Филистејците ги собраа војските свои за војна, се сместија во Сохо, град јудејски, и поставија логор меѓу Сохо и Азека, во Ефес-Дамим. А Саул и Израелците се собраа и си поставија логор во Теревинтската Долина и се подготвија за војна против Филистејците. И застанаа Филистејците од едната страна на планината, и Израелците од другата страна на планината, а меѓу нив беше долината. А од Филистејскиот логор излезе еден јунак, по име Голијат, од Гет. Беше висок шест лакти и педа. На главата имаше бакарен шлем; а беше облечен во лушпест оклоп, и оклопот тежеше пет илјади шекели бакар. На нозете имаше бакарни ногавици до над колената и на плеќите свои – бакарен штит. Дршката на копјето негово беше како ткаечко кросно, а самото копје – беше од шестотини шекели железо; пред него одеше оруженосец. И застана тој и викна кон израелските војски, велејќи им: „Зошто сте излегле да војувате? Нели сум јас Филистеец, а вие робови Саулови? Изберете си еден човек и нека слезе кај мене! Ако тој може да се бие со мене и да ме убие, ние ќе ви бидеме робови; ако, пак, јас го победам и го убијам, вие ќе ни бидете робови и ќе ни служите.“ Рече уште Филистеецот: „Денес ќе ја засрамам војската Израелова; дајте ми човек, и ние двајца ќе се биеме.“ И Саул и сите Израелци кога ги слушнаа тие зборови од Филистеецот, многу се уплашија и ужасија. Давид беше син на еден човек од родот на Ефрата од Витлеем Јудејски, по име Јесеј, кој имаше осум синови; во дните на Саул тој човек беше веќе стар – на поодминати години. Тројцата најстари синови на Јесеј отидоа со Саул во војна. Имињата на тројцата синови што отидоа во војна, беа: најголемиот се викаше Елијав, вториот по него – Авинадав, и третиот – Шама; Давид, пак, беше најмал. Тројцата поголеми отидоа со Саул, а Давид се беше вратил од Саул за да ги пасе овците на таткото свој во Витлеем. А оној Филистеец излегуваше наутро и навечер и се покажуваше така четириесет дена по ред. И Јесеј му рече на синот свој Давид: „Земи за браќата свои ефа печено жито и овие десет леба и однеси ги што поскоро во логорот кај браќата твои. А овие десет пити сирење однеси му ги на илјаданачалникот и распрашај се за здравјето на браќата твои и дознај за потребите нивни.“ Саул и сите тие Израелци се наоѓаа во Теревинтската Долина и се готвеа за борба со Филистејците. Давид изутрината стана рано, ги остави овците на чувар, и откако го зеде товарот, тргна, како што му беше заповедал Јесеј; и дојде во логорот, кога војската беше наредена и со извици се готвеше за борба. Тогаш Израелците и Филистејците се распоредија војска спроти војска. Давид го остави товарот кај чуварот на логорот и потрча кон бојниот ред, дојде и ги запраша браќата свои за здравје. И ете, додека тој разговараше со нив, силниот човек, кому му беше името Голијат, Филистеец од Гет, излегуваше од филистејските редови и ги кажуваше истите оние зборови и Давид ги слушна. И сите Израелци, откако ќе го видеа тој човек, бегаа од него и многу се плашеа. Израелците велеа: „Го гледате ли оној човек што излегува? Тој излегува за да го навредува Израел; а кога би го убил некој, царот би го наградил со големо богатство, и би му ја дал ќерката своја за жена, а домот на татко му би му го направил слободен во Израел.“ И Давид им рече на оние што стоеја со него: „Што ќе му направат на оној што ќе го убие оној Филистеец и ќе го симне срамот од Израел? Зашто, кој е тој необрезан Филистеец што ја навредува војската на живиот Бог?“ И тие му ги рекоа истите зборови, додавајќи: „Ете, тоа ќе му направат на оној човек што ќе го убие.“ Елијав, најголемиот брат на Давид, слушна што говореше тој со луѓето, и му се налути Елијав на Давид, па му рече: „Зошто си дошол тука и на кого им ги остави оние малку овци во пустината? Ја познавам твојата дрскост и твоето лошо срце. Ти си дошол да ја гледаш борбата.“ А Давид рече: „Па што сум направил? Нели се тоа само зборови?“ Па се сврте од него кон друг и ги говореше истите зборови, а луѓето му одговараа како и порано. Се слушнаа зборовите што Давид ги говореше, и му ги соопштија на Саул, и тој го повика. И му рече Давид на Саул: „Никој нека не паѓа со духот пред овој; твојот роб ќе отиде и ќе се бори против тој Филистеец.“ А Саул му рече на Давид: „Не можеш да одиш против Филистеецот, да се бориш против него, зашто ти си уште момче, а тој е војник уште од раната младост.“ Тогаш Давид му рече на Саул: „Секогаш кога твојот слуга ги пасеше татковите си овци, ако случајно дојдеше некој лав, или мечка, и ќе одвлечеше овца од стадото, јас се спуштав по нив, ги напаѓав и им ја одземав од устата нивна. Ако, пак, тие се нафрлеа врз мене, јас ги фаќав за гривата, ги удирав и ги убивав. Лав и мечка убивал твојот слуга, а и со овој необрезан Филистеец ќе стане истото како со нив, бидејќи ја навредува војската на живиот Бог.“ Давид рече уште: „Господ, Кој ме спасуваше од канџите на лавот и мечката, ќе ме спаси и од рацете на овој Филистеец.“ Саул го облече Давид со облеката своја, му стави на главата бакарен шлем, и му навлече железен оклоп. Давид го опаша мечот негов врз облеката и се обиде да оди, бидејќи никогаш не одел со такво вооружување. И Давид му рече на Саул: „Не можам да одам со ова, не сум навикнат.“ И го симна Давид сето тоа од себе. Па го зеде в рака стапот свој, си одбра пет мазни камчиња од потокот, ги стави во овчарската торбичка што беше со него; и со торбичката и праќата в рака излезе против Филистеецот. Излезе и Филистеецот, одејќи и приближувајќи се кон Давид, и пред него одеше оруженосецот. Погледна Филистеецот, и откако го виде Давид, со потсмев го изгледа, бидејќи беше млад, рус и убав. Филистеецот му рече на Давид: „Зошто си тргнал против мене со стап? Да не сум куче?“ Филистеецот го проколна Давид со боговите свои. И Филистеецот му рече на Давид: „Приближи се до мене, и ќе им го дадам телото твое на птиците небески и на ѕверовите полски.“ Давид му одговори на Филистеецот: „Ти одиш против мене со меч, копје и штит, јас, пак, одам против тебе во името на Господ Саваот, Бог на израелската војска што ти ја навредуваш. Сега ќе те предаде Господ во раката моја, и јас ќе те убијам, ќе ја симнам од тебе главата твоја, и ќе им ги дадам и труповите на филистејската војска на птиците небески и ѕверовите земни, и целата земја ќе дознае дека има Бог во Израел; и сите овие луѓе ќе разберат дека Господ не спасува со меч и копје, зашто тоа е војна на Господ, и Тој ќе ве предаде во рацете наши.“ Кога Филистеецот се исправи и почна да пристапува и да се приближува кон Давид, Давид брзо се стрча кон местото на борбата против Филистеецот, и бркна со раката во торбата, извади оттаму еден камен и фрли со праќата, та го удри Филистеецот в чело, така што каменот се заби во челото негово, и тој падна ничкум на земјата. Така, со праќа и камен, го победи Давид Филистеецот; го удри Филистеецот и го уби; а Давид немаше меч во рацете. Тогаш Давид се стрча, и откако стапна врз Филистеецот, зеде та го извлече мечот негов од ножницата, го удри и ја пресече со него главата негова. Филистејците, кога видоа дека нивниот јунак умре, почнаа да бегаат. И се кренаа мажите израелски и јудејски, викнаа и ги гонеа Филистејците до влезот во долината и до портите на Екрон. И убиените Филистејци паѓаа по патот Шаараим до Гет и до Екрон. Откако ги прогонија Филистејците, Израеловите синови се вратија и го разграбија нивниот логор. Давид ја зеде главата на Филистеецот и ја однесе во Ерусалим, а оружјето го стави во шаторот свој.
Кога Саул го виде Давид како излегува против Филистеецот, тогаш го запраша Авенир, началникот на војската: „Авенир, чиј син е тоа момче?“ Авенир му одговори: „Се колнам во твојата душа, царе, не знам.“ И царот тогаш рече: „Ајде прашај, чиј син е тоа момче?“ А кога Давид се враќаше, откако го уби Филистеецот, Авенир го зеде и го доведе кај Саул, и главата на Филистеецот беше во раката негова. И Саул го запраша: „Чиј син си, момче?“ Давид одговори: „Син на твојот слуга Јесеј од Витлеем.“