1 Самоилова 8:1-9
1 Самоилова 8:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А кога Самоил остаре, ги постави своите синови за судии над Израел. Името на неговиот првороден син беше Јоил, а името на вториот син негов – Авија; тие беа судии во Вирсавија. Но синовите негови не одеа по неговите патишта, туку се впуштија во користољубие, земаа подароци и судеа криво. Тогаш се собраа сите старешини Израелови, дојдоа кај Самоил во Рама и му рекоа: „Ете, ти остаре, а синовите твои не одат по твоите патишта. Затоа постави ни цар, кој ќе ни суди, како што е кај другите народи.“ Овие зборови не му беа пријатни на Самоил, кога рекоа: „Дај ни цар, кој ќе ни суди.“ И Самоил Му се помоли на Господ. А Господ му рече на Самоил: „Послушај го гласот на народот за сѐ што ти говорат. Зашто тие не те отфрлија тебе, туку Ме отфрлија Мене за да не царувам над нив. Како што постапуваа со Мене, од оној ден кога ги изведов од Египет, до денес кога Ме оставија и почнаа да им служат на други богови, така постапуваат и со тебе. Затоа, сега послушај го гласот нивни! Само свечено опомени ги и објави им ги правата на царот што ќе царува над нив.“
1 Самоилова 8:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Кога Самоил остаре, ги постави своите синови за судии во Израел. Неговиот првороденец се викаше Јоил, а вториот син Авија; тие беа судии во Вирсавеа. Ама синовите не одеа по татковите стапки: гледаа на својата печалба, примаа поткуп и ја извртуваа правдата. Тогаш се собраа сите израелски старешини и дојдоа кај Самоила, во Рама. И му рекоа: „Ете ти остаре, а твоите синови не одат по твоите стапки. И така, постави ни цар да владее над нас, како што е тоа кај сите народи.“ Ама на Самоила не му беше мило дека рекоа: „Дај ни цар да владее над нас!“ Затоа Самоил Му се помоли на Господа. А Господ му рече на Самоила: „Послушај го гласот на народот во сѐ што бараат од тебе, зашто не те отфрлија тебе, туку Ме отфрлија Мене, не сакајќи Јас да царувам над нив. Сѐ што Ми правеа Мене, од оној ден кога ги изведов од Египет па до денешниот ден - Ме оставија Мене и им служеа на туѓи богови - тие ти прават така и тебе. И така, сега послушај го нивното барање, но опомени ги свечено и поучи ги за правата на царот, кој ќе владее над нив.“