Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 30:1-8

1 Самоилова 30:1-8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

На третиот ден, откако Давид и луѓето негови тргнаа за Циклаг, Амаликијците го нападнаа Циклаг од југ, го презедоа и го изгореа со оган; жените, пак, и сите што беа во него, од мал до голем, не ги убија, туку ги одведоа во плен и отидоа по патот свој. Се приближи Давид и луѓето негови до градот, и ете, тој е изгорен со оган, а жените нивни, синовите нивни и ќер­ките нивни се земени во плен. Давид и народот што беше со него, почнаа да викаат и да плачат, додека имаше сила во нив за плачење. Беа земени во плен и двете жени Давидови: Ахиноам, јизреелката, и Авигеја, поранешната Навалова жена, од Кармил. Давид беше многу збунет, бидејќи народот сакаше да го убие со камења; зашто сиот народ страдаше во душата, секој за синовите свои и за ќерките свои. Но Давид се закрепи со надежта во Господ, својот Бог; и му рече Давид на свештеникот Авијатар, синот на Ахи­мелех: „Донеси ми го ефодот.“ И Авијатар му го однесе ефодот на Давид. Давид Го праша Господа, велејќи: „Да го гонам ли тоа мноштво, и ќе ги стигнам ли?“ А одговорот му беше: „Гони, ќе стигнеш и ќе ги избавиш.“

1 Самоилова 30:1-8 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кога Давид со своите луѓе стигна на третиот ден во Сиклаг, а тоа Амаликците беа нападнале на Негев и на Сиклаг; го ограбија Сиклаг и го спалија со оган. Ги заробија жените и сите кои што беа таму, мало и големо. Не убија никого, туку само одведоа робови и си отидоа по својот пат. И така, кога Давид со своите луѓе дојде во градот, видоа дека градот е изгорен, а нивните жени, нивните синови и нивните ќерки одведени во ропство. Тогаш Давид и луѓето, кои беа со него, го кренаа гласот и плачеа додека не им ја снема силата за плачење. И двете Давидови жени беа одведени во ропство, Езраелката Ахиноама и Авигеја, Наваловата жена од Кармил. Давид се најде во голема неволја, зашто луѓето почнаа да зборуваат дека ќе го каменуваат, бидејќи сите беа огорчени, секој заради своите синови и заради своите ќерки. Но Давид се охрабри во Господа, својот Бог. Давид му рече на свештеникот Авијатар, Ахимелеховиот син: „Донеси ми го ваму наплеќникот (Ефодот)!“ И Авијатар му го донесе на Давида наплеќникот. Тогаш Давид го праша Господа за совет, велејќи: „Дали да тргнам во потера по оние разбојници и дали ќе ги стигнам?“ А Тој му одговори: „Оди во потера, зашто навистина ќе ги стигнеш и ќе ги избавиш плениците.“