1 Солуњаните 4:1-12
1 Солуњаните 4:1-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
За крај, драги пријатели, сега кога Му припаѓате на Господ Исус, ве молиме и ве повикуваме да живеете богоугодно, онака како што ве учевме. Вие веќе сега живеете така, но трудете се уште повеќе. Потсетувајте се на упатствата што ви ги дававме како на следбеници на Господ Исус. Бог сака вие да бидете свети - да се чувате од блуд. Секој треба да умее да го контролира своето тело, за да биде свето и за почит. Немојте да им робувате на вашите необуздани страсти, како што прават луѓето што не Го познаваат Бога. Во однос на ова прашање, никако не смеете да мамите и искористувате други христијани! Потсетете се, веќе ве предупредивме дека Господ ќе го казни секој што така прави. Бог не ве одбра за да живеете валкан живот, туку за да бидете свети. Секој што не се придржува кон ова, не е непослушен спрема нас, туку спрема Бог, спрема Оној што ни Го дава Својот Свет Дух. Нема потреба да ви пишувам дека треба да се сакате еден со друг. Самиот Бог веќе ве научи како да се сакате, и вие веќе ја покажавте својата љубов спрема сите христијани во цела Македонија. Сакам само да ве охрабрам, драги пријатели, таа љубов кај вас уште повеќе да расте. Трудете се да живеете тивко, да си ја гледате својата работа, да си заработувате за живејачка, како што и ве учевме. Така и тие што не се христијани ќе ве почитуваат, а вие нема да зависите од никого.
1 Солуњаните 4:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И така, браќа, ве молиме и ве заколнуваме во Христос Исус, онака, како што научивте од нас како треба да живеете и да Му угодите на Бога, како што и постапувате, сѐ повеќе во тоа да напредувате; Вие знаете какви пораки ви дадовме од името на Господ Исус. Ова е волјата Божја, вашата светост: да се воздржувате од блудство, и секој од вас да знае да го пази својот сад во светост и честитост, а не во похотна страст, како незнабошците, кои не Го познаваат Бога, и да не престапува и го измамува во тоа братот свој; бидејќи Господ за сето тоа се одмаздува, како што ви зборувавме и сведочевме порано. Зашто Бог не нѐ повика кон нечистота, туку во светост. А кој го отфрла тоа, тој отфрла не човек, туку Бога, Кој Го даде Својот Дух Свети во нас. За братољубието, пак, нема потреба да ви пишувам, зашто вие сами сте научени од Бога да се сакате еден со друг, бидејќи така и постапувате со сите браќа по цела Македонија. И ве поттикнуваме, браќа, уште повеќе да напредувате, и усрдно да се грижите да живеете мирно, да си ја извршувате сопствената работа и да работите со свои раце како што ви заповедавме; да постапувате чесно спрема надворешните и да не зависите од никого.
1 Солуњаните 4:1-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Најпосле, браќа, бараме и ве опоменуваме во Господа Исуса, да изобилувате повеќе во она што го примивте од нас, како треба да живеете и да Му угодувате на Бога, како што и успевате во тоа. Имено, знаете какви наредби ви дадовме во името на Господа Исуса. Зашто, ова е Божјата волја, вашето осветување, да се воздржувате од блудство, секој од вас да знае да го држи својот сад во светост и чест, не во похотна страст, како народите кои не Го познаваат Бога; да не престапува и го измамува својот брат во тоа, зашто за сѐ тоа Господ е Одмаздувач, како што ви рековме и сведочевме порано. Имено, Бог не нѐ призва на нечистота, туку на осветување. Затоа, кој го отфрла тоа, не го отфрла човекот, туку Бога, Кој ви Го дава и Својот Свети Дух. А за братољубието нема потреба да ви пишувам, зашто Самиот Бог ве научи да се љубите еден друг, а вие го правите тоа кон сите браќа во цела Македонија. Но, ве молиме пак, браќа, да го правите тоа уште повеќе и да настојувате усрдно да живеете тихо, да ги гледате своите работи и да работите со своите раце, како што ви наредивме, за да се однесувате благоприлично кон оние, надворешните и да немате потреба од ништо.