Давид изутрината стана рано, ги остави овците на чувар, и откако го зеде товарот, тргна, како што му беше заповедал Јесеј; и дојде во логорот, кога војската беше наредена и со извици се готвеше за борба. Тогаш Израелците и Филистејците се распоредија војска спроти војска. Давид го остави товарот кај чуварот на логорот и потрча кон бојниот ред, дојде и ги запраша браќата свои за здравје. И ете, додека тој разговараше со нив, силниот човек, кому му беше името Голијат, Филистеец од Гет, излегуваше од филистејските редови и ги кажуваше истите оние зборови и Давид ги слушна. И сите Израелци, откако ќе го видеа тој човек, бегаа од него и многу се плашеа. Израелците велеа: „Го гледате ли оној човек што излегува? Тој излегува за да го навредува Израел; а кога би го убил некој, царот би го наградил со големо богатство, и би му ја дал ќерката своја за жена, а домот на татко му би му го направил слободен во Израел.“ И Давид им рече на оние што стоеја со него: „Што ќе му направат на оној што ќе го убие оној Филистеец и ќе го симне срамот од Израел? Зашто, кој е тој необрезан Филистеец што ја навредува војската на живиот Бог?“ И тие му ги рекоа истите зборови, додавајќи: „Ете, тоа ќе му направат на оној човек што ќе го убие.“ Елијав, најголемиот брат на Давид, слушна што говореше тој со луѓето, и му се налути Елијав на Давид, па му рече: „Зошто си дошол тука и на кого им ги остави оние малку овци во пустината? Ја познавам твојата дрскост и твоето лошо срце. Ти си дошол да ја гледаш борбата.“ А Давид рече: „Па што сум направил? Нели се тоа само зборови?“ Па се сврте од него кон друг и ги говореше истите зборови, а луѓето му одговараа како и порано. Се слушнаа зборовите што Давид ги говореше, и му ги соопштија на Саул, и тој го повика. И му рече Давид на Саул: „Никој нека не паѓа со духот пред овој; твојот роб ќе отиде и ќе се бори против тој Филистеец.“ А Саул му рече на Давид: „Не можеш да одиш против Филистеецот, да се бориш против него, зашто ти си уште момче, а тој е војник уште од раната младост.“ Тогаш Давид му рече на Саул: „Секогаш кога твојот слуга ги пасеше татковите си овци, ако случајно дојдеше некој лав, или мечка, и ќе одвлечеше овца од стадото, јас се спуштав по нив, ги напаѓав и им ја одземав од устата нивна. Ако, пак, тие се нафрлеа врз мене, јас ги фаќав за гривата, ги удирав и ги убивав. Лав и мечка убивал твојот слуга, а и со овој необрезан Филистеец ќе стане истото како со нив, бидејќи ја навредува војската на живиот Бог.“ Давид рече уште: „Господ, Кој ме спасуваше од канџите на лавот и мечката, ќе ме спаси и од рацете на овој Филистеец.“ Саул го облече Давид со облеката своја, му стави на главата бакарен шлем, и му навлече железен оклоп. Давид го опаша мечот негов врз облеката и се обиде да оди, бидејќи никогаш не одел со такво вооружување. И Давид му рече на Саул: „Не можам да одам со ова, не сум навикнат.“ И го симна Давид сето тоа од себе. Па го зеде в рака стапот свој, си одбра пет мазни камчиња од потокот, ги стави во овчарската торбичка што беше со него; и со торбичката и праќата в рака излезе против Филистеецот.