А ковчегот Господов остана во областа филистејска седум месеци. И Филистејците повикаа жреци – гатачи, па рекоа: „Што да правиме со ковчегот Господов? Поучете нѐ, како да го испратиме до местото негово?“ Тие, пак, рекоа: „Ако сакате да го испратите ковчегот на Бог Израелов, не испраќајте го без ништо, туку принесете Му жртва за вина; тогаш ќе се излекувате и ќе дознаете, зашто не отстапува од вас раката Негова.“ И тие запрашаа: „Каква жртва за вина треба да Му принесеме?“ Тие одговорија: „Според бројот на филистејските кнезови – пет златни предмети во форма на израстоци и пет златни глувци; зашто еднаков е поразот врз сите вас и врз кнезовите ваши; и така, обликувајте израстоци исти како вашите израстоци и глувци како вашите глувци што ја опустошија земјата, и воздајте Му слава на Бог Израелов; можеби Тој ќе ја направи и полесна раката Своја над вас, над боговите ваши и над земјата ваша; и зошто да го ожесточувате срцето свое, како што го ожесточија срцето свое Египќаните и фараонот? Нели, кога Господ ја покажа силата Своја над нив, оние ги пуштија и овие заминаа. Па така, земете, направете една нова кола и земете две крави доилки на кои јарем уште не е ставан, и впрегнете ги кравите во колата, и телињата нивни одведете ги од нив дома! Потоа земете го ковчегот Господов и ставете го на колата, а златните работи што ќе Му ги принесете како жртва за вина, ставете ги во ковчеже отстрана, па пуштете го и нека оди! Но гледајте, ако тргне кон пределите свои, кон Ветсамис, Тој ни го направил тоа големо зло. Ако пак не, ќе знаеме дека не нѐ поразила Неговата рака, туку тоа станало со нас случајно.“ Така и направија: зедоа две крави доилки, ги впрегнаа во кола, а телињата нивни ги задржаа дома. И го ставија на колата ковчегот Господов, ковчежето со златните глувци и златните израстоци. И тргнаа кравите право по патот кон Ветсамис, одеа сѐ по еден пат, одеа и мукаа, но не скршнуваа ни десно, ни лево. Филистејските кнезови одеа по нив до пределите на Ветсамис. Жителите на Ветсамис токму го жнееја житото во долината и, откако погледнаа, го видоа ковчегот Господов и се зарадуваа, поради тоа што го сретнаа. А колата дојде во нивата на бетшемешанецот Јехошуа и таму запре. Имаше таму еден голем камен, и исцепија дрва од колата, а кравите ги принесоа на Господ како жртва. Левитите го симнаа ковчегот Господов и ковчежето што беше до него, во кое се наоѓаа златните работи, и ги ставија на големиот камен; а жителите на Ветсамис Му принесоа тој ден жртви сепаленици и жртви за благодарност на Господ. И петте филистејски кнезови го видоа тоа и се вратија истиот ден во Екрон. Златните израстоци што Филистејците Му ги принесоа на Господ како жртва за вина, беа: еден за Ашдод, еден за Газа, еден за Ашкелон, еден за Гет, еден за Екрон; а златните глувци беа според бројот на сите филистејски градови – на петте кнезови, од укрепените градови и отворените села до големиот камен, врз кој го ставија ковчегот Господов и кој и до ден – денес се наоѓа во нивата на бетшемешанецот Јехошуа. Господ ги казни жителите на Ветсамис, затоа што тие го видоа ковчегот на заветот. И Бог уби од нив седумдесет души. И народот тагуваше, бидејќи Господ ги удри со многу силен удар. И жителите на Ветсамис рекоа: „Кој може да стои пред Господ, пред Овој свет Бог и кај кого од нас ќе отиде Тој?“ И испратија пратеници кај жителите на Кирјат-Јарим да кажат: „Филистејците го вратија ковчегот Господов; дојдете и земете го кај вас!“