Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 СОЛУНЈАНИТЕ 4:1-18

1 СОЛУНЈАНИТЕ 4:1-18 MKB

Најпосле, браќа, бараме и ве опоменуваме во Господа Исуса, да изобилувате повеќе во она што го примивте од нас, како треба да живеете и да Му угодувате на Бога, како што и успевате во тоа. Имено, знаете какви наредби ви дадовме во името на Господа Исуса. Зашто, ова е Божјата волја, вашето осветување, да се воздржувате од блудство, секој од вас да знае да го држи својот сад во светост и чест, не во похотна страст, како народите кои не Го познаваат Бога; да не престапува и го измамува својот брат во тоа, зашто за сѐ тоа Господ е Одмаздувач, како што ви рековме и сведочевме порано. Имено, Бог не нѐ призва на нечистота, туку на осветување. Затоа, кој го отфрла тоа, не го отфрла човекот, туку Бога, Кој ви Го дава и Својот Свети Дух. А за братољубието нема потреба да ви пишувам, зашто Самиот Бог ве научи да се љубите еден друг, а вие го правите тоа кон сите браќа во цела Македонија. Но, ве молиме пак, браќа, да го правите тоа уште повеќе и да настојувате усрдно да живеете тихо, да ги гледате своите работи и да работите со своите раце, како што ви наредивме, за да се однесувате благоприлично кон оние, надворешните и да немате потреба од ништо. Не сакаме, браќа, да останете во незнаење за умрените, за да не жалите како другите, кои немаат надеж. Зашто ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така и умрените во Исуса, Бог ќе ги приведе со Него. Зашто ова ви го кажуваме преку словото на Господа, дека ние, кои живееме и остануваме до Господовото доаѓање, нема да отидеме пред оние кои умреле; зашто Самиот Господ на заповед, при глас на архангел и при Божја труба, ќе слезе од небото и мртвите во Христа ќе воскреснат прво. Потоа ние живите, ние кои останавме, ќе бидеме грабнати заедно со нив на облаците, во воздух, во пресрет на Господа; и така засекогаш ќе бидеме со Господа. Затоа, утешувајте се еден друг со овие зборови.