Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 САМОИЛ 17:1-19

1 САМОИЛ 17:1-19 MKB

Филистејците ги собраа своите чети и се состанаа кај Сокхот во Јудеја. Се влогорија меѓу Сокхот и Азика кај Ефес Дамим. А Саул и Израелците се собраа и се влогорија во Теребинската Долина и се наредија за бој против Филистејците. Филистејците стоеја на гората од едната страна, Израелците на гората од другата страна, а долината беше меѓу нив. Од филистејските редови излезе еден предизвикувач. Се викаше Голијат, а беше од Гат. Беше висок шест лакти и една педа. На главата имаше бронзена кацига, беше облечен во лушпест оклоп, а оклопот му беше тежок пет илјади бронзени сикли. На нозете имаше бронзени ногалки, а на рамената бронзен штит. Дршката на неговото копје беше како ткајачко кросно, а врвот на копјето тежеше шест стотини железни сикли. Пред него врвеше штитоносец. Тој застана пред израелските бојни редици и им викна: „Зашто сте излегле да се наредите за битка? Не сум ли јас Филистеец, а вие Саулови слуги? Изберете од вас еден човек па нека слезе кон мене! Ако победи во борбата против мене и ако ме погуби, ние ќе бидеме ваши слуги. Ако пак јас го победам него и го погубам, тогаш вие ќе бидете наши слуги и ќе ни робувате.“ Филистеецот рече уште: „Јас денес ги предизвикав Израелевите бојни редови. Дајте ми човек за да се обидеме во двобој!“ Кога Саул и сиот Израел чуја што рече Филистеецот, ги опфати страв и трепет. Давид му беше син на некој си Ефраќанец од Витлеем во Јудеја; тој се викаше Јесеј, а имаше осум синови. Тој човек, во Сауловото време, беше стар и напреднат во годините. Трите најстари Јесееви синови беа отишле по Саула во војна; а тие три негови синови, кои беа отишле во војна, се викаа: најстариот Елијав, вториот Авинадав, а третиот Сама. Давид беше најмлад. А трите најстари беа отишле по Саула. Давид одеше кај Саула и се враќаше од неговата служба, за да ги пасе стадата на својот татко во Витлеем. А Филистеецот излегуваше секое утро и вечер и се покажуваше така четириесет дни. А Јесеј му рече на својот син Давид: „Земи ги за своите браќа оваа ефа пржено жито и овие десет лебови и однеси ги побрзо кај своите браќа во логорот. А оние десет пити сирење, однеси ги на нивниот илјадник. Распрашај се за здравјето на своите браќа и донеси од нив знак дека си го извршил налогот! Тие се со Саула и со сите Израелци во Илинската Долина: војуваат против Филистејците.“