Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 17:1-19

1 Самоилова 17:1-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Филистејците ги собраа војските свои за војна, се сместија во Сохо, град јудејски, и поставија логор меѓу Сохо и Азека, во Ефес-Дамим. А Саул и Израелците се собраа и си поставија логор во Теревинтската Долина и се подготвија за војна против Филистејците. И застанаа Филистејците од едната страна на планината, и Израелците од другата страна на планината, а меѓу нив беше долината. А од Филистејскиот логор излезе еден јунак, по име Голијат, од Гет. Беше висок шест лакти и педа. На главата имаше бакарен шлем; а беше облечен во лушпест оклоп, и оклопот тежеше пет илјади шекели бакар. На нозете имаше бакарни ногавици до над колената и на плеќите свои – бакарен штит. Дршката на копјето негово беше како ткаечко кросно, а самото копје – беше од шестотини шекели железо; пред него одеше оруженосец. И застана тој и викна кон израелските војски, велејќи им: „Зошто сте излегле да војувате? Нели сум јас Филистеец, а вие робови Саулови? Из­берете си еден човек и нека слезе кај мене! Ако тој може да се бие со мене и да ме убие, ние ќе ви бидеме робови; ако, пак, јас го победам и го убијам, вие ќе ни бидете робови и ќе ни служите.“ Рече уште Филистеецот: „Денес ќе ја засрамам војската Израелова; дајте ми човек, и ние двајца ќе се биеме.“ И Саул и сите Израелци кога ги слушнаа тие зборови од Филистеецот, многу се уплашија и ужасија. Давид беше син на еден човек од родот на Ефрата од Витлеем Јудејски, по име Јесеј, кој имаше осум синови; во дните на Саул тој човек беше веќе стар – на поодминати години. Тројцата најстари синови на Јесеј отидоа со Саул во војна. Имињата на тројцата синови што отидоа во војна, беа: најголемиот се викаше Елијав, вториот по него – Авинадав, и третиот – Шама; Давид, пак, беше најмал. Тројцата поголеми отидоа со Саул, а Давид се беше вратил од Саул за да ги пасе овците на таткото свој во Витлеем. А оној Филистеец излегуваше наутро и навечер и се покажуваше така четириесет дена по ред. И Јесеј му рече на синот свој Давид: „Земи за браќата свои ефа печено жито и овие десет леба и однеси ги што поскоро во логорот кај браќата твои. А овие десет пити сирење однеси му ги на илјаданачалникот и распрашај се за здравјето на браќата твои и дознај за потребите нивни.“ Саул и сите тие Израелци се наоѓаа во Теревинтската Долина и се готвеа за борба со Филистејците.

1 Самоилова 17:1-19 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Филистејците ги собраа своите чети и се состанаа кај Сокхот во Јудеја. Се влогорија меѓу Сокхот и Азика кај Ефес Дамим. А Саул и Израелците се собраа и се влогорија во Теребинската Долина и се наредија за бој против Филистејците. Филистејците стоеја на гората од едната страна, Израелците на гората од другата страна, а долината беше меѓу нив. Од филистејските редови излезе еден предизвикувач. Се викаше Голијат, а беше од Гат. Беше висок шест лакти и една педа. На главата имаше бронзена кацига, беше облечен во лушпест оклоп, а оклопот му беше тежок пет илјади бронзени сикли. На нозете имаше бронзени ногалки, а на рамената бронзен штит. Дршката на неговото копје беше како ткајачко кросно, а врвот на копјето тежеше шест стотини железни сикли. Пред него врвеше штитоносец. Тој застана пред израелските бојни редици и им викна: „Зашто сте излегле да се наредите за битка? Не сум ли јас Филистеец, а вие Саулови слуги? Изберете од вас еден човек па нека слезе кон мене! Ако победи во борбата против мене и ако ме погуби, ние ќе бидеме ваши слуги. Ако пак јас го победам него и го погубам, тогаш вие ќе бидете наши слуги и ќе ни робувате.“ Филистеецот рече уште: „Јас денес ги предизвикав Израелевите бојни редови. Дајте ми човек за да се обидеме во двобој!“ Кога Саул и сиот Израел чуја што рече Филистеецот, ги опфати страв и трепет. Давид му беше син на некој си Ефраќанец од Витлеем во Јудеја; тој се викаше Јесеј, а имаше осум синови. Тој човек, во Сауловото време, беше стар и напреднат во годините. Трите најстари Јесееви синови беа отишле по Саула во војна; а тие три негови синови, кои беа отишле во војна, се викаа: најстариот Елијав, вториот Авинадав, а третиот Сама. Давид беше најмлад. А трите најстари беа отишле по Саула. Давид одеше кај Саула и се враќаше од неговата служба, за да ги пасе стадата на својот татко во Витлеем. А Филистеецот излегуваше секое утро и вечер и се покажуваше така четириесет дни. А Јесеј му рече на својот син Давид: „Земи ги за своите браќа оваа ефа пржено жито и овие десет лебови и однеси ги побрзо кај своите браќа во логорот. А оние десет пити сирење, однеси ги на нивниот илјадник. Распрашај се за здравјето на своите браќа и донеси од нив знак дека си го извршил налогот! Тие се со Саула и со сите Израелци во Илинската Долина: војуваат против Филистејците.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност