Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 6:1-21

1 Самоилова 6:1-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А ковчегот Господов остана во областа филистејска седум месеци. И Филистејците повикаа жреци – гатачи, па рекоа: „Што да правиме со ковчегот Господов? Поучете нѐ, како да го испратиме до местото негово?“ Тие, пак, рекоа: „Ако сакате да го испратите ковчегот на Бог Израелов, не испраќајте го без ништо, туку принесете Му жртва за вина; тогаш ќе се излекувате и ќе дознаете, зашто не от­стапува од вас раката Негова.“ И тие запрашаа: „Каква жртва за вина треба да Му принесеме?“ Тие одговорија: „Според бројот на фили­стејските кнезови – пет златни предме­ти во форма на израстоци и пет златни глувци; зашто еднаков е поразот врз сите вас и врз кнезовите ваши; и така, обликувајте израстоци исти како вашите израстоци и глувци како вашите глувци што ја опустошија земјата, и воздајте Му слава на Бог Израе­лов; можеби Тој ќе ја направи и полесна раката Своја над вас, над боговите ваши и над земјата ваша; и зошто да го ожесточувате срцето свое, како што го ожесточија срцето свое Египќаните и фараонот? Нели, кога Господ ја покажа силата Своја над нив, оние ги пуштија и овие заминаа. Па така, земете, направете една нова кола и земете две крави доилки на кои јарем уште не е ставан, и впрегнете ги кравите во колата, и телињата нивни одведете ги од нив дома! Потоа земете го ковчегот Господов и ставете го на колата, а златните ра­боти што ќе Му ги принесете како жртва за вина, ставете ги во ковчеже отстрана, па пуштете го и нека оди! Но гледајте, ако тргне кон пределите свои, кон Ветсамис, Тој ни го направил тоа големо зло. Ако пак не, ќе знаеме дека не нѐ поразила Неговата рака, туку тоа станало со нас случајно.“ Така и направија: зедоа две крави доилки, ги впрегнаа во кола, а телињата нивни ги задржаа дома. И го ставија на колата ковчегот Господов, ковчежето со златните глув­ци и златните израстоци. И тргнаа кравите право по патот кон Ветсамис, одеа сѐ по еден пат, одеа и мукаа, но не скршнуваа ни десно, ни лево. Филистејските кнезови одеа по нив до пределите на Ветсамис. Жителите на Ветсамис токму го жнееја житото во долината и, откако погледнаа, го видоа ковчегот Господов и се зарадуваа, поради тоа што го сретнаа. А колата дојде во нивата на бетшемешанецот Јехошуа и таму запре. Имаше таму еден голем камен, и исцепија дрва од колата, а кравите ги принесоа на Господ како жртва. Левитите го симнаа ковчегот Гос­подов и ковчежето што беше до него, во кое се наоѓаа златните работи, и ги ставија на големиот камен; а жителите на Ветсамис Му принесоа тој ден жртви сепаленици и жртви за благодарност на Господ. И петте филистејски кнезови го видоа тоа и се вратија истиот ден во Екрон. Златните израстоци што Филистеј­ците Му ги принесоа на Господ како жртва за вина, беа: еден за Ашдод, еден за Газа, еден за Ашкелон, еден за Гет, еден за Екрон; а златните глувци беа според бројот на сите филистејски градови – на петте кнезови, од укрепените градови и отворените села до големиот камен, врз кој го ставија ковчегот Господов и кој и до ден – денес се наоѓа во нивата на бет­шемешанецот Јехошуа. Господ ги казни жителите на Вет­самис, затоа што тие го видоа ковчегот на заветот. И Бог уби од нив седумдесет души. И народот тагуваше, бидејќи Господ ги удри со многу силен удар. И жителите на Ветсамис рекоа: „Кој може да стои пред Господ, пред Овој свет Бог и кај кого од нас ќе отиде Тој?“ И испратија пратеници кај жителите на Кирјат-Јарим да кажат: „Филистејците го вратија ковчегот Гос­подов; дојдете и земете го кај вас!“

1 Самоилова 6:1-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Ковчегот на Господа беше седум месеци во земјата на Филистејците. Тогаш Филистејците ги свикаа свештениците и вражалците и ги прашаа: „Што да правиме со Господовиот Ковчег? Поучете нѐ како да го испратиме назад на неговото место.“ Тие одговорија: „Ако сакате да го вратите Ковчегот на Израелевиот Бог, не праќајте го назад празен, туку покрај него испратете и надоместница. Тогаш ќе се излечите и ќе знаете зошто Неговата рака не се сврти од вас.“ Тие прашаа: „Каква надоместница треба да Му испратиме?“ Тие одговорија: „Според бројот на Филистејските кнезови пет златни чиреви и пет златни стаорци, зашто е иста неволја и на вас и на вашите кнезови. И така, направете слики на своите чиреви и слики на своите стаорци, што ви ја сотруваат земјата, и дајте Му слава на Израелевиот Бог. Можеби ќе ја тргне Својата рака од вас, од вашите богови и од вашата земја. Зошто сакате да ви окорави срцето, како што им беше окоравено на Египетците и на фараонот? Кога Бог ги притисна, не ги пуштија ли тогаш да си одат? Подгответе сега една нова кола и земете две крави доилки, што уште не носеле јарем: впрегнете ги кравите во колата, а нивните телиња одведете ги назад во стајата. Тогаш ќе го земете Господовиот Ковчег и ќе го ставите во колата. Златните предмети што Му ги принесувате како жртва за престап ќе ги сложите во ковчеже покрај него, и така нека тргне. Потоа гледајте: ако тргне кон својот крај, по патот кон Вет Семес, тогаш е очигледно дека Тој ни го задаваше ова големо зло; ако не тргне така, ќе знаеме дека не нѐ удрила Неговата рака, туку дека тоа ни стана случајно.“ Луѓето направија така: зедоа две крави доилки и ги впрегнаа во колата, а нивните телиња ги задржаа во стајата. Господовиот Ковчег го ставија на колата, и ковчежето со златните стаорци и со ликовите на своите чиреви. Кравите удрија право по патот кон Вет Семес, и еднакво одеа по истиот пат, мукаа одејќи, а не свртуваа ни десно ни лево. Филистејските кнезови ги придружуваа до границата на Вет Семес. Жителите на Вет Семес токму беа зафатени со жетвата на пченицата во долината. Подигнувајќи ги очите го здогледаа Ковчегот и му потрчаа во пресрет со радост. Кога колата стигна во нивата на Ветсемеецот Исус, застана. Таму имаше голем камен. Тогаш ги исцепија дрвата од колата и Му ги принесоа кравите како жртва паленица на Господа. Левитите го беа симнале Господовиот Ковчег и ковчежето, што беше покрај него и во кое беа златните предмети, и сѐ беа сложиле врз оној голем камен. Жителите на Вет Семес Му принесуваа во тој ден жртви паленици и Му колеа жртви закланици на Господа. Кога го видоа тоа петте филистејски кнезови, се вратија во Акарон истиот ден. А ова се петте златни чиреви што Филистејците Му ги испратија како жртва за престап на Господа: еден за Азот, еден за Газа, еден за Аскалон, еден за Гат, еден за Акарон. А златни стаорци имаше толку колку сите филистејски градови во сите пет кнежевства, од утврдените градови до отворените села. Сведок е големиот камен врз кого го положија Господовиот Ковчег, и кој уште и денес стои во нивата на Исуса од Вет Семес. И Тој ги удри жителите на Вет Семес бидејќи погледнаа во Господовиот Ковчег. Затоа Господ порази педесет илјади и седумдесет луѓе меѓу нив. Народот тагуваше заради тоа што Господ ги порази со големо истребување. Тогаш луѓето во Вет Семес рекоа: „Кој би можел да опстои пред Господа, пред Овој Свет Бог? Кому ќе Му отиде сега од нас?“ И им испратија пратеници на жителите на Киријат Јарим и им порачаа: „Филистејците го вратија Господовиот Ковчег. Дојдете и однесете го при себе.“