Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Солуњаните 3:1-13

1 Солуњаните 3:1-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Веќе не можевме да издржиме. Решивме само ние да останеме во Атина, а кај вас да го пратиме нашиот брат Тимотеј. Тој работи со нас за Бог и ни помага во проповедањето на Радосната вест за Христос. Сакавме тој да ве охрабри и да ја зацврсти вашата вера. Не сакаме никој од вас да се обесхрабри од овие тешкотии. Однапред знаевте дека ќе треба да страдаме. Кога бевме кај вас, ви кажувавме дека ќе минуваме низ неволи. Така и се случи. Затоа јас не можев да чекам повеќе и го испратив Тимотеј да види како се држите, во каква состојба е вашата вера. Страхував Сатаната да не успеал да ве поколеба преку искушенија и да го уништи сето она што ние го постигнавме. Сега Тимотеј се врати од кај вас и ни донесе радосни вести. Ни раскажа дека во вас има и вера и љубов. Ни пренесе дека со радост се сеќавате на нас, и дека и вие копнеете пак да не видите. Така, драги пријатели, и покрај сите маки и страдања низ кои минуваме, вашата вера многу не охрабри. Вашата непоколеблива вера во Господ претставува силен поттик за нас. Како да Му се заблагодариме на Бог за вас? Како да Му возвратиме за сета радост што ни ја причинувате? Деноноќно, од се срце Му се молиме на Бог пак да се сретнеме со вас и да ви помогнеме онаму каде што имате потреба во однос на вашата вера. Се молиме Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос, да ни дозволат пак да дојдеме кај вас. Господ нека ја поттикне љубовта што ја имате еден спрема друг и спрема сите луѓе. Таа љубов нека расте онака како што расте нашата љубов спрема вас. А кога нашиот Господ Исус ќе дојде, заедно со сите Негови следбеници, нека ги направи вашите срца чисти и посветени во очите на Бог, нашиот Татко. Амин.

1 Солуњаните 3:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Поради тоа, не можејќи веќе да трпиме, сметавме дека ќе биде доб­ро во Атина да останеме сами, и го испративме Тимотеј, нашиот брат и слугата Божји, и нашиот сотрудник во Евангелието Христово, за да ве укрепи и утеши во вашата вера, та никој да не се поколеба во тие ма­ки; зашто сами знаете дека затоа сме оп­ределени. Бидејќи ние, и кога бевме кај вас, ви претскажувавме дека ќе страдаме, како што и стана, и вие знаете. Поради тоа и јас, не можејќи веќе да трпам, пратив да дознаам за верата ва­ша да не би ве искушал некако Иску­шу­вачот, та да отиде залудо нашиот труд. Сега, откако се врати Тимотеј кај нас од кај вас и ни донесе добра вест за вашата вера и љубов, и дека секогаш имате добар спомен за нас и копнеете да нѐ видите, како и ние вас, ние, и покрај сета мака и неволја, се утешивме за вас, браќа, со вашата вера; зашто ние сега живееме, кога вие стоите во Господ. Каква благодарност, навистина, мо­жеме да Му воздадеме на Бога за вас за сета радост со која се радуваме поради вас пред нашиот Бог, кога дење и ноќе многу усрдно се молиме, за да го видиме вашето лице и да го дополниме она што ѝ недостига на вашата вера? А сам Бог и Отецот наш и Исус Христос, нашиот Господ, нека го на­со­чи патот наш право кон вас! Вам, пак, Господ да ви даде да рас­тете и да изобилувате во љубов еден кон друг и кон сите, каква што и ние имаме кон вас, и да ги утврди вашите срца, та да бидат непорочни во светоста пред Бога и Отецот наш при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос со сите Негови светии! (Амин!)

1 Солуњаните 3:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Бидејќи не можевме веќе да го трпиме тоа, најдовме за добро да останеме сами во Атина, а Тимотеј, нашиот брат и Божјиот соработник во Евангелието на Христа, го испративме, за да ве зацврсти и охрабри во вашата вера, за да не се поколеба никој во овие маки; зашто сами знаете дека за тоа сме определени, зашто кога бевме при вас, однапред ви зборувавме дека ќе трпиме маки, и како што знаете така и беше. Затоа јас, не можејќи веќе да трпам, пратив да научам за вашата вера, да не би ве искушал искушувачот и да не биде напразен нашиот труд. А сега, откако ни дојде Тимотеј од кај вас и ни донесе добра вест за вашата вера и љубов, и дека имате секогаш добар спомен за нас и дека копнеете да нѐ видите, како и ние вас, затоа, браќа, се утешивме за вас поради вашата вера во сета своја потреба и неволја; зашто ние живееме сега, кога вие стоите цврсто во Господа. Зашто, каква благодарност можеме да Му воздадеме на Бога за вас, за сета радост со која се радувавме поради вас пред својот Бог? Ноќе и дење се молиме најусрдно да го видиме вашето лице и да го дополниме тоа, што ѝ недостига на вашата вера. А Самиот Бог и нашиот Татко, и нашиот Господ Исус Христос да го управи нашиот пат кон вас! А Господ да направи вие да растете и да изобилувате во љубов еден кон друг и кон сите, како што и ние ја имаме кон вас, за да ги утврди вашите срца да бидат непорочни во светост пред нашиот Бог и Татко, при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос со сите Свои свети.