Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Солуњаните 1:1-10

1 Солуњаните 1:1-10 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Од Павле, Силван и Тимотеј до членовите на црквата во Солун, до оние што Му припаѓаат на Бог Таткото и на Господ Исус Христос. Бог нека ви биде благонаклонет и нека ви даде мир. Постојано Му заблагодаруваме на Бог за сите вас и секогаш ве спомнуваме во нашите молитви. Си спомнуваме пред Бог, нашиот Татко, како се покажа вашата вера на дело, како работите со љубов и колку трпеливо се надевате на нашиот Господ Исус Христос. Знаеме, драги пријатели, дека Бог вас ве сака и дека ве одбра да бидете Негов народ, затоа што Радосната вест не ви ја проповедавме само преку зборови, туку бевте сведоци на огромна сила: Светиот Дух наполно ве увери дека тоа што ви го говоревме е вистина. Вие знаете како живеевме додека бевме кај вас. Тоа беше дополнителен доказ дека нашата порака е искрена. Вие сега се однесувате онака како што се однесуваме ние и како што се однесува Господ, па, иако многу настрадавте, со радост ја прифативте пораката што доаѓа од Светиот Дух. Така им станавте пример на сите христијани во Македонија и Ахаја. Не само што од вас почна да се шири пораката Господова во Македонија и Ахаја, туку за вашата вера насекаде се раскажува! Нема никаква потреба ние за тоа да зборуваме. Самите луѓе раскажуваат за вас, како сте ги пречекале, како сте се обратиле кон Бог и сте престанале да им служите на идолите, за да Му служите на вистинскиот, на живиот Бог; и како го чекате Неговиот Син Исус да дојде од небото. Него Бог Го воскресна од мртвите и Тој не избави од Божјиот гнев што ќе дојде.

1 Солуњаните 1:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Од Павле, Силван и Тимотеј – до црквата на Солуњаните во Бог Оте­цот наш и во Господ Исус Христос, бла­годат вам и мир од Бог Отецот и Господ Исус Христос! Секогаш Му благодариме на Бога за сите вас, сеќавајќи се на вас во мо­лит­вите наши, непрестано, го споменуваме делото на вашата ве­ра, трудот на вашата љубов и истрајноста во надежта ваша во нашиот Господ Исус Христос пред Бога и Отецот наш. Знаеме, возљубени браќа од Бога, дека сте избрани, зашто нашето Евангелие не дојде кај вас само со слово, туку и во сила и во Светиот Дух, и во полна увереност: са­ми знаете какви бевме меѓу вас заради вас. И вие се угледавте на нас и на Гос­под, кога во големи маки го примивте словото со радост на Светиот Дух, така што станавте образец за сите верници во Македонија и Ахаја. Зашто од вас одекна словото Гос­по­дово не само во Македонија и Ахаја, ту­ку и во секое место се пронесе славата за верата во Бога, така што нема потреба ние нешто да зборуваме. Впрочем, верниците сами разгласуваат за нас, за нашето доаѓање кај вас, и ка­ко од идолите се обративте кон Бога за да Му служите на живиот и вистин­ски Бог, и да Го очекувате од небесата Не­го­виот Син, Кого Тој Го воскресна од мртвите, Исус, Кој нѐ избавува од гне­вот што доаѓа.

1 Солуњаните 1:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Павле и Силван и Тимотеј до црквата на Солунјаните, во Бог Таткото и Господа Исуса Христа, благодат вам и мир. Секогаш Му благодариме на Бога за сите вас, кога ве спомнуваме во своите молитви, зашто си спомнуваме постојано за делата на вашата вера, и за трудот на вашата љубов и за вашата трпелива надеж во нашиот Господ Исус Христос, пред нашиот Бог и Татко. Знаејќи, од Бога возљубени браќа, дека вие сте избрани; зашто нашето проповедање меѓу вас не беше само со слово, туку и во сила, и во Светиот Дух, и во полна увереност; како што знаете какви бевме меѓу вас заради вас. И вие се угледавте на нас и на Господа, примајќи го словото во голема неволја, со радоста на Светиот Дух, така што им станавте пример на сите верници во Македонија и Ахаја. Зашто, од вас Господовото слово се разгласи не само во Македонија и Ахаја, туку вашата вера во Бога се расшири во секое место, така што нема потреба ние да зборуваме нешто. Имено, самите раскажуваат за нас, каков пристап имавме кон вас и како се обрнавте кон Бога од идолите, за да Му служите на живиот и вистински Бог и да Го чекате Неговиот Син од небесата, Кого Го воскресна од мртвите, Исуса, Кој нѐ ослободува од гневот што доаѓа.