Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 8:1-18

1 Самоилова 8:1-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А кога Самоил остаре, ги постави своите синови за судии над Израел. Името на неговиот првороден син беше Јоил, а името на вториот син негов – Авија; тие беа судии во Вирса­вија. Но синовите негови не одеа по неговите патишта, туку се впуштија во користољубие, земаа подароци и судеа криво. Тогаш се собраа сите старешини Израелови, дојдоа кај Самоил во Рама и му рекоа: „Ете, ти остаре, а сино­вите твои не одат по твоите патишта. Затоа постави ни цар, кој ќе ни суди, како што е кај другите народи.“ Овие зборови не му беа пријатни на Самоил, кога рекоа: „Дај ни цар, кој ќе ни суди.“ И Самоил Му се помоли на Господ. А Господ му рече на Самоил: „Послушај го гласот на народот за сѐ што ти говорат. Зашто тие не те отфрлија тебе, туку Ме отфрлија Мене за да не царувам над нив. Како што постапуваа со Мене, од оној ден кога ги изведов од Египет, до денес кога Ме оставија и почнаа да им служат на други богови, така постапуваат и со тебе. Затоа, сега послушај го гласот нив­ни! Само свечено опомени ги и објави им ги правата на царот што ќе царува над нив.“ И Самоил им ги соопшти сите тие зборови Господови на народот, кој бараше од него цар, и рече: „Еве, какви ќе бидат правата на царот што ќе царува над вас: тој ќе ги зема синовите ваши и ќе ги прави свои колари и свои коњаници и тие ќе одат пред колите негови; и ќе си ги назначува за заповедници над илјада, и заповедници над педесетмина, ќе ги постави да му ги обработуваат нивите, да го жнеат житото и да му прават војничко оружје и сѐ што е потребно за колите негови. Ќе ги зема ќерките ваши за да прават миризливи масла, да готват јадења и да печат леб. Ќе ви ги зема најдобрите ваши ниви, лозја и маслинови градини и ќе им ги дава на слугите свои. Ќе зема десеток од посевите ваши и од лозјата ваши и ќе им го дава на евну­сите свои и на слугите свои. Ќе ги зема робовите ваши и робин­ките ваши, најдобрите момци ваши и магарињата ваши и ќе ги употребува за своја работа. Ќе зема десеток од вашиот ситен добиток, а вие сами ќе му бидете робо­ви. А еден ден кога ќе заофкате од царот свој што самите сте си го избра­ле, Господ нема да ви одговори тогаш.“

1 Самоилова 8:1-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кога Самоил остаре, ги постави своите синови за судии во Израел. Неговиот првороденец се викаше Јоил, а вториот син Авија; тие беа судии во Вирсавеа. Ама синовите не одеа по татковите стапки: гледаа на својата печалба, примаа поткуп и ја извртуваа правдата. Тогаш се собраа сите израелски старешини и дојдоа кај Самоила, во Рама. И му рекоа: „Ете ти остаре, а твоите синови не одат по твоите стапки. И така, постави ни цар да владее над нас, како што е тоа кај сите народи.“ Ама на Самоила не му беше мило дека рекоа: „Дај ни цар да владее над нас!“ Затоа Самоил Му се помоли на Господа. А Господ му рече на Самоила: „Послушај го гласот на народот во сѐ што бараат од тебе, зашто не те отфрлија тебе, туку Ме отфрлија Мене, не сакајќи Јас да царувам над нив. Сѐ што Ми правеа Мене, од оној ден кога ги изведов од Египет па до денешниот ден - Ме оставија Мене и им служеа на туѓи богови - тие ти прават така и тебе. И така, сега послушај го нивното барање, но опомени ги свечено и поучи ги за правата на царот, кој ќе владее над нив.“ Самоил му ги повтори сите Господови зборови на народот, кој бараше цар од него. И рече: „Ова ќе биде правото на царот кој ќе царува над вас: ќе ги зема вашите синови за да му служат кај бојните коли и кај коњите, и тие ќе трчаат пред неговите бојни коли. Ќе ги поставува за илјадници за педесетници; тие ќе ја ораат неговата земја, ќе ја жнијат неговата жетва, ќе му изработуваат бојно оружје и опрема за неговите бојни коли. Царот ќе ги зема вашите ќерки за да му прават мирисливи масти, да бидат готвачки и пекарки. Ќе ги земе вашите најдобри ниви, вашите лозја и вашите градини со маслинки и ќе им ги подарува на своите дворјани. Ќе зема десеток од вашите посеви и од вашите лозја и ќе им го дава на своите дворјани и на своите службеници. Ќе ги зема вашите слуги и вашите слугинки и вашите најдобри волови и ослиња, и ќе ги употребува за своја работа. Ќе зема десеток од вашиот ситен добиток, а вие самите ќе му станете робови. И кога еден ден ќе викате за помош заради царот, кого што го избравте сами, Господ нема да ве послуша во оној ден!“