Потоа Давид излезе оттаму и живееше по стрмните врвови на Ен-Геди. Кога Саул се врати од Филистејците, му јавија, велејќи: „Ете, Давид е во пустинските места кај Ен-Геди.“ Тогаш Саул зеде три илјади одбрани мажи од цел Израел и отиде да го бара Давид и луѓето негови по планините, каде што живеат дивокози. И дојде кај едно овчо трло крај патот. Таму имаше пештера, и Саул влезе таму по нужда; а Давид и луѓето негови седеа во дното на пештерата. И му рекоа на Давид луѓето негови: „Еве го денот, за кој ти говореше Господ: ‚ете, Јас ќе го предадам твојот непријател во рацете твои‘ и ќе сториш со него, она што ти е угодно.“ Давид стана и полека ја пресече полата на Сауловата горна облека. Но потоа му стана мачно на срцето Давидово, поради тоа што ја пресече полата на Сауловата облека. И им рече на луѓето свои: „Да не ми даде Господ да му го направам тоа на мојот господар, да ставам рака врз него, бидејќи тој е помазаник Господов.“ Со тие зборови ги задржа луѓето свои и не им дозволи да го нападнат Саул. А Саул стана и излезе од пештерата на патот. Потоа стана и Давид, излезе од пештерата и извика по Саул, велејќи: „Господаре мој, царе!“ Саул погледна назад, и Давид падна со лицето на земјата, и му се поклони. И Давид му рече на Саул: „Зошто ги слушаш зборовите на оние луѓе што велат, ете, Давид крои зло против тебе? Ете, денес видоа очите твои дека Господ те предаваше во рацете мои во пештерата, и ми говореа да те убијам, но јас те поштедив и реков: нема да кренам рака на мојот господар, бидејќи тој е помазаник на Господ. Татко, погледни ја полата на облеката твоја во мојата рака, јас ја пресеков полата од облеката твоја, а тебе не те убив; знај и увери се дека во раката моја нема зло, ни непријателство, и дека јас не сум згрешил спрема тебе; а ти ја бараш душата моја за да ја одземеш. Господ нека пресуди меѓу мене и тебе, и нека ти одмазди Господ за мене; но мојата рака нема да биде врз тебе, како што вели старата поговорка: – од беззаконици излегува беззаконие. – Затоа раката моја нема да биде врз тебе. Против кого излегол царот израелски? По кого си се растрчал? По мртво куче, по една болва.