Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 24:1-15

1 Самоилова 24:1-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Потоа Давид излезе оттаму и живееше по стрмните врвови на Ен-Геди. Кога Саул се врати од Филистејците, му јавија, велејќи: „Ете, Давид е во пус­тинските места кај Ен-Геди.“ Тогаш Саул зеде три илјади одбрани мажи од цел Израел и отиде да го бара Давид и луѓето негови по планините, каде што живеат дивокози. И дојде кај едно овчо трло крај патот. Таму имаше пештера, и Саул влезе таму по нужда; а Давид и луѓето негови седеа во дното на пештерата. И му рекоа на Давид луѓето негови: „Еве го денот, за кој ти говореше Гос­под: ‚ете, Јас ќе го предадам твојот непријател во рацете твои‘ и ќе сториш со него, она што ти е угодно.“ Давид стана и полека ја пресече полата на Сауловата горна облека. Но потоа му стана мачно на срцето Давидово, поради тоа што ја пресече полата на Сауловата облека. И им рече на луѓето свои: „Да не ми даде Господ да му го направам тоа на мојот господар, да ставам рака врз него, бидејќи тој е помазаник Господов.“ Со тие зборови ги задржа луѓето свои и не им дозволи да го нападнат Саул. А Саул стана и излезе од пеште­рата на патот. Потоа стана и Давид, излезе од пештерата и извика по Саул, велејќи: „Господаре мој, царе!“ Саул погледна назад, и Давид падна со лицето на земјата, и му се поклони. И Давид му рече на Саул: „Зошто ги слушаш зборовите на оние луѓе што велат, ете, Давид крои зло против тебе? Ете, денес видоа очите твои дека Господ те предаваше во рацете мои во пештерата, и ми говореа да те убијам, но јас те поштедив и реков: нема да кренам рака на мојот господар, бидејќи тој е помазаник на Господ. Татко, погледни ја полата на обле­ката твоја во мојата рака, јас ја пресеков полата од облеката твоја, а тебе не те убив; знај и увери се дека во раката моја нема зло, ни непријателство, и дека јас не сум згрешил спрема тебе; а ти ја бараш душата моја за да ја одземеш. Господ нека пресуди меѓу мене и тебе, и нека ти одмазди Господ за мене; но мојата рака нема да биде врз тебе, како што вели старата поговорка: – од беззаконици излегува беззаконие. – Затоа раката моја нема да биде врз тебе. Против кого излегол царот израелски? По кого си се растрчал? По мртво куче, по една болва.

1 Самоилова 24:1-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Оттаму Давид се искачи и се настани во енгатските горски засолништа. Кога Саул се врати од потерата по Филистејците, му го јавија ова: „Давид е во Енгадската Пустина!“ Тогаш Саул зеде три илјади одбрани луѓе од сиот Израел и тргна да ги бара Давида и неговите луѓе на исток од Стрмната Стена на Дивите Кози. Одејќи дојде до овчите кошари покрај патот, таму имаше пештера, и Саул влезе за да клекне; а Давид со своите луѓе седеше во дното на пештерата. И му рекоа на Давида неговите луѓе. „Еве го денот за кој ти рече Господ: ‘Јас ќе ти го предадам твојот непријател во твоите раце, постапувај со него како што ти се сака!’“ А Давид стана и незабележливо го отсече скутот на Сауловиот плашт. Но после го печеше совеста Давида зашто го отсече скутот од Сауловиот плашт, па им рече на своите луѓе: „Да ме чува Господ да му направам такво нешто на својот господар, да кренам рака на него, зашто е Господов помазаник.“ И Давид ги укори со остри зборови своите луѓе и не им дозволи да станат против Саула. А Саул излезе од пештерата и тргна по својот пат. Потоа Давид стана и викна по Саула: „Господару цару!“ А кога Саул се обѕрна, Давид се фрли ничкум на земјата и му се поклони. Тогаш Давид му рече на Саула: „Зошто ги слушаш луѓето што ти зборуваат дека Давид ти крои тебе пропаст? Ете, токму во овој ден твоите очи можеа да видат дека Господ те предаде денес во мои раце во оваа пештера. Ми рекоа да те убијам, но те поштедив и реков: ‘Не ќе ги кренам своите раце на својот господар, зашто тој е Господов помазаник.’ О татко мој, погледај и види го скутот од својата наметка во мојата рака: го отсеков скутот од твојот плашт, а тебе не те убив; сознај и види дека во мојата рака нема ни злоба ни опакост. Јас не згрешив против тебе, а ти дебнееш на мојот живот за да ми го земеш! Господ нека суди меѓу мене и тебе, Господ нека ме одмазди врз тебе, ама мојата рака нема да се дигне на тебе. Како што вели старата пословица: ‘Од неправедникот доаѓа неправдата,’ и затоа мојата рака нема да се дигне против тебе. По кого излезе израелскиот цар? По кого одиш во потера? По мртов пес, по обична болва!