солуњаните 5:1-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А за времињата и часовите, браќа, нема потреба да ви се пишува, бидејќи вие самите многу добро знаете: денот Господов ќе дојде како крадец во ноќно време. И додека уште велат: „Мир и безбедност!“, Тогаш ненадејно ќе ги снајде пропаст и не ќе можат да избегнат. Но вие, браќа, не сте во темнина, та денот да може да ве затече како крадец. Бидејќи сите вие сте синови на светлината и синови на денот; ние не сме синови на ноќта, ниту на темнината. И така, да не спиеме како и другите, туку да бидеме будни и трезни. Зашто оние што спијат, ноќе спијат, и оние што се опиваат, ноќе се опиваат. Ние, пак, како синови на денот, да бидеме трезни и облечени во оклопот на верата и љубовта и шлемот на надежта за спасение, зашто Бог нѐ определи не за гнев, туку да добиеме спасение преку нашиот Господ Исус Христос, Кој умре за нас, та ние да живееме заедно со Него, било кога сме будни, или кога спиеме. Поради тоа утешувајте се меѓу себе и надградувајте се еден со друг онака како што и правите!
1 Солуњаните 5:1-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А што се однесува за времињата и настаните, браќа, немате потреба да ви се пишува; зашто самите вие добро знаете дека Господовиот Ден ќе дојде како крадец во ноќта. Кога ќе речат: мир и безбедност, тогаш ненадејно ќе падне погибел на нив, како болка на трудна жена, и не ќе ѝ избегаат. Но вие, браќа, не сте во темнина - та Денот да ве затече како крадец; зашто вие сите сте синови на светлината и синови на денот. Не ѝ припаѓаме на ноќта, ниту на темнината; и така, да не спиеме како другите, туку да бдееме и да бидеме трезвени; зашто оние кои спијат, спијат ноќе и кои се опиваат, ноќе се опиваат. А ние, кои му припаѓаме на денот, да бидеме трезвени, да се облечеме во оклоп на вера и љубов, и со надежта на спасение како кацига, зашто Бог не нѐ определил за гнев, туку да придобиеме спасение преку нашиот Господ Исус Христос, Кој умре за нас за да живееме заедно со Него, било да сме будни или да спиеме. Затоа утешувајте се меѓусебно и надградувајте се еден друг како што и правите!