И така, браќа, ве молиме и ве заколнуваме во Христос Исус, онака, како што научивте од нас како треба да живеете и да Му угодите на Бога, како што и постапувате, сѐ повеќе во тоа да напредувате; Вие знаете какви пораки ви дадовме од името на Господ Исус. Ова е волјата Божја, вашата светост: да се воздржувате од блудство, и секој од вас да знае да го пази својот сад во светост и честитост, а не во похотна страст, како незнабошците, кои не Го познаваат Бога, и да не престапува и го измамува во тоа братот свој; бидејќи Господ за сето тоа се одмаздува, како што ви зборувавме и сведочевме порано. Зашто Бог не нѐ повика кон нечистота, туку во светост. А кој го отфрла тоа, тој отфрла не човек, туку Бога, Кој Го даде Својот Дух Свети во нас. За братољубието, пак, нема потреба да ви пишувам, зашто вие сами сте научени од Бога да се сакате еден со друг, бидејќи така и постапувате со сите браќа по цела Македонија. И ве поттикнуваме, браќа, уште повеќе да напредувате, и усрдно да се грижите да живеете мирно, да си ја извршувате сопствената работа и да работите со свои раце како што ви заповедавме; да постапувате чесно спрема надворешните и да не зависите од никого.