Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 17:1-58

1 Самоилова 17:1-58 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Филистејците ги собраа војските свои за војна, се сместија во Сохо, град јудејски, и поставија логор меѓу Сохо и Азека, во Ефес-Дамим. А Саул и Израелците се собраа и си поставија логор во Теревинтската Долина и се подготвија за војна против Филистејците. И застанаа Филистејците од едната страна на планината, и Израелците од другата страна на планината, а меѓу нив беше долината. А од Филистејскиот логор излезе еден јунак, по име Голијат, од Гет. Беше висок шест лакти и педа. На главата имаше бакарен шлем; а беше облечен во лушпест оклоп, и оклопот тежеше пет илјади шекели бакар. На нозете имаше бакарни ногавици до над колената и на плеќите свои – бакарен штит. Дршката на копјето негово беше како ткаечко кросно, а самото копје – беше од шестотини шекели железо; пред него одеше оруженосец. И застана тој и викна кон израелските војски, велејќи им: „Зошто сте излегле да војувате? Нели сум јас Филистеец, а вие робови Саулови? Из­берете си еден човек и нека слезе кај мене! Ако тој може да се бие со мене и да ме убие, ние ќе ви бидеме робови; ако, пак, јас го победам и го убијам, вие ќе ни бидете робови и ќе ни служите.“ Рече уште Филистеецот: „Денес ќе ја засрамам војската Израелова; дајте ми човек, и ние двајца ќе се биеме.“ И Саул и сите Израелци кога ги слушнаа тие зборови од Филистеецот, многу се уплашија и ужасија. Давид беше син на еден човек од родот на Ефрата од Витлеем Јудејски, по име Јесеј, кој имаше осум синови; во дните на Саул тој човек беше веќе стар – на поодминати години. Тројцата најстари синови на Јесеј отидоа со Саул во војна. Имињата на тројцата синови што отидоа во војна, беа: најголемиот се викаше Елијав, вториот по него – Авинадав, и третиот – Шама; Давид, пак, беше најмал. Тројцата поголеми отидоа со Саул, а Давид се беше вратил од Саул за да ги пасе овците на таткото свој во Витлеем. А оној Филистеец излегуваше наутро и навечер и се покажуваше така четириесет дена по ред. И Јесеј му рече на синот свој Давид: „Земи за браќата свои ефа печено жито и овие десет леба и однеси ги што поскоро во логорот кај браќата твои. А овие десет пити сирење однеси му ги на илјаданачалникот и распрашај се за здравјето на браќата твои и дознај за потребите нивни.“ Саул и сите тие Израелци се наоѓаа во Теревинтската Долина и се готвеа за борба со Филистејците. Давид изутрината стана рано, ги остави овците на чувар, и откако го зеде товарот, тргна, како што му беше заповедал Јесеј; и дојде во логорот, кога војската беше наредена и со извици се готвеше за борба. Тогаш Израелците и Филистејците се распоредија војска спроти војска. Давид го остави товарот кај чуварот на логорот и потрча кон бојниот ред, дојде и ги запраша браќата свои за здравје. И ете, додека тој разговараше со нив, силниот човек, кому му беше име­то Голијат, Филистеец од Гет, излегуваше од филистејските редови и ги кажуваше истите оние зборови и Давид ги слушна. И сите Израелци, откако ќе го видеа тој човек, бегаа од него и многу се плашеа. Израелците велеа: „Го гледате ли оној човек што излегува? Тој излегува за да го навредува Израел; а кога би го убил некој, царот би го наградил со големо богатство, и би му ја дал ќерката своја за жена, а домот на татко му би му го направил слободен во Израел.“ И Давид им рече на оние што стоеја со него: „Што ќе му направат на оној што ќе го убие оној Филистеец и ќе го симне срамот од Израел? Зашто, кој е тој необрезан Филистеец што ја навредува војската на живиот Бог?“ И тие му ги рекоа истите зборови, додавајќи: „Ете, тоа ќе му направат на оној човек што ќе го убие.“ Елијав, најголемиот брат на Давид, слушна што говореше тој со луѓето, и му се налути Елијав на Давид, па му рече: „Зошто си дошол тука и на кого им ги остави оние малку овци во пустината? Ја познавам твојата дрскост и твоето лошо срце. Ти си дошол да ја гледаш борбата.“ А Давид рече: „Па што сум напра­вил? Нели се тоа само зборови?“ Па се сврте од него кон друг и ги говореше истите зборови, а луѓето му одговараа како и порано. Се слушнаа зборовите што Давид ги говореше, и му ги соопштија на Саул, и тој го повика. И му рече Давид на Саул: „Никој нека не паѓа со духот пред овој; твојот роб ќе отиде и ќе се бори против тој Филистеец.“ А Саул му рече на Давид: „Не мо­жеш да одиш против Филистеецот, да се бориш против него, зашто ти си уште момче, а тој е војник уште од раната младост.“ Тогаш Давид му рече на Саул: „Секогаш кога твојот слуга ги пасеше татковите си овци, ако случајно дојдеше некој лав, или мечка, и ќе одвлечеше овца од стадото, јас се спуштав по нив, ги напаѓав и им ја одземав од устата нивна. Ако, пак, тие се нафрлеа врз мене, јас ги фаќав за гривата, ги удирав и ги убивав. Лав и мечка убивал твојот слуга, а и со овој необрезан Филистеец ќе стане истото како со нив, бидејќи ја навредува војската на живиот Бог.“ Давид рече уште: „Господ, Кој ме спасуваше од канџите на лавот и меч­ката, ќе ме спаси и од рацете на овој Филистеец.“ Саул го облече Давид со облеката своја, му стави на главата бакарен шлем, и му навлече железен оклоп. Давид го опаша мечот негов врз об­леката и се обиде да оди, бидејќи никогаш не одел со такво вооружување. И Давид му рече на Саул: „Не можам да одам со ова, не сум навикнат.“ И го симна Давид сето тоа од себе. Па го зеде в рака стапот свој, си одбра пет мазни камчиња од потокот, ги стави во овчарската торбичка што беше со него; и со торбичката и праќата в рака излезе против Филистеецот. Излезе и Филистеецот, одејќи и приближувајќи се кон Давид, и пред него одеше оруженосецот. Погледна Филистеецот, и откако го виде Давид, со потсмев го изгледа, бидејќи беше млад, рус и убав. Филистеецот му рече на Давид: „Зошто си тргнал против мене со стап? Да не сум куче?“ Филистеецот го проколна Давид со боговите свои. И Филистеецот му рече на Давид: „Приближи се до мене, и ќе им го дадам телото твое на птиците небески и на ѕверовите полски.“ Давид му одговори на Филистеецот: „Ти одиш против мене со меч, копје и штит, јас, пак, одам против тебе во името на Господ Саваот, Бог на израелската војска што ти ја навредуваш. Сега ќе те предаде Господ во раката моја, и јас ќе те убијам, ќе ја симнам од тебе главата твоја, и ќе им ги дадам и труповите на филистејската војска на птиците небески и ѕверовите земни, и целата земја ќе дознае дека има Бог во Израел; и сите овие луѓе ќе разберат дека Господ не спасува со меч и копје, зашто тоа е војна на Господ, и Тој ќе ве предаде во рацете наши.“ Кога Филистеецот се исправи и почна да пристапува и да се прибли­жува кон Давид, Давид брзо се стрча кон местото на борбата против Филис­теецот, и бркна со раката во торбата, извади оттаму еден камен и фрли со праќата, та го удри Филистеецот в чело, така што каменот се заби во челото негово, и тој падна ничкум на земјата. Така, со праќа и камен, го победи Давид Филистеецот; го удри Филистее­цот и го уби; а Давид немаше меч во рацете. Тогаш Давид се стрча, и откако стапна врз Филистеецот, зеде та го извлече мечот негов од ножницата, го удри и ја пресече со него главата негова. Филистејците, кога видоа дека нивниот јунак умре, почнаа да бегаат. И се кренаа мажите израелски и јудејски, викнаа и ги гонеа Филистеј­ците до влезот во долината и до портите на Екрон. И убиените Филистејци паѓаа по патот Шаараим до Гет и до Екрон. Откако ги прогонија Филистејците, Израеловите синови се вратија и го разграбија нивниот логор. Давид ја зеде главата на Филистее­цот и ја однесе во Ерусалим, а оружјето го стави во шаторот свој. Кога Саул го виде Давид како излегува против Филистеецот, тогаш го запраша Авенир, началникот на војската: „Авенир, чиј син е тоа момче?“ Авенир му одговори: „Се колнам во твојата душа, царе, не знам.“ И царот тогаш рече: „Ајде прашај, чиј син е тоа момче?“ А кога Давид се враќаше, откако го уби Филистеецот, Авенир го зеде и го доведе кај Саул, и главата на Филистее­цот беше во раката негова. И Саул го запраша: „Чиј син си, момче?“ Давид одговори: „Син на твојот слуга Јесеј од Витлеем.“

1 Самоилова 17:1-58 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Филистејците ги собраа своите чети и се состанаа кај Сокхот во Јудеја. Се влогорија меѓу Сокхот и Азика кај Ефес Дамим. А Саул и Израелците се собраа и се влогорија во Теребинската Долина и се наредија за бој против Филистејците. Филистејците стоеја на гората од едната страна, Израелците на гората од другата страна, а долината беше меѓу нив. Од филистејските редови излезе еден предизвикувач. Се викаше Голијат, а беше од Гат. Беше висок шест лакти и една педа. На главата имаше бронзена кацига, беше облечен во лушпест оклоп, а оклопот му беше тежок пет илјади бронзени сикли. На нозете имаше бронзени ногалки, а на рамената бронзен штит. Дршката на неговото копје беше како ткајачко кросно, а врвот на копјето тежеше шест стотини железни сикли. Пред него врвеше штитоносец. Тој застана пред израелските бојни редици и им викна: „Зашто сте излегле да се наредите за битка? Не сум ли јас Филистеец, а вие Саулови слуги? Изберете од вас еден човек па нека слезе кон мене! Ако победи во борбата против мене и ако ме погуби, ние ќе бидеме ваши слуги. Ако пак јас го победам него и го погубам, тогаш вие ќе бидете наши слуги и ќе ни робувате.“ Филистеецот рече уште: „Јас денес ги предизвикав Израелевите бојни редови. Дајте ми човек за да се обидеме во двобој!“ Кога Саул и сиот Израел чуја што рече Филистеецот, ги опфати страв и трепет. Давид му беше син на некој си Ефраќанец од Витлеем во Јудеја; тој се викаше Јесеј, а имаше осум синови. Тој човек, во Сауловото време, беше стар и напреднат во годините. Трите најстари Јесееви синови беа отишле по Саула во војна; а тие три негови синови, кои беа отишле во војна, се викаа: најстариот Елијав, вториот Авинадав, а третиот Сама. Давид беше најмлад. А трите најстари беа отишле по Саула. Давид одеше кај Саула и се враќаше од неговата служба, за да ги пасе стадата на својот татко во Витлеем. А Филистеецот излегуваше секое утро и вечер и се покажуваше така четириесет дни. А Јесеј му рече на својот син Давид: „Земи ги за своите браќа оваа ефа пржено жито и овие десет лебови и однеси ги побрзо кај своите браќа во логорот. А оние десет пити сирење, однеси ги на нивниот илјадник. Распрашај се за здравјето на своите браќа и донеси од нив знак дека си го извршил налогот! Тие се со Саула и со сите Израелци во Илинската Долина: војуваат против Филистејците.“ Давид стана рано наутро, му го остави стадото на еден чувар, се приготви и отиде како што му беше заповедал Јесеј. Стигна во логорот кога војската излегуваше во боен ред и дигаше боен восклик. Израелците и Филистејците се наредија во боен ред едни спроти други. Давид ги остави своите работи на чуварот на спремата па отрча во бојниот ред. Откако дојде ги праша своите браќа за здравјето. Додека разговараше со нив, ете, оној предизвикувачот (се викаше Голијат, Филистеец од Гат) излезе од филистејските бојни редови и ги повтори истите зборови како порано. И Давид ги чу. А штом Израелците го здогледаа тој човек, избегаа сите далеку од него, и страв ги опфати. Некој Израелец рече: „Дали го видовте оној човек што излезе? А излезе да го предизвикува Израел. Кој ќе го погуби него, царот ќе му даде големо благо, и ќе му ја даде својата ќерка, и ќе го ослободи од данок неговиот татковски дом во Израел.“ Тогаш Давид ги праша луѓето, кои стоеја околу него: „Што ќе добие човекот, кој ќе го убие тој Филистеец и го симне срамот од Израел? И кој е тој необрезан Филистеец, за да ги предизвикува бојните редови на живиот Бог?“ А народот му одговори со истите зборови како порано: „Ете тоа ќе добие човекот, кој ќе го погуби.“ А кога Елиав, неговиот најстар брат, чу како разговараше со луѓето, пламна со гнев против Давида па му рече: „А што си дошол ти тука? Кому му ги остави оние малку овци во пустината, ја знам јас твојата дрскост и злобата на твоето срце: дојде за да ја видиш битката!“ А Давид одговори: „А што направив? Зар не смее да се рече ни збор?“ Тогаш се сврти од него кон друг и го праша со истите зборови како порано. Народот му одговори исто како првиот пат. Кога луѓето чуја што зборува Давид, му го јавија тоа на Саула, а тој го повика пред себе. Давид му рече на Саула: „Нека никому не му омалодуши заради оној човек! Твојот слуга ќе излезе и ќе се бори со тој Филистеец.“ Ама Саул му одговори на Давида: „Не можеш ти да излезеш против тој Филистеец за да се бориш со него, зашто ти си уште дете, а тој е воин од својата младост.“ Но Давид му одговори на Саула: „Твојот слуга му ги чуваше овците на својот татко, па кога би дошол лав или мечка па ќе фател овца од стадото, јас отрчував по него, го удирав и му ја истргнував овцата од устата. А ако се кренеше тој против мене го фаќав за гривата и го удирав додека не го убиев. Твојот слуга убил и лав и мечка, па и тој необрезан Филистеец ќе помине како еден од нив, зашто ги предизвика бојните чети на живиот Бог.“ Давид додаде уште: „Господ Кој ме избави од лавовите канџи и од мечкините шепи, ќе ме избави и од рацете на тој Филистеец.“ Тогаш Саул му рече на Давида: „Отиди и Господ нека биде со тебе!“ Саул го облече Давида во својата воена облека, на главата му стави бронзена кацига и му стави оклоп. Му го припаша на Давида својот меч преку облеката, но Давид напразно се обиде да оди, зашто не беше свикнал, па му рече на Саула: „Не можам да одам во тоа, зашто не сум свикнал.“ Затоа сѐ соблече од себе. Давид го зеде својот стап во раката, избра во потокот пет мазни камчиња и ги стави во својата пастирска торба, што му служеше како торба за праќка, та со праќката во раката тргна кон Филистеецот. А Филистеецот сѐ поблиску му се доближуваше на Давида, додека неговиот штитоносец чекореше пред него. А кога Филистеецот погледна и го виде Давида, го презре заради неговата младост - Давид беше младинец, румен, со убаво лице. Затоа Филистеецот му рече на Давида: „Зар сум јас пес да идеш против мене со стапови?“ И почна да го проколнува Давида со своите богови. Потоа Филистеецот му рече на Давида: „Дојди кај мене, за да им го дадам твоето месо на небесните птици и на земните ѕверови!“ А Давид му одговори на Филистеецот: „Ти доаѓаш против мене со меч, со копје и со штит, а јас одам против тебе во името на Господа на Силите, Бога на Израелевите чети, кои ти ги предизвика. Денес Господ ќе те предаде во мојата рака, јас ќе те убијам, ќе ја симнам твојата глава и уште денес ќе им го дадам твоето мртво тело и телата на филистејската војска на небесните птици и на земните ѕверови. Сета земја ќе знае дека има Бог во Израел. И сиот овој собир ќе знае дека Господ не дава победа со меч ни со копје, зашто Господ е господар на битката, и Тој ве предава во наши раце.“ Кога Филистеецот се доближи и тргна кон Давида, Давид излезе од бојните редови и тргна кон Филистеецот. Давид посегна со раката во торбата, извади камче од неа, и го фрли од праќката. И го погоди Филистеецот во челото; камчето му се закачи во челото, и тој падна ничкум на земјата. Така Давид со камче и праќка го победи Филистеецот: го удри Филистеецот и го уби, а немаше меч во раката. Затоа Давид потрча и застана врз Филистеецот, го грабна неговиот меч, го извлече од ножницата и го погуби Филистеецот, отсечувајќи му ја главата. Кога Филистејците видоа како загина нивниот јунак се нафрлија во бегство. Тогаш станаа Израелците и Јудејците и извикувајќи ги спотераа Филистејците до окопите околу Гат и до градските врати на Акарон; филистејските мртви го покрија патот од Сараим сѐ до Гат и до Акарон. Тогаш Израелците се вратија од таа жестока потера по Филистејците и го ограбија нивниот логор. А Давид ја зеде главата на Филистеецот и ја однесе во Ерусалим, а неговото оружје го стави во својот шатор. Кога Саул го виде Давида како излегува пред Филистеецот, го праша својот војвода Авенир: „Чиј син е тој младинец, Авенире?“ А Авенир одговори: „Жив да ми е твојот живот, цару не знам!“ А царот му рече: „Распрашај се чиј син е тој младинец!“ А кога се врати Давид, откако го погуби Филистеецот, Авенир го зеде и го доведе пред Саула, а Давид уште ја држеше филистеевата глава во раката. Саул го праша: „Чиј син си ти момче?“ А Давид му одговори: „Син сум на твојот слуга Витлеемецот Јесеј.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност