Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 17:20-40

1 Самоилова 17:20-40 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Давид изутрината стана рано, ги остави овците на чувар, и откако го зеде товарот, тргна, како што му беше заповедал Јесеј; и дојде во логорот, кога војската беше наредена и со извици се готвеше за борба. Тогаш Израелците и Филистејците се распоредија војска спроти војска. Давид го остави товарот кај чуварот на логорот и потрча кон бојниот ред, дојде и ги запраша браќата свои за здравје. И ете, додека тој разговараше со нив, силниот човек, кому му беше име­то Голијат, Филистеец од Гет, излегуваше од филистејските редови и ги кажуваше истите оние зборови и Давид ги слушна. И сите Израелци, откако ќе го видеа тој човек, бегаа од него и многу се плашеа. Израелците велеа: „Го гледате ли оној човек што излегува? Тој излегува за да го навредува Израел; а кога би го убил некој, царот би го наградил со големо богатство, и би му ја дал ќерката своја за жена, а домот на татко му би му го направил слободен во Израел.“ И Давид им рече на оние што стоеја со него: „Што ќе му направат на оној што ќе го убие оној Филистеец и ќе го симне срамот од Израел? Зашто, кој е тој необрезан Филистеец што ја навредува војската на живиот Бог?“ И тие му ги рекоа истите зборови, додавајќи: „Ете, тоа ќе му направат на оној човек што ќе го убие.“ Елијав, најголемиот брат на Давид, слушна што говореше тој со луѓето, и му се налути Елијав на Давид, па му рече: „Зошто си дошол тука и на кого им ги остави оние малку овци во пустината? Ја познавам твојата дрскост и твоето лошо срце. Ти си дошол да ја гледаш борбата.“ А Давид рече: „Па што сум напра­вил? Нели се тоа само зборови?“ Па се сврте од него кон друг и ги говореше истите зборови, а луѓето му одговараа како и порано. Се слушнаа зборовите што Давид ги говореше, и му ги соопштија на Саул, и тој го повика. И му рече Давид на Саул: „Никој нека не паѓа со духот пред овој; твојот роб ќе отиде и ќе се бори против тој Филистеец.“ А Саул му рече на Давид: „Не мо­жеш да одиш против Филистеецот, да се бориш против него, зашто ти си уште момче, а тој е војник уште од раната младост.“ Тогаш Давид му рече на Саул: „Секогаш кога твојот слуга ги пасеше татковите си овци, ако случајно дојдеше некој лав, или мечка, и ќе одвлечеше овца од стадото, јас се спуштав по нив, ги напаѓав и им ја одземав од устата нивна. Ако, пак, тие се нафрлеа врз мене, јас ги фаќав за гривата, ги удирав и ги убивав. Лав и мечка убивал твојот слуга, а и со овој необрезан Филистеец ќе стане истото како со нив, бидејќи ја навредува војската на живиот Бог.“ Давид рече уште: „Господ, Кој ме спасуваше од канџите на лавот и меч­ката, ќе ме спаси и од рацете на овој Филистеец.“ Саул го облече Давид со облеката своја, му стави на главата бакарен шлем, и му навлече железен оклоп. Давид го опаша мечот негов врз об­леката и се обиде да оди, бидејќи никогаш не одел со такво вооружување. И Давид му рече на Саул: „Не можам да одам со ова, не сум навикнат.“ И го симна Давид сето тоа од себе. Па го зеде в рака стапот свој, си одбра пет мазни камчиња од потокот, ги стави во овчарската торбичка што беше со него; и со торбичката и праќата в рака излезе против Филистеецот.

1 Самоилова 17:20-40 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Давид стана рано наутро, му го остави стадото на еден чувар, се приготви и отиде како што му беше заповедал Јесеј. Стигна во логорот кога војската излегуваше во боен ред и дигаше боен восклик. Израелците и Филистејците се наредија во боен ред едни спроти други. Давид ги остави своите работи на чуварот на спремата па отрча во бојниот ред. Откако дојде ги праша своите браќа за здравјето. Додека разговараше со нив, ете, оној предизвикувачот (се викаше Голијат, Филистеец од Гат) излезе од филистејските бојни редови и ги повтори истите зборови како порано. И Давид ги чу. А штом Израелците го здогледаа тој човек, избегаа сите далеку од него, и страв ги опфати. Некој Израелец рече: „Дали го видовте оној човек што излезе? А излезе да го предизвикува Израел. Кој ќе го погуби него, царот ќе му даде големо благо, и ќе му ја даде својата ќерка, и ќе го ослободи од данок неговиот татковски дом во Израел.“ Тогаш Давид ги праша луѓето, кои стоеја околу него: „Што ќе добие човекот, кој ќе го убие тој Филистеец и го симне срамот од Израел? И кој е тој необрезан Филистеец, за да ги предизвикува бојните редови на живиот Бог?“ А народот му одговори со истите зборови како порано: „Ете тоа ќе добие човекот, кој ќе го погуби.“ А кога Елиав, неговиот најстар брат, чу како разговараше со луѓето, пламна со гнев против Давида па му рече: „А што си дошол ти тука? Кому му ги остави оние малку овци во пустината, ја знам јас твојата дрскост и злобата на твоето срце: дојде за да ја видиш битката!“ А Давид одговори: „А што направив? Зар не смее да се рече ни збор?“ Тогаш се сврти од него кон друг и го праша со истите зборови како порано. Народот му одговори исто како првиот пат. Кога луѓето чуја што зборува Давид, му го јавија тоа на Саула, а тој го повика пред себе. Давид му рече на Саула: „Нека никому не му омалодуши заради оној човек! Твојот слуга ќе излезе и ќе се бори со тој Филистеец.“ Ама Саул му одговори на Давида: „Не можеш ти да излезеш против тој Филистеец за да се бориш со него, зашто ти си уште дете, а тој е воин од својата младост.“ Но Давид му одговори на Саула: „Твојот слуга му ги чуваше овците на својот татко, па кога би дошол лав или мечка па ќе фател овца од стадото, јас отрчував по него, го удирав и му ја истргнував овцата од устата. А ако се кренеше тој против мене го фаќав за гривата и го удирав додека не го убиев. Твојот слуга убил и лав и мечка, па и тој необрезан Филистеец ќе помине како еден од нив, зашто ги предизвика бојните чети на живиот Бог.“ Давид додаде уште: „Господ Кој ме избави од лавовите канџи и од мечкините шепи, ќе ме избави и од рацете на тој Филистеец.“ Тогаш Саул му рече на Давида: „Отиди и Господ нека биде со тебе!“ Саул го облече Давида во својата воена облека, на главата му стави бронзена кацига и му стави оклоп. Му го припаша на Давида својот меч преку облеката, но Давид напразно се обиде да оди, зашто не беше свикнал, па му рече на Саула: „Не можам да одам во тоа, зашто не сум свикнал.“ Затоа сѐ соблече од себе. Давид го зеде својот стап во раката, избра во потокот пет мазни камчиња и ги стави во својата пастирска торба, што му служеше како торба за праќка, та со праќката во раката тргна кон Филистеецот.