Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 16:1-13

1 Самоилова 16:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Му рече Господ на Самоил: „До кога ќе патиш по Саул, кого Јас го отфрлив да не биде цар на Израел? Понеси со себе масло и оди; Јас ќе те испратам кај витлеемецот Јесеј, зашто меѓу неговите синови си согледав цар.“ Тогаш Самоил рече: „Како да одам? Саул ќе чуе и ќе ме убие.“ Господ рече: „Потерај од стадото свое една јуничка и кажи: – дојдов да му принесам жртва на Господ; покани го и Јесеј на жртвата; Јас ќе ти кажам што да правиш, и ти ќе Ми го помазаш оној, кого ќе ти го посочам.“ И Самоил направи, како што му кажа Господ. Кога дојде во Витлеем, старешините градски се уплашија и излегоа да го пресретнат и запрашаа: „Со мир ли доаѓаш?“ Тој одговори: „Со мир; дојдов да Му принесам жртва на Господ; осветете се и дојдете со мене на принесување жртва.“ И го освети тој Јесеј и синовите негови и ги покани на жртвата. И кога дојдоа тие, тој штом го виде Елијав, рече: „Секако, овој е пред Гос­под помазаникот Негов!“ Но Господ му рече на Самоил: „Не гледај на лицето негово и високиот негов раст; Јас го отфрлив. Јас не гле­дам така, како што гледа човек, зашто човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето.“ И го повика Јесеј Авинадав и го доведе кај Самоил, па рече Самоил: „И овој Господ не го избрал.“ Јесеј го доведе Шама, и Самоил ре­че: „И овој не е избран од Господ.“ Така Јесеј ги доведе пред Самоил седумте синови свои, но Самоил му рече на Јесеј: „Ни еден од нив Господ не избрал.“ Самоил го запраша Јесеј: „Сите деца твои ли се овие?“ Јесеј одговори: „Остана уште најмалиот; тој ги пасе овците.“ И му рече Самоил на Јесеј: „Испрати, и доведи го, зашто нема да седнеме да јадеме, додека тој не дојде овде.“ Тогаш Јесеј испрати, и го доведоа. Тој беше рус, со убави очи и пријатно лице. И Господ рече: „Стани, помазај го, зашто тоа е тој.“ Самоил го зеде рогот со масло и го помаза среде браќата негови, и Духот Господов почиваше врз Давид од тој ден и подоцна. Потоа Самоил стана и отиде во Рама.

1 Самоилова 16:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Господ му рече на Самоила: „До кога ќе тажиш заради Саула, кога Јас го отфрлив, за да не царува веќе над Израел? Наполни го својот рог со масло и тргни на пат! Јас те праќам при Витлеемецот Јесеј, зашто си избрав цар од неговите синови.“ А Самоил рече: „Како би можел да одам таму? Саул ќе чуе за тоа, и ќе ме убие!“ Ама Господ му одговори: „Земи со себе јуница па речи: ‘Дојдов за да Му жртвувам на Господа,’ и повикај го Јесеја на жртвата, а Јас Самиот ќе те поучам што ќе правиш: ќе го помажеш оној кого што ќе ти го посочам.“ Самоил направи како што му рече Господ. Кога дојде во Витлеем, градските старешини му дојдоа треперејќи во пресрет и го прашаа: „Значи ли мир твоето доаѓање?“ Самоил одговори: „Да, мир! Дојдов да Му жртвувам на Господа. Очистете се и дојдете со мене на жртвата!“ Потоа ги очисти Јесеја и неговите синови и ги повика на жртва. Кога дојдоа и кога Самоил го виде Елијав, си рече во себеси: „Без сомнение, еве пред Господа стои Неговиот помазаник!“ Но Господ му рече на Самоила: „Не гледај на неговата надворешност, ни на неговиот висок раст, зашто го отфрлив. Бог не гледа како што гледа човекот: човекот гледа на лице, а Господ гледа што е во срцето.“ Потоа Јесеј го повика Авинадава и го доведе пред Самоила. А тој рече: „Господ не го избра ни овој.“ Тогаш Јесеј го доведе Сама, ама Самоил рече: „Господ не го избра ни овој.“ Така Јесеј ги доведе своите седум синови пред Самоила, ама Самоил рече: „Господ не избра ниеден од овие.“ Потоа го праша Јесеја: „Дали се тоа сите твои синови?“ А тој одговори: „Остана најмладиот, тој е на пасиште, по стадото.“ Тогаш Самоил му рече на Јесеја: „Испрати по него, зашто нема да седнам покрај столот додека тој не дојде.“ Јесеј испрати по него: тоа беше румен момок, со убави очи и убава става. И Господ му рече на Самоила; „Стани помажи го: тој е!“ Самоил го зеде рогот со маслото, и го помаза среде неговите браќа. Господовиот Дух го опфати Давида од оној ден. А Самоил тргна на пат и отиде во Рама.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност