Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Солуњаните 4:1-18

1 Солуњаните 4:1-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

За крај, драги пријатели, сега кога Му припаѓате на Господ Исус, ве молиме и ве повикуваме да живеете богоугодно, онака како што ве учевме. Вие веќе сега живеете така, но трудете се уште повеќе. Потсетувајте се на упатствата што ви ги дававме како на следбеници на Господ Исус. Бог сака вие да бидете свети - да се чувате од блуд. Секој треба да умее да го контролира своето тело, за да биде свето и за почит. Немојте да им робувате на вашите необуздани страсти, како што прават луѓето што не Го познаваат Бога. Во однос на ова прашање, никако не смеете да мамите и искористувате други христијани! Потсетете се, веќе ве предупредивме дека Господ ќе го казни секој што така прави. Бог не ве одбра за да живеете валкан живот, туку за да бидете свети. Секој што не се придржува кон ова, не е непослушен спрема нас, туку спрема Бог, спрема Оној што ни Го дава Својот Свет Дух. Нема потреба да ви пишувам дека треба да се сакате еден со друг. Самиот Бог веќе ве научи како да се сакате, и вие веќе ја покажавте својата љубов спрема сите христијани во цела Македонија. Сакам само да ве охрабрам, драги пријатели, таа љубов кај вас уште повеќе да расте. Трудете се да живеете тивко, да си ја гледате својата работа, да си заработувате за живејачка, како што и ве учевме. Така и тие што не се христијани ќе ве почитуваат, а вие нема да зависите од никого. Драги пријатели христијани, сакаме да знаете што ќе се случи со оние што се починати, за да не тагувате како луѓето што по ова прашање немаат никаква надеж. Ако ние веруваме дека Исус умре и воскресна, веруваме и дека Бог пак ќе ни Го врати, а со Него ќе ги врати и сите што пред да починат верувале во Исус. Ова ни е кажано од Господ. Тој ни рече дека ние што ќе бидеме живи кога Тој повторно ќе дојде, ќе се сретнеме со Него откако Тој претходно ќе ги воскресне починатите. Господ Лично ќе се симне од небото, со силен глас ќе заповеда, со глас на архангел и со труба Божја, и прво ќе воскреснат оние што верувале во Христос пред да починат; потоа ние што сме живи, заедно со нив, ќе бидеме грабнати во облаците, за да се сретнеме со Господ и засекогаш да останеме со Него. Затоа, утешувајте се и охрабрувајте се меѓусебно со овие зборови.

1 Солуњаните 4:1-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И така, браќа, ве молиме и ве заколнуваме во Христос Исус, онака, како што научивте од нас како треба да живеете и да Му угодите на Бога, како што и постапувате, сѐ повеќе во тоа да напредувате; Вие знаете какви пораки ви дадовме од името на Господ Исус. Ова е волјата Божја, вашата светост: да се воздржувате од блудство, и секој од вас да знае да го пази својот сад во светост и честитост, а не во похотна страст, како незна­бошците, кои не Го познаваат Бога, и да не престапува и го измамува во тоа братот свој; бидејќи Господ за сето тоа се одмаздува, како што ви зборував­ме и сведочевме порано. Зашто Бог не нѐ повика кон нечис­тота, туку во светост. А кој го отфрла тоа, тој отфрла не човек, туку Бога, Кој Го даде Својот Дух Свети во нас. За братољубието, пак, нема потреба да ви пишувам, зашто вие сами сте нау­чени од Бога да се сакате еден со друг, бидејќи така и постапувате со сите браќа по цела Македонија. И ве поттик­нуваме, браќа, уште повеќе да напредувате, и усрдно да се грижите да живеете мирно, да си ја извршувате сопствената работа и да работите со свои раце како што ви заповедавме; да постапувате чесно спрема надво­решните и да не зависите од никого. Браќа, не сакаме да бидете во незнаење за оние кои се упокоени, за да не тажите како и другите, што немаат на­деж. Зашто, ако веруваме дека Исус ум­ре и воскресна, така Бог и упокоените преку Исус, ќе ги доведе со Него. Ова, пак, ви го велиме преку словото Господово, дека ние, живите, што ќе останеме до доаѓањето на Господ, нема да стигнеме пред упокоените. Бидејќи Сам Господ по заповед, на гласот на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото, и најнапред ќе вос­креснат мртвите; а потоа, ние, што сме останале жи­ви, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господ во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господ. Па затоа, утешувајте се еден со друг со тие зборови.

1 Солуњаните 4:1-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Најпосле, браќа, бараме и ве опоменуваме во Господа Исуса, да изобилувате повеќе во она што го примивте од нас, како треба да живеете и да Му угодувате на Бога, како што и успевате во тоа. Имено, знаете какви наредби ви дадовме во името на Господа Исуса. Зашто, ова е Божјата волја, вашето осветување, да се воздржувате од блудство, секој од вас да знае да го држи својот сад во светост и чест, не во похотна страст, како народите кои не Го познаваат Бога; да не престапува и го измамува својот брат во тоа, зашто за сѐ тоа Господ е Одмаздувач, како што ви рековме и сведочевме порано. Имено, Бог не нѐ призва на нечистота, туку на осветување. Затоа, кој го отфрла тоа, не го отфрла човекот, туку Бога, Кој ви Го дава и Својот Свети Дух. А за братољубието нема потреба да ви пишувам, зашто Самиот Бог ве научи да се љубите еден друг, а вие го правите тоа кон сите браќа во цела Македонија. Но, ве молиме пак, браќа, да го правите тоа уште повеќе и да настојувате усрдно да живеете тихо, да ги гледате своите работи и да работите со своите раце, како што ви наредивме, за да се однесувате благоприлично кон оние, надворешните и да немате потреба од ништо. Не сакаме, браќа, да останете во незнаење за умрените, за да не жалите како другите, кои немаат надеж. Зашто ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така и умрените во Исуса, Бог ќе ги приведе со Него. Зашто ова ви го кажуваме преку словото на Господа, дека ние, кои живееме и остануваме до Господовото доаѓање, нема да отидеме пред оние кои умреле; зашто Самиот Господ на заповед, при глас на архангел и при Божја труба, ќе слезе од небото и мртвите во Христа ќе воскреснат прво. Потоа ние живите, ние кои останавме, ќе бидеме грабнати заедно со нив на облаците, во воздух, во пресрет на Господа; и така засекогаш ќе бидеме со Господа. Затоа, утешувајте се еден друг со овие зборови.